Што содржи предложениот Закон за Централен регистар на население | Правдико

Правдико

   

Што содржи предложениот Закон за Централен регистар на население

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Централниот регистaр на население претставува единствена база во која ќе се чуваат реални податоци во однос на населението во Република Северна Македонија. Како клучни институции со статус на изворници на податоци, согласно предложениот закон се Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда-Управата за водење на матичните книги и Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Во базата ќе се преземаат податоци од повеќе институции и преку алгоритми ќе се проверува колкава е точноста на тие податоци, со што добиениот податок за конкретно лице ќе може да се гарантира дека е вистинит и точен.

Министерството за информатичко општество и администрација во периодот од септември 2017 година работеше и на анализа на законската регулатива, од која произлегоа конкретни препораки. Оттука, а во отсуство на конкретна законска регулатива во моментот, се наметна потребата од изготвување на Нацрт-текст за Закон за централен регистар на население. Со овој закон се уредува надлежноста на органите, структурата и содржината на Централниот регистар на население, условите на негово користење, како и размената на податоци помеѓу надлежните органи и лицата.

Со воспоставувањето на Регистарот ќе се утврди унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци, врз основа на утврдени стандарди и процедури. Овие стандарди и процедури кои ќе го допрецизираат принципот на унифицираност при електронска размена и интеграција на податоци, како и принципот на единственост, ќе обезбедат основи за доследна имплементација на принципот на доверливост, со што ќе се зајакнат механизмите за заштита на личните податоци на населението.

Начелата предложени со овој закон врз основа на кои истиот ќе се спроведува, а конкретно начелата за водење на регистарот на население се засноваат на темелните вредности владеење на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право. Оттаму, начелото на доверливост е утврдено со овој закон поради содржината на податоците во регистарот, со кое начело е тесно поврзано и начелото за интегритет на податоците. Поради потребата од обезбедување на целосна функционалност на регистарот на население, пропишано е и начелото за единственост и начелото на достапност. Конечно, пропишано е и начелото за унифициран начин на размена, преку кое ќе се обезбедат услови за утврдување на стандарди за квалитет на податоци во бази на податоци на надлежните органи.

Регистарот за населението во Република Северна Македонија ќе ги обезбеди основните предуслови за пристап на граѓаните до јавните услуги обезбедени од страна на надлежни органите и други лица. Одредбите на овој закон не се однесуваат на податоците за физичките лица кои се упатени на привремен престој во Република Северна Македонија заради извршување на работни задачи за целите на странски дипломатски претставништва, мисии или конзуларни претставништва, членовите на нивните семејства кои престојуваат во Република Северна Македонија, физички лица кои се исклучени од примената на домашното право врз основа на меѓународни конвенции, ниту пак содржи податоци за лица со уреден краткотраен престој во Република Северна Македонија, како и сите други лица опфатени со Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година или Виенската конвенција за претставување на државите во нивните односи со меѓународните организации од универзален карактер од 1975 година.

Предлог законот за централен регистар на население содржи 6 поглавја и тоа: општи одредби, надлежност на органите, структура и содржина на регистарот, општи и поединечни права и обврски, надзор, прекршочни одредби и преодни и завршни одредби. Првото поглавје – Општи одредби содржи 5 делови: предмет на законот, цели на законот, примена на законот, дефиниции и начела за водење на регистарот. Второто поглавје – Надлежност на органите, структура и содржина на регистарот содржи 6 делови: контролор и обработувач на регистарот, контролори и обработувачи на податоците од централниот регистар на население, начин на интеграција на податоците содржани во поединечните бази на податоци, содржина на податоците во регистарот, нотификација за несовпаѓање на податоци и начин на користење на податоците од регистарот. Третото поглавје – Општи и поединечни права и обврски содржи 4 делови и тоа: права и обврски на надлежните органи и другите субјекти, права и обврски на физичките лица, одобрување на интеграција во регистарот и регистар на надлежни органи и други субјекти што користат податоци од регистарот. Последните три поглавје не содржат посебни делови. Овој предлог закон е содржан во 37 члена.

Со член 1 се уредува правата, обврските и одговорностите на органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон, судовите, јавните обвинителства, државното правобранителство, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, правни лица кои даваат и обезбедуваат услуги од јавен интерес, односно субјекти од областа на образованието, здравството, социјалната и детската заштита, финансиите, банкарството, осигурувањето, енергетиката, водоснабдувањето, електронските комуникации, поштенските услуги и комуналните услуги, кои се однесуваат на Централниот регистар на население, структурата и содржината на Централниот регистар на население, условите за негово користење, размената на податоци помеѓу надлежните органи и другите субјекти, како и правата и обврските на населението во Република Северна Македонија.

Со член 2 е утврдена целта на законот, односно дека Регистарот обезбедува пристап податоците на населението во Република Северна Македонија заради остварување на правата и користење на услугите обезбедени од страна на надлежни органите и други лица, на унифициран и единствен начин, а врз основа на утврдени ставдарди и процедури.

Примената на законот, утврдена со член 3 определува дека овој закон се применува за извршување на законските надлежности утврдени за органите на државната управа, органите во состав на министерствата, управните организации и самостојните органи при обезбедување на услуги за остварување на правата и обврските од интерес за населението во Република Северна Македонија, а поврзани со податоците содржани во Регистарот. Дополнително, законот се применува и при водење на поединечните бази на податоци за населението кои ги водат надлежните органи утврдени со овој закон, како и за пристап и обработка на податоците содржани во Регистарот од страна на другите субјекти. Исклучок од приманата на законот се лицата опфатени со Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година или Виенската конвенција за претставување на државите во нивните односи со меѓународните организации од универзален карактер од 1975 година.

Со членот 4 се определуваат дефинициите за изразите кои се употребени во овој закон, конкретно вкупно 15 дефиниции суштински за доследната примена на законот.

Со членовите од 5 до 9 се определени начелата за водење на Регистарот и тоа: доверливост, интегритет на податоци, единственост, достапност и унифицирана размена. Овие начела ќе обезбедат основи за доследна имплементација на механизмите за заштита на личните податоци на населението при електронска обработка.

Со членот 10 се утврдува надлежноста на министерството за информатичко општество и администрација, во својство на контролор и обработувач на регистарот, со надлежност за автоматско интегрирање без право на внесување, или промена на податоците од Регистарот, согласно прописите за заштита на личните податоци. Со членот 11 се определени изворниците на податоци, односно надлежните органи кои се контролори и обработувачи на содржината на податоците од Регистарот. Согласно овој закон изворници на податоците содржани во Регистарот се: Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда-Управа за водење на матични книги и надлежниот орган за водење на адресниот регистар на Република Северна Македонија.

Со член 12 е определено дека интеграцијата на податоците се врши преку единствената околина, во реално време, со употреба на алгоритми и логички поврзани процеси кои обезбедуваат автоматски генерирано споредување на податоците од поединечните бази на податоци на надлежните органи.

Со член 13 е определена содржината на податоците во Регистарот и начинот на кој истите се употребуваат.

Со член 14 се утврдува начинот на постапување во случај кога постои несовпаѓање на личните податоци содржани во поединечните бази на податоци, а конкретно Регистарот испраќа нотификација за несовпаѓање на податоци до изворникот на личниот податок којшто отстапува и до надлежниот орган во чијашто  база на податоци е евидентирано отстапувањето.

Со членот 15 се определува начинот на користење на податоците содржани во Регистарот од страна на надлежните органи и другите субјекти, овластените лица на надлежните органи и вработените во други субјекти имаат право да пристапуваат до податоците содржани во Регистарот, како и правото на пристап до своите лични податоци од страна на физичките лица.

Со членот 16 се определува општата обврска со надлежните органи и другите субјекти за почитување на прописите со кои се уредува начинот на обезбедување на услугите за населението во Република Северна Македонија по електронски пат, како обврската за почитување на прописите за личните податоци.

Со член 17 се уредува обврската на изворниците за интеграција на податоците во Регистарот, а со член 18 е определено дека изворниците се должни да вршат упис, упис на промена, да обезбедат чување и бришење на изворните податоците, на начин и под услови утврдени со закон, како и да обезбедат безбедна интеграција на поединечните бази на податоци преку единствената околина во Регистарот. Со членот 19 е утврдена обврска за интеграција, согласно која секој изворник е должен извршениот упис, промена или бришење во поединечната база на податоци да го интегрира во Регистарот во реално време, како и статусот на податокот.

Со член 20 е пропишана обврската за чување на архивираните и експортираните податоци, нивно криптирање на соодветен начин во дигитализирана форма, како и нивно предавање во Државниот архив на Република Северна Македонија.

Со член 21 е предвидена обврската за изворниците за ажурирање на податочните сетови и промените на статусот на податоците и нивната интеграција во Регистарот преку единствената околина, на начин и под услови утврдени со овој закон и Законот за електронско управување и електронски услуги.

Обврската за издавање на потврда за прием на барање за упис или упис на промена е пропишана со член 22. Согласно овој член кога физичко лице иницира постапка за упис, или промена на податоци во Регистарот по пат на користење на електронска услуга од надлежен орган преку Националниот портал за електронски услуги, по извршеното генерирање на барањето, надлежниот орган на физичкото лице му издава потврда за прием, во согласност со Законот за електронско управување и електронски услуги.

Изворниците имаат обврска да преземат соодветни мерки за одржување на системите на кои се обработуваат базите на податоци за кои се надлежни согласно закон, да ги воспостават и да ги одржуваат единствените технолошки стандарди и процеси за интеграција во Регистарот, согласно член 23. Членот 24 определува обврска за надлежните органи и другите субјекти според која се должни да преземат мерки за обезбедување на единствени технолошки стандарди и процеси, пред да им се одобри пристап до Регистарот, во согласност со Законот за електронско управување и електронски услуги.

Членот 25 го определува правото и новото на пристап за надлежните органи и другите субјекти во својство на корисници на податоците од Регистарот. Пристапот до податоците се определува врз основа на начинот и под условите под кои надлежниот орган и другите субјекти ги обезбедуваат своите услуги преку единствената околина, а обемот на користење на податоците се определува врз основа на уписот во Каталогот на услуги.

Членовите 26 и 27 ги определуваат правата и обврските за физичките лица. Имено, физичките лица имаат право на увид во своите лични податоци содржани во Регистарот по електронски пат, автоматски или со полномошник. Секое физичко лице чии податоци се содржани во Регистарот, во случај на несовпаѓање на неговите лични податоци, има право на нотификација преку Националниот портал за електронски услуги, за што е должно да побара евидентирање на точниот податок кај изворникот на податокот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на нотификацијата поврзана со податокот.

Надлежните органи и другите субјекти имаат право да се интегрираат и да ги користат податоците од Регистарот, согласно член 28 од овој закон. Правото на интеграција е можно, доколку: се поврзани на единствената околина, односно на системот за интероперабилност и ги имаат исполнето во целост обврските кои произлегуваат од прописите за заштита на личните податоци.

Со членот 29 е определено дека во министерството за информатичко општество и администрација се воспоставува и води регистар на надлежни органи и други субјекти што користат податоци од Регистарот, а неговата содржина и форма ја утврдува министерот за информатичко општество и администрација.

Надзор над примената на овој закон, согласно член 30, врши министерството за информатичко општество и администрација.

Членовите 31, 32 и 33 ги утврдуваат глобите за физички лица, надлежните органи и другите субјекти, одговорните лица на надлежните орган или другите субјекти, како и овластените лица на надлежен орган или на друг субјект во случај на повреда на одредбите од овој закон.

Со членот 34 за прекршоците утврдени со овој закон се пропишува издавање на прекршочен платен налог.

Со членот 35 се определува рок за донесување на подзаконските акти и воспоставувањето на Регистарот, а со членовите 36 и 37 е определен vacatio legis на законот.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико