Што содржи Предлог законот за адвокатура | Правдико

Правдико

   

Што содржи Предлог законот за адвокатура

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Адвокатурата е уставно загарантирана категорија и има важна улога во секое демократско општество, но и централна улога во правосудниот систем. Таа е дефинирана во членот 58 од Уставот на Република Северна Македонија како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Таа е регулирана со посебен закон. Првиот Закон за адвокатура се донесе од страна на Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 16 декември 1992 година. Заради подобрување на статусот на адвокатите во општеството и унапредување на независноста на адвокатурата, на 15 јули 2002 година е донесен нов Закон за адвокатура и истиот претпре голем број измени и дополнувања за што се јави потребата од донесување на нов Закон за адвокатура имајќи ги во предвид сегашните услови и реформата на правосудниот сектор во Република Северна Македонија.

Адвокатурата е опфатена со Стратегијата за реформа на Правосудниот сектор 2017 – 2022 и нејзиниот Акциски план, конкретно во рамки на Стратешките цели: Унапредување на квалитетот во правосудниот сектор ( 2.2.) и Пристап до правда (2.6.).

Во Стратешката цел (2.2) ,,Унапредување на квалитетот во правосудниот сектор’’ е  утврдена стратешка насока 2.2.5. -,,Воведување на законска обврска за континуирана обука на адвокатите’’ и мерката ,,Измена на Законот за адвокатура со цел воведување на континуирана обука за адвокатите, организирана од страна на Адвокатска комора со законски утврден фонд на часови на годишно ниво’’.

Актуелната состојба им овозможува на адвокатите нивно стручно усовршување преку посета на обуки од различни области во текот на нивното работење, но со воведувањето на задолжителна континуирана обука, организирана од страна на Адвокатската комора ќе се обезбеди исклучителен придонес кој ќе биде насочен кон јакнење на адвокатската професија.

Во Стратешката цел (2.6.) ,,Сеопфатна анализа на постојната законска поставеност и работа на адвокатската професија и пристапување кон нејзина реформа согласно со реформите во останатите сегменти од  правосудниот сектор’’ е утврдена стратешката насока 2.6.2.3-1 ,,Подготовка на измени на Законот за адвокатура’’.

Основна цел за донесување на овој закон е јакнење на адвокатската професија која ќе може да одговори на реформираниот правосуден сектор.

Законот за адвокатура е структуиран подетално во VI ГЛАВИ во кои детално е уредено обезбедувањето на правна помош на физички и правни лица во остварувањето на нивните права и врз закон засновани интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршење на адвокатска дејност, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење, престанок и мирување на адвокатската дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурувањето на адвокатите од одговорност од штета.

Предложениот тект на Предлог – Законот за Адвокатура е во насока на обезбедување на конзистентост при користење на правната терминологија во Законот односно ќе се изврши јасно прецизирање од номотехнички аспект на одредени законски одредби со цел истите да бидат јасни, недвосмислени и разбирливи и со тоа лесно и подеднакво применливи во сите ситуации и за сите, а од друга страна ќе се исполнат активностите кои произлегуваат од Стратегијата за реформа на Правосудниот сектор 2017 – 2022 година и нејзиниот Акциски план.

Предлог Законот за адвокатура има 53 члена распоредени во V глави.

Првата глава  ги содржи Општите одредби врз кој се заснова законот и има четири члена.

Со членот 1 се уредува обезбедувањето на правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во постапки пред судовите, државните органи, други правни лица, органи на единици на локална самоуправа како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатската дејност и правата и обврските на адвокатите како и нивното осигурување од одговорност од штета.

Со членот 2 се дефинира устаната поставеност на адвокатурата како самостојна и  независна јавна служба која обезбедува и дава правна пмош и врши јавни овластувања согласно закон.

Со членот 3 се уредува правната помош како давање на правни совети, застапување во водење преговори во деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на договори за основање, партнерство и слични акти во врск со основањето или работењето на деловните субјекти, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странки пред судовите, државните органи, органи на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица.

