Што содржи новиот предлог Закон за следење на комуникациите | Правдико

Правдико

   

Што содржи новиот предлог Закон за следење на комуникациите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со предложениот закон се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија со цел нивна соодветна практична имплементација.

Предлогот на Закон за следење на комуникациите се заснова врз следните начела:

– почитување на човековите слободи и права утврдени со устав, закон и ратификувани меѓународни договори и

– забрана за следење на комуникациите од овој закон без судска наредба.

Содржински Законот за следење на комуникациите е поделен во седум глави и тоа: Општи одредби, Постапка за спроведување посебна истражна мерка, Услови и постапка за спроведување на мерки за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата, Надзор и контрола над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, Обврски за ОТА и операторите, Прекршочни одредби и Преодни и завршни одредби.

Во првата глава, со членот 1 е пропишан предметот на уредување на предложениот закон. Имено, овој закон ги уредува: постапката за спроведување посебна истражна мерка: следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации; условите и постапката за спроведување на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата; обврски за Оперативно – техничката агенција и операторите, како и надзор и контрола на примена на мерките за следење на комуникациите.

Во членот 3 содржани се основните начела за спроведување на мерките за следење на комуникациите, а во членот 4 се дефинирани одделни изрази употребени во предложениот закон.

Во втората глава детално е разработена постапката за спроведување посебната истражна мерка: следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации, почнувајќи од барањето за донесување наредба за нејзино спроведување, неговата содржина, издадената усна или писмена наредба за спроведување на посебната истражна мерка, вклучувајќи ги и анонимизираните примероци за потребите на Оперативно-техничката агенција и за потребите за вршење на надзорот и контролата, улогата на јавниот обвинител за време на спроведувањето на мерката, обврската на овластените лица на правосудната полиција за изготвување извештаи за информирање на јавниот обвинител, како и начинот на чување и ништење на податоците собрани со посебната истражна мерка.

Третата глава ги уредува условите и постапката за спроведување на мерки за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата. Имено, во член 17 конкретно се утврдени мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата и тоа: следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации; надзор и техничко снимање на внатрешноста на објекти, затворени простории и предмети  и влез во тие објекти, затворени простории и предмети, заради создавање услови за спроведување на мерката; следење и набљудување со светлосно снимање на лица на отворен простор и на јавни места; следење и набљудување со звучно снимање на содржината на комуникациите на лица на отворен простор и на јавни места. Во продолжение на оваа глава утврдени се случаите во кои може Врховниот суд да нареди спроведување на мерки за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата. Во членовите 18 до 30 детално е разработена целата постапка за спроведување на наведените мерки. Имено,  Јавниот обвинител на Република Македонија, на предлог на министерот за внатрешни работи или министерот за одбрана, или од нив овластени лица поднесува барање за донесување наредба за спроведување на горенаведените мерки за следење на комуникациите. По барањето одлучува судија на Врховниот суд, кој за таа цел издава наредба, чија содржина е детално пропишана, која преку Јавниот обвинител на Република Македонија се проследува до овластеното лице во органот – предлагач. Овластеното лице анонимизирани примероци од наредбата доставува до овластеното лице во Оперативно-техничката агенција.

Заради обезбедување доследна примена на предложените законски решенија, од исклучително значење е утврдувањето на надзор и контрола над спроведување на мерките за следење на комуникаците, уредени во глава IV. Во овој дел се разработени составот и надлежностите на надзорните тела предвидени во предложениот закон и тоа: Собранието на Република Македонија, Советот за граѓанска контрола, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на лични  податоци и Народниот правобранител на Република Македонија, во областа на следењето на комуникациите.

Во понатамошниот дел од Предлогот на Законот за следење на комуникациите се дава осврт на Оперативно-техничката агенција и операторите од аспект на нивните должности во спроведувањето на мерките за следење на комуникациите. Имено, во членот 56 од предложениот закон е утврдено дека по приемот на судската наредба, односно писменото известување за издадена усна судска наредба, овластеното лице во Оперативно-техничката агенција е должно веднаш да ја активира и направи достапна комуникацијата за која што е издадена наредбата до овластените лица во органите овластени за следење на комуникациите согласно овој закон, како и да овозможи пристап до средствата за собирање податоци од комуникациско-информациските системи на органите овластени за примена на мерките за следење на комуникациите. Во продолжение се нормираат и одредби кои ги содржат и останатите обврски за Оперативно-техничката агенција и операторите и тоа: водење на електронски регистар, водење евиденција на пишани документи, обезбедување на сите неопходни технички услови за овозможување на следење на комуникациите и слично.

Со цел овозможување на потребните предуслови за непречено спроведување на мерките за следење на комуникациите во преодните и завршни одредби се предвидува дека овој закон ќе влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе отпочне да се применува најдоцна до 1 ноември 2018 година.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико