Правдико

   

Што треба да знаете ако сте сведок во кривичен предмет?

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

КОГА МОЖЕ ДА ВЕ ПОВИКААТ КАКО СВЕДОК ВО КРИВИЧЕН ПРЕДМЕТ?

Како сведок во кривичен предмет може да бидете повикани во случај кога надлежните органи (обвинителството и судот) сметаат дека имате сознанија и дека веројатно ќе можете да дадете известување за кривичното дело и за сторителот, како и за други важни околности. Така на пример, ако сте виделе кога се случило кривичното дело, aко сте слушнале нешто во врска со тоа и сл.

НА КОЈ НАЧИН ЌЕ ВЕ ПОВИКААТ?

Ќе бидете повикани со писмена покана во која стои Вашето име и презиме, времето и местото кога и каде треба да дојдете, кривичниот предмет во врска со кој Ве повикуваат, како и предупредување за последиците во случај да не се јавите на поканата. Во поканата ќе биде назначено дека Ве повикуваат во својство на сведок.

ДАЛИ ВИЕ ИМАТЕ ОБВРСКА ДА СЕ ЈАВИТЕ НА ПОКАНАТА КОЈАШТО СТЕ ЈА ДОБИЛЕ?

Да, секогаш кога ќе добиете ваква покана, должни сте да се јавите пред органот кој Ве повикува, во времето и местото назначени во поканата. Но, во некои околности, како, на пример, поради старост, болест или тешки телесни недостатоци кои ви го оневозможуваат движењето, можете да бидете испитани и во Вашиот дом или на друго место каде што се наоѓате.

ШТО МОЖЕ ДА ВИ СЕ СЛУЧИ АКО НЕ СЕ ЈАВИТЕ НА ПОКАНАТА? ДАЛИ МОЖЕ ДА ИМАТЕ НЕКАКВИ ПОСЛЕДИЦИ?

Доколку сте уредно повикани, а не се јавите на поканата, без, притоа, да го оправдате своето отсуство, со судска наредба може да бидете присилно доведени, а судот може и да Ве казни со парична казна. Ако сте спречени да дојдете, навремено треба да го известите органот што Ве повикал. Причините што го оправдуваат отсуството може да бидат различни, но нивната оправданост, секако, ја оценува органот што ја води постапката.

ДАЛИ ВИЕ МОРА ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊАТА?

Да, Вие сте должни да одговорите на поставените прашања. Ако одбиете да дадете одговор на прашањата, може да бидете парично казнети најмногу два пати, а доколку и по втората парична казна одбивате да сведочите, судот може да Ви изрече казна затвор до 30 дена. Некогаш, ако тоа се побара од Вас, давањето исказ подразбира и обврска да ги препознаете предметите и лицата што Ви се покажуваат.

ДАЛИ НА ПОСТАВЕНИТЕ ПРАШАЊА МОРА ДА ЈА ЗБОРУВАТЕ ВИСТИНАТА?

Да, на поставените прашања должни сте да ја зборувате вистината, без да премолчите нешто од она што го знаете во врска со кривичното дело и со сторителот на делото.Кога не сте го кажале сето она што го знаете, односно кога Вашиот исказ не дава целосна слика за фактите што Вие сте ги забележале и запомниле, тогаш ќе се смета дека сте премолчиле нешто. Исказот е лажен тогаш кога не е во согласност со Вашите познавања за настанот и воопшто за фактите што се предмет на докажување. Давање на лажен исказ се смета и ако дадете изјава дека не знаете ништо за она што е предмет на докажувањето, на пример, дека ништо не сте виделе, ништо не сте чуле, а, всушност, и сте виделе и сте чуле.

Запомнете дека давањето лажен исказ при сведочењето претставува кривично дело, што значи дека доколку давате лажен исказ, ќе одговарате кривично!

ДАЛИ ВИЕ ИМАТЕ ПРАВО ДА ОДБИЕТЕ ДА ОДГОВОРИТЕ НА НЕКОЕ ОД ПОСТАВЕНИТЕ ПРАШАЊА?

Во определени случаи може да одбиете да дадете одговор на конкретно прашање. Тие случаи се: доколку е веројатно дека со одговорот на определено прашање би се изложиле себеси или свој близок роднина на тежок срам, на значителна материјална штета или на кривично гонење.

КАКВИ ПРАШАЊА НЕ СМЕАТ ДА ВИ БИДАТ ПОСТАВЕНИ?

Не смеат да ви бидат поставени прашања кои се однесуваат на Вашиот сексуален живот и сексуалните склоности, политичкото и идеолошкото определување, расното, националното и етничкото потекло, моралните критериуми и други, особено лични и семејни околности, освен по исклучок, ако самите одговори на таквите прашања се поврзани со разјаснувања на битните карактеристики на кривичното дело.

ДАЛИ ПОСТОЈАТ КАТЕГОРИИ НА ЛИЦА КОИ НЕ МОРА ДА СВЕДОЧАТ?

Доколку сте брачен или вонбрачен другар на обвинетиот; ако сте роднини на обвинетиот по крв во права линија, роднини во странична линија заклучно до трет степен, како и роднини по сватовство заклучно до вториот степен или, пак, посвоеник и посвоител на обвинетиот, тогаш имате обврска само да се јавите на поканата, но немате обврска да дадете исказ. Имате обврска да се јавите на поканата поради тоа што органот на постапката мора, прво, да го утврди Вашиот идентитет и Вашиот однос со обвинетиот, па дури потоа да се одлучи дали спаѓате во категоријата на лица коишто се ослободени од должноста да сведочат.

Веднаш штом се утврди Вашиот однос со обвинетиот, а пред да бидете испитани, органот ќе Ве предупреди дека не сте должни да сведочите. Ваша е одлуката дали ќе сведочите или нема да сведочите.

ДАЛИ ПОСТОЈАТ КАТЕГОРИИ НА ЛИЦА КОИ НЕ МОЖЕ ДА СВЕДОЧАТ?

Не може да сведочите доколку сте:

• лице кое со својот исказ би ја повредило должноста за чување државна или воена тајна, додека надлежниот орган не Ве ослободи од таа должност;
• бранител на обвинетиот за она што Ви го доверил обвинетиот како на свој бранител, освен ако самиот обвинет не побара од Вас да сведочите;
• лице кое со својот исказ би ја повредило должноста за чување деловна тајна во однос на тоа што сте го дознале при вршењето на својата професија (верски исповедник, адвокат и лекар), освен ако сте
ослободени од таа должност;
• малолетно лице, кое со оглед на својата возраст и душевна состојба не е способно да го сфати значењето на
своето право дека не мора да сведочи, и
• лице кое поради својата душевна или телесна состојба, односно својата возраст, воопшто, не е во состојба да сведочи.

КАКО ИЗГЛЕДА ИСПИТУВАЊЕТО НА СВЕДОКОТ?

Прво, пред да започне испитувањето ќе Ве опоменат дека сте должни да ја зборувате само вистината, дека не смеете ништо да премолчите и дека давањето на лажен исказ претставува кривично дело. Ќе Ве поучат и на кои прашања не сте должни да одговорите. Исто така, ќе Ве прашаат и за Вашите лични податоци, како и за Вашиот однос со обвинетиот и оштетениот. Потоа, следуваат прашања поврзани со кривичното дело и сторителот за кои се води постапката.

ШТО МОЖЕ ДА ВИ СЕ СЛУЧИ АКО СЕ ПЛАШИТЕ ДЕКА СО СВОЕТО СВЕДОЧЕЊЕ БИ ГО ДОВЕЛЕ ВО ОПАСНОСТ СВОЈОТ ЖИВОТ ИЛИ ЖИВОТОТ НА ВАШЕ БЛИСКО ЛИЦЕ?

Ако стравувате дека со давањето исказ или со одговор на определено прашање, би се довеле себеси или Ваше блиско лице во сериозна опасност по животот, здравјето или физичкиот интегритет, можете да одбиете да дадете исказ или да не ги дадете Вашите лични податоци сé додека не се обезбедат услови за Ваша заштита. Ако јавниот обвинител, односно судот, проценат дека навистина има основа за Вашето стравување и ако има стравување, ќе Ви обезбедат заштита. Заштитата може да се состои во посебен начин на испитување и во примена на други мерки за заштита. Така, на пример, ќе Ви определат псевдоним, може да Ве испитаат со помош на технички уреди за пренос на слика и тон, при што Вашиот лик и глас ќе бидат изменети. Не смеат да Ви поставуваат прашања со кои би го откриле Вашиот идентитет, местото на живеење, работното место и сл.

ШТО МОЖЕ ДА ВИ СЕ СЛУЧИ АКО САМОТО ИСПИТУВАЊЕ МОЖЕ ДА ОСТАВИ ШТЕТНИ ПОСЛЕДИЦИ ПО ВАШЕТО ПСИХИЧКО ЗДРАВЈЕ?

Ако ова е случај, тогаш може да спаѓате во групата на таканаречени посебно ранливи сведоци. Причина за ова може да бидат различни околности, како, на пример: Вашата возраст, здравствената состојба, природата или последиците од кривичното дело и сл. Во тој случај, прашањата може да Ви се поставуваат со помош на психолог, социјален работник или друго стручно лице.

Текстот е извадок од брошурата Што треба да знаете ако сте сведок во кривичен предмет?, изготвена од страна на ОБСЕ Мисија во Скопје.

Партнери на Правдико