Што спаѓа во општински имот? | Правдико

Правдико

   

Што спаѓа во општински имот?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

kukjaУправувањето на општинскиот имот претставува една од најважните надлежности на општината. Потребно е општината да управува и да стопанисува како добар домаќин со имотот. Доброто управување со имотот би резултирало со развој на општината, а од друга стана, несоодветните активности можат да резултираат со непоправлива штета врз имотот на општината.
Согласно Законот за локалната самоуправа (Службен весник на Република Македонија бр.05/02) општината има право на имот, односно на сопственост на ствари, парични средства и права, чија вредност се проценува и искажува при изготвувањето на годишната сметка.

Општинскиот имот може да го поделиме според неколку основни критериуми на:

• недвижен имот;
• подвижен имот;
• инфраструктура и
• финансии.

Недвижен имот е имотот што не може да се придвижува или поместува од едно на друго место, без притоа да се оштети неговата суштина. Во него спаѓаат:

• општинското градежно земјиште;
• парковите;
• општинските депонии;
• општинските канцеларии;
• училишните објекти за основно и средно образование;
• објектите од културата;
• куќите или становите за живеење;
• деловните објекти;
• гробиштата;
• капелите;
• спортските објекти и
• друг имот што по својата природа е недвижен имот.

Подвижен имот е имотот што во целост може да се движи или поместува. Во него спаѓаат:

• моторните возила;
• пловните објекти;
• машините, алатките, инвентарот, мебелот во општинските канцеларии и во другите општински простории;
• архивската граѓа и
• други подвижни предмети.

Во инфраструктура спаѓаат:

• водоводната мрежа;
• канализациската мрежа;
• пречистителните станици;
• уличното осветлување;
• радиокомуникациските линии, линиите на кабловските оператори и сл.

Во финансии спаѓаат:

• парите;
• благајничките записи;
• хартиите од вредност;
• тековните сметки;
• акциите и сл.

Постоењето различни видови имот доведува до заклучокот дека ни е потребен добар план за негово управување. Тоа значи дека покрај пописот на инвентарот, потребен е и генерален план за долгорочен развој, кој ќе ги утврди основите за развој на
општината. Такви се, на пример, плановите за развој на општината за 5 или за 10 години и сл.
Кога се создаваат овие планови потребно е да се  има во предвид традицијата и навиките на граѓаните, како и нивниот начин на живеење.

За спроведување на своите цели, општината ќе биде ставена во ситуација да купува или да продава недвижен имот. Парите што ќе се соберат од продажбата на имотот треба да се вложат за здобивање нов  имот или за реконструкција на постојниот имот.

Управување со имотот

Управувањето со имотот на општината е управување со имот во јавен интерес и општината мора да се однесува како добар домаќин. Колку е поголем имотот, толку е поголема одговорноста за неговото управување. Секој погрешен чекор може да има несакани последици. Не само што треба да се има знаење за управување со имотот, туку треба да се имаат предвид и даночните зафаќања по основа на сопственоста на имотот. Доколку општината има голем имот, таа може да основа и јавно претпријатие за управување со имотот. Меѓутоа, во прв ред, пресуден фактор треба да биде дали претпријатието ќе биде профитабилно или не. Ако активностите не се профитабилни и зависат од општинскиот буџет, тогаш не е ефикасно да се формира такво јавно претпријатие.

Извор: http://www.zels.org.mk

Препорачуваме

Партнери на Правдико