Сите детали за новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата | Правдико - Part 2

Правдико

   

Сите детали за новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во точката ,,2. Дејствија со возилото во сообраќајот“, предвидени се обврски за возачот кој има намера да изврши на патот некое дејствие со возилото (поместување на возилото надесно или налево, менување на сообраќајната лента, престигнување, обиколување, запирање, свртување надесно или налево, полукружно свртување, возење наназад и слично), таквото дејствие да го започне само по претходно уверување дека тоа може да се направи без опасност по другите учесници во сообраќајот или по имотот, водејќи притоа сметка за положбата на возилото и за правецот и брзината на движењето на возилото.

Воедно, во истата точка предвидена е обврска за преземање на конкретни мерки за возачот на возило кога се вклучува во сообраќајот од гаража, двор или друга слична површина, за возачот на велосипед, велосипед со мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл односно возач на запрежно возило кој се вклучува во сообраќајот, како и забраната за вршење полукружно свртување на преслап, кривина, патен премин преку железничка пруга во ниво, на мост, надвