Што треба да знаете доколку сте жртва на кривично дело?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Жртва на кривично дело станувате во случаите ако сте претрпеле штета, вклучувајќи физичка или ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или загрозување на Вашите права и интереси како последица на стореното кривично дело.
КОИ СЕ ВАШИТЕ ПРАВА КАКО ЖРТВА НА КРИВИЧНО ДЕЛО?
Како жртва на кривично дело имате право да учествувате во кривичната постапка како оштетен со приклучување кон кривичниот прогон или за остварување на имотноправното барање за штета. Во текот на постапката имате право и на посебна грижа и внимание од страна на органите, како и на психолошка и друга стручна помош од страна на органите, установите и организациите за помош на жртвите на кривични дела.
Полицијата, јавниот обвинител и судот постапуваат со посебна грижа спрема Вас, давајќи Ви поуки за правата и грижејќи се за Вашите интереси при донесувањето на одлуките за кривично гонење и при преземањето на дејствата во кривичната постапка.
КОГА СПАЃАТЕ ВО РАНЛИВИТЕ КАТЕГОРИИ НА ЖРТВИ?
Во ранливите категории на жртви спаѓате доколку сте жртва на возраст под 18 години, ако со давањето исказ себеси или блиско лице би се изложиле на сериозна опасност по животот, здравјето или физичкиот интегритет или, пак, ако сте посебно чувствителни жртви поради возраста, природата и последиците на кривичното дело, физичкиот или психичкиот инвалидитет, здравствената состојба, општественото и културното минато, семејните околности, религиозните уверувања и сл.
Во овие случаи обвинителството и судот мора да се погрижат да Ви обезбедат посебни мерки на процесна заштита.
ШТО МОЖЕ ДА ВИ СЕ СЛУЧИ ДОКОЛКУ СТЕ ЖРТВА НА КРИВИЧНИТЕ ДЕЛА ПРОТИВ ПОЛОВАТА СЛОБОДА И ПОЛОВИОТ МОРАЛ, ЧОВЕЧНОСТА И МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО?
Ако сте жртва на кривичните дела против половата слобода и половиот морал, човечноста и меѓународното право, покрај правата коишто ги имаат жртвите на другите кривични дела, Вие ги имате и следните права:
• пред испитувањето да разговарате со бесплатен советник;
• во полицијата и во јавното обвинителството да бидете испитуван/а од лице од ист пол;
• да не одговарате на прашањата поврзани со Вашиот личен живот, а кои не се поврзани со кривичното дело;
• да барате испитување со помош на визуелно-тонски средства, и
• да барате исклучување на јавноста на главната расправа.
Текстот е извадок од брошурата Што треба да знаете доколку сте жртва на кривично дело? изготвена од страна на ОБСЕ Мисија во Скопје.