Што значи прогласување на вонредна состојба во државата според Уставот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Согласно чл.125 од Уставот на Република С.Македонија, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.
Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република С. Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието. Ваквото овластувањена Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Уредбата претставува најзначајниот и највисокиот правен акт од редот на подзаконските акти со кој се разработуваат законските норми. Преку уредбите владата го уредува извршувањето на законите, утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.
Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.
За време на вонредна состојба може да биде ограничено мирно собирање и изразување јавен протест на граѓаните кои немаат пријавено таков собир.
–ПРАВДИКО–