Со членот 4 се предвидува обврска на државните органи, органи на единици на локална самоуправа како и правни и физички лица кои имаат јавни овластувања, на барање на адвокат во рок од седум дена да му ги достават податоците и документите потребни во вршењето на адвокатската дејност во конкретен предмет. Исто така се предвидува неприкосновеност на адвокатсјки книги, досиеја, податоци во електронска форма и истит не можат да бидат прегледувани, копирани или одземени освен во случај предвиден со закон. Истото се однесува и на комуникацијата помегу адвокатите како и мегу адвокатите и нивните странки.

Врората глава се однесува на Вршењето на адвокатската дејност и истата има 33 члена.

Со членот 5 се предвидува самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба да се остварува преку слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокат, организирање на адвокатите во Адвокатска комора нејзино финансирање, автономно донесување на акти за нејзино работење и на нејзините органи и запишување и бришење од адвокатските именици. Адвокатската дејност може да ја вршат само адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на адвокатити како адвокати поединци или во Именикот на Адвокатските друштва како адвокатско друштво.

Со членот 7 се предвидува адвокатот поединец да ја извршува адвокатската дејност самостојно, со право да вработува и други адвокати, адвокатски стручни соработници, адвокати приправници и работници за вршење на административни и други помошни работи.

Со предлог членовите 8  и 9 се уредува основањето на адвокатското друштво, од двајца или повеќе адвокати  со одлука за основање и задолжително запишување во Именикот на адвокатските друштва, врз основа на што се стекнува со статус на правно лице. Адвокатот поединец односно адвокатите основачи на адвокатското друштво по слободен избор го определуваат своето седиште и за секоја промена на истото се должни да ја известат Адвокатската комора во рок од осум дена од денот на извршената промена.

Со предлог членовите 10 и 11 се предвидува издавање на лиценца за работа. Адвокатот откако ќе се запише во Именикот на адвокати, Адвокатската комора му издава лиценца за работа. Постапката за нејзино издавање се уредува со Статутот на комората. Понатаму адвокатот задолжително дава свечана изјава со која се обврзува дејноста да ја обавува совесно и чесно во согласност со Устав, закони и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Адвокатската комора и Кодексот на адвокатската етика.

Во членот 12 се пропишани  условите што треба да ги исполнува лицето за да може да се запише во Именикот на адвокати, покрај општите услови за засновање на работен однос во органи на државната управа истото треба да ужива углед , да е достојно за вршење на адвокатска деујност и да ги исполнува следните услови:

– да е државјанин на Република Северна Македонија или да е државјанин на држава земја членка на Европската унија;

– да е деловно способно;

– има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Северна Македонија со завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1 или со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС) или нострифицирана диплома од правен факултет од странство;

– активно да го зборува македонскиот јазик;

– да има положено правосуден испит во Република Северна  Македонија;

– со правосилна судска одлука да не е осуден на безусловна казна затвор во траење над шест месеци, како и да не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност  или должноста, за време на траење на  санкцијата;

– да не е во работен однос и

– да не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата.

–  да не му престанала функцијата судија, јавен обвинител, државен правобранител или заменик, народен правобранител или заменик, избран или именуван функционер,  односно да не му престанал работниот однос како државен службеник, нотар, заменик или помошник нотар, извршител или заменик извршител, со конечна одлука во судска,  дисциплинска или друга постапка со која е утврдена одговорност во вршење на функцијата односно службата  додека не поминат пет години од конечноста на одлуката и

– да достави доказ за завршена почетна обука при Центарот за едукација на Адвокатската комора .

Во членот 13 е пропишана постапката за упис во имениците на Адвокатската комора. Се предлага по барањето за упис да одлучува надлежен орган на комората кој во определен рок донесува решение за упис. Се предвидува право на жалба до надлежен орган на Адвокатската комора доколку е донесено решение за одбивање на барањето за упис или ако во определениот рок не биде донесено решение по поднесеното барање. Рокот за одлучување по жалбата е 30 дена од денот на приемот на жалбата. Исто така се предлага и право на управен спор против конечното решение на надлежниот орган на Адвокатската комора.

Членот 14 предвидува можност странски адвокат да дава правна помош на територијата на нашата држава само под услови на реципроцитет.

Членовите од 15-22 се однесуваат на правата и должностите на адвокатите .

Адвокатот е слободен , самостоен и независен во својата работа но секогаш во рамките на законот и самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странките. Тој е должен редовно да уплаќа чланарина на Адвокатската комора и постојано стручно да се усовршува заради што со овој предлог на закон е воведена категоријата задолжителна континуирана едукација која се врши преку Центарот за едукација на Адвокатската комора.

Странката го овластува адвокатот односно адвокатското друштво за застапување со полномошно кое содржи потпис и печат на адвокатот и истото не подлежи на дополнителни заверки.

Адвокатот е должен странката да ја застапува совесно и стручно во согласност со закон, Кодекс на адвокатска етика и другите акти на Адвокатската комор и како тајна да го чува она што странката му го доверила. Адвокатот има право да одбие или откаже давање на правна помош во случаи предвидени со закон и актите на комората.

Секоја исправа или поднесок од адвокат мора да содржи потпис и печат на адвокатот. Адвокатот и адвокатското друштво има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност,според Тарифта за награда и надоместок на трошоци. Се предвидува дека адвокатот и адвокатското друштво да не може да вршат дејност или професија кои со Кодексот на адвокатската етика се определени како не соодветни професии и воедно адвокатот може да врши јавна фукција или јавна служба единствено ако се неа не заснова работен однос.

Се предлага заштита на адвокатот во смисла на неможност да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето на правна помош и вршење јавни овластувања ниту притворен за кривично дело сторено во вршењето на адвокатската дејност без претходна согласност од Адвокатската комора. Претрес на адвокатска канцеларија е можно да се врши само во присуство на адвокатот и овластен преставник на Адвокатската комора, само во однос на писмената изречно наведени во решението за претрес. Исто така во адвокатската канцеларија не е можно лишување од слобода ниту спроведување на посебни истражни мерки и дејствиоја над странка која се обратила за правна помош.

Членовите 23 и 24 се однесуваат на основите за престанок и мирување на правото за вршење на адвокатска дејност.

Во предлог законот таксативно се наброени случаите кога на адвокатот може да му престане правото за вршење на адвокатската дејност, односно:

1) се откаже од правото на вршење адвокатска дејност;

2) трајно ја загуби способноста за вршење на адвокатската дејност;

3 престанок на државјанството на Република Северна Македонија;

4) биде лишен од деловна способност;

5) ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност;

6) не врши уплата на коморска членарина ;

7) не се осигура од одговорност за штета нанесена на странката;

8) му е одземена лиценцата за работа;

9) ако по завршувањето на мирувањето на адвокатската дејност, адвокатот не поднесе барање до Адвокатската комора за продолжување со вршење на адвокатска дејност или продолжување на мирување, во рок од 15 дена од денот на престанокот на причините за мирување на адвокатската дејност;

10) нема отворено жиро-сметка во деловна банка, а е регистриран како вршител на дејност во Централниот регистар на Република Северна Македонија;

11) нема засновано работен однос согласно закон;

12) адвокатот или адвокатското друштво на кое што адвокатот е основач и кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија, редовно не поднесуваат годишна даночна пријава во роковите и на начинот пропишани со закон;

13) нема доказ за сопственост или друг правен основ за користење на недвижноста во која има регистрирано седиште на адвокатската канцеларија и во која ја обавува адвокатската дејност, освен ако адвокатот е во редовен работен однос кај адвокат или адвокатско друштво.

14) регистрираното седиште на адвокатот или адвокатското друштво повеќе не ги исполнува условите предвидени во член 9 став (3) од овој закон.

