Синдикат на македонски дипломати: ЈО да реагира за случајот некролози | Правдико

Правдико

   

Синдикат на македонски дипломати: ЈО да реагира за случајот некролози

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

mnr-1Синдикатот на македонската дипломатска службa денеска го повика Јавното обвинителство да реагира на неодамнешното објавување некролози за амбасадорите и други странски претставници во земјава.

– Извесно е дека е наша одлука или поточно одлука на државата Македонија (значи не на некоја партиска структура) до кој степен и на кој начин ќе се впушти во соработка со други држави и на тој начин, во нашиот случај, ќе им овозможи на тие земји да ни помогнат во процес на демократизација на сопственото општество и негово приближување кон цивилизациските достигнувања прифатени од напредните слоеви на меѓународната заедница. Но, тоа никако не значи дека кој и да е во државата смее да си поигрува или уште пострашно – да им се заканува на претставниците на тие држави во Македонија, а кои уживаат меѓународна заштита. Тоа, дека уживаат меѓународна заштита значи дека ние, државата Македонија, сме должни да ги заштитиме кога се на наша територија, а преку членот 29 од Виенската конвенција за дипломатски односи и формално и императивно се имаме обврзано, се вели во соопштението.

Синдикатот на македонската дипломатска служба јавно го повикува раководството на македонското Јавно обвинителство „најитно и најсовесно да ги искористи своите законски овластувања во сферата на истражувањето на кривичните дела и да ги открие физичките лица – автори на објавувањето некролози на редица странски амбасадори во државата Македонија на социјалната мрежа Имгур, инаку веќе затворена“.

– Работата на ЈО е многу олеснета во случаите кога државни функционери на своите Фејсбук профили (http://www.puls24.mk/mk/vesti/petrovski-do-van-hojte-i-slicnite-na-nego-sedete-si-doma-dosta-ni-e-od-vas) отворено ги навредуваат, омаловажуваат, па дури им се закануваат на странските претставници што беа инволвирани во тнр. Пржински договор, инаку уредно потпишан и од политичката партија на која тие функционери припаѓаат (http://puls24.mk/mk/vesti/bejli-se-isplasi-od-gnevot-na-narodot-ambasadata-ednas-gorese-bejli-isplasen-deka-moze-da-se-sluci-i-vtor-pat). Врз основа на тоа, ЈО треба да процени дали се работи за „сериозна закана“ по овие лица под меѓународна заштита, а што е санкционирано со членот 420 став 1 од Кривичниот законик, и тоа со затвор. Доколку истрагата укаже дека не се работа за сериозна закана, тогаш тоа ќе значи дека авторите ги сториле кривичните дела утврдени во членовите 181 односно 182 од Кривичниот законик или поточно ги изложиле на подбив овие странски претставници, бидејќи е и смешно и тажно овие некролози да се толкуваат како заштита на јавен интерес или нешто слично, се истакнува во соопштението.

Од овој Синдикат потсетуваат дека со законските измени на овие одредби не е веќе потребно самите странски претставници да поднесат кривична пријава туку Јавното обвинителство треба да постапува по основа на тнр. „допрен глас“.

– Во крајна линија, не смееме да заборавиме дека неказнивоста не значи дека појавата ќе замине во историја. Напротив! И емпиријата и логиката се крајно децидни дека неказнивоста значи ескалација на појавата. Ние, впрочем немаме „најчисто досие“ кога станува збор за неоправдано превртување на гневот од внатрешните состојби кон „дежурниот виновник“ – странските претставници. Напротив, во нашето „досие“ има и повици за линч, обиди за палење амбасади, пласирање теории за „странски заговор“ против Македонија и многу говор на омраза. Следствено, ако сакаме и во еден ваков период да го сочуваме оној краен бастион – дека Македонија вака или онака е држава – должни сме најитно и најсовесно да го истражиме објавувањето некролози и таа истрага да резултира со јасни правни заклучоци, па дури и последици, се вели во соопштението од Синдикатот на македонската дипломатска служба.

Извор: Нова Тв

Препорачуваме

Партнери на Правдико