Адвокатот има право на жалба против одлуката за престанок на правото за вршење на адвокатска дејност во рок од 15 дена од денот на приемот , до надлежен орган на Адвокатската комора, а против конечната одлука на Адвокатската комора                        може да поведе управен спор пред надлежен           суд.

Со предлог законот се предвидува адвокатот доколку заснова работен однос како избран или именувано лице на јавна функција ,вршењето на адвокатската дејност да му мирува до престанок на функцијата. Исто така адвокатската дејност мирува на барање на адвокатот : поради болест, негово отсуство или отсуство на брачниот другар заради упатување на работа во странство од страна на државата, стручно усовршување во странство и во случај на засновање на работен однос.

Членовите од 25 до 29 се однесуваат на статусот на адвокатските приправници и адвокатските стручни соработници.

Адвокатски приправници може да се запишат во Именикот на адвокатски приправници ако имаат државјанство на Република Северна Македонија, ги исполнуваат општите услови за засновање на работен однос во орган на државна управа, имаат стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во нашата држава со завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1  или стекнати 300 кредити според ЕКТС трансфер системот или нострифицирана диплома од правен факултет од странство.  Во именикот на адвокатски стручни соработници може да се запише лице кое покрај неведените услови за адвокатски приправник  има положено и правосуден испит.

Адвокатскиот  приправник се оспособува за самостојно вршење на адвокатска дејност и за полагање на правосуден испит. Адвокатскиот приправник и стручен соработник вршат работи определени од адвокатот.

Членовите од 30 до32 се однесуваат на одговорноста на адвокатот во слушај на повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата.

Со законот се предлага одговорност на адвокатот за стручно и совесно вршење на адвокатската должност и за чување на угледот на адвокатурата.

Не извршување или очигледно не совесно вршење на работи на правна помош и вршење на јавни овластувања,  непостапување по овластување и непреземање дејствија што адвокатот е должен да ги преземе во заштита на правата и интересите на странката и повреда на должноста за чување на тајна се сметаат за потешка повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата. За сторена повреда на должноста и угледот на адвокатирата, на адвокатот може да му се изречат дисциплински мерки: јавна опомена, парична казна во висина од десеткратен износ на годишна коморска чланарина и привремено престанување на правото на вршење на адвокатска дејност во траење до три години. Се гарантира правото на жалба за изречена дисциплинска мерка до надлежен орган на Адвокатската комора.

Членовите од 33 до 37 се однесуваат на статусот и надлежноста на Адвокатската комора.

Сите адвокати во нашата држава се организирани во Адвокатска комора, која има својство на правно лице. Во својата работа Адвокатската комора е самостојна и независна. Надлежноста на Адвокатската комора таксативно е наброена во законот односно таа:

1) решава за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатскадејност иупис и бришење во Именикот на адвокатите Именикот на странскитеадвокати,Именикот на адвокатскитестручни соработници и Именикот на адвокатскитеприправници;

2) врши упис и бришење во Именикот на адвокатските друштва и Именикот на странски адвокатски друштва;

3) решава за одговорноста за повреда на адвокатската должност и угледот наадвокатурата;

4) решава за привремена забрана на вршење адвокатска дејност;

5) донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите;

6) донесува акти на Комората;

7) донесува Кодекс на адвокатската етика;

8) се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатите, адвокатските стручнисоработници и адвокатските приправници и

9)  формира Центар за едукација на Адвокатската комора и донесува акти со кои се уредува неговото работење.

10) врши почетна обука на кандидатите за упис во Именикот на адвокати и врши  континуирана едукација на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници преку Центарот за едукација на Адвокатската комора

11) дава мислење за реципроцитет на барање на надлежен државен орган.

12) изготвува листи за ангажирање на адвокати во согласност со позитивните законски прописи, на барања од надлежните судови, државни органи, единици на локална самоуправа и други институции и установи.

Адвокатската комора соработува со адвокатскикомори на други држави и други адвокатски меѓународни организации.

Се предлага Адвокатската комора да се финансира од коморска чланарина, коморски уписен влог, подароци, закупнина и други приходи во согласност со закон. Висината на коморкиот уписен влог и коморска чланарина се утврдуваат со одлука на Управниот одбор на Адвокатсклата комора и се објавуваат во Службен весник на РСМ со тоа што  висината на уписниот коморски влог не може да биде помала од две просечни нето плати исплатени во Република Северна македонија во месецот пред донесувањето на одлуката, а според податоците на Државнипот завод за статистика.

Исто така со членот 37 се определуваат и областите на уредување со Статутот на Адвокатската комора.

Членот  38 ја уредува материјата за осигурување од одговорност  на адвокатите за штета што би ја сториле на трети лица при вршење на адвокатската дејност. Се предлага нај нискиот износ на осигурување да изнесува 10 000 евра во денарска противвредност,за адвокат поединец. Адвокати основачи на адвокатско друштво подлежат на поединечно осигурување од одговорност за штета во износ од 10 000 евра во денарска противвредност со тоа што нај нискиот износ на осигурување  на кој надвокатското друштво е должно да се осигура е 50 000 евра во денарска противвредност.

Се предвидува можност Адвокатската комора да може да го преземе осигурувањето од одговорност на сите адвокати во нашата држава и тогаш адвокатите се должни да и плаќаат надоместок за осигурување на Адвокатската комора.

Адвокатите се должни постојано уредно да го продолжуваат осигурувањето од одговорност, со тоа што повредата на оваа обврска се смета за тешка повреда на адвокатската должност.

Со цел заштита на интересите на странките се смета дека адвокатот склучил договор за осигурување кога го поднел барањето за осигурување, без оглед на тоа дали во тој момент бил постигнат договор за условите за осигурување помеѓу Адвокатската комора и осигурителните друштва.

Доколку адвокатот штетата ја направил на трето лице намерно или од грубо невнимание, осигурителното друштво има право да бара регрес спрема адвокатот, односно адвокатското друштво.

Третата глава се однесува на странски адвокати и адвокатски друштва и има шест члена.

Со членовите од 39 до 45 се уредува обезбедувањето на давање на правна помош и вршење на адвокатска дејност на територијата на нашата држава на адвокатите и адвокатските друштва од земјите членки на Европската унија. Напоменуваме дека во овие одредби се врши транспонирање на одредби од Директивата 77/249/ЕЕЗ и Директива 98/5/ЕЗ и воедно се укажува дека истите ќе имаат примена по влезот на Република Северна Македонија во Европската унија.

Четвртата глава содржи четири член и ги содржи прекршочните одредби.

Се предвидува право на адвокат и адвокатско друштво да поведе постапка за сторен прекршок пред надлежен суд во случај на повреда на  правото за доставување на податоци и документи потребни за вршење на адвокатска дејност, во конкретен предмет,  од страна на државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, како и правни и физички лица кои имаат јавни овластувања. Во случај на утврдена повреда по овој основ, се предвидува глоба во износ од 2500 до 5000 евра во денарска противвредност да му се изрече на правното лице, односно од 250 до 500 евра во денарска противвредност за одговорно лице во правно лице. За физичко лице предложената глоба по овој основ е 150 евра во денарска противвредност.

За прекршок утврден во овој предлог закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.

Петата глава ги содржи преодните и завршни одредби и има четири члена.

Се предлага усогласувањет на Статутот и другите општи акти на Адвокатската комора да се усогласат со одредбите од овој закон во рок од една година од денот на неговото донесување, а до нивното усогласување во примена да бидат постоечките прописи и акти. Воедно се предвидува одредбите кои се однесуваат на државјаните  на држави членки на Европската унија да се применуваат по приемот  на Република Северна Македонија во Европската унија.

Адвокатите запишани во Имениците на Адвокатската комора пред донесувањето на овој закон ги задржуваат стекнатите права и своето тековно работење се должни да го усогласат согласно одредбите од овој закон во рок од една година од денот на неговото влегување во сила. Се предвидува законот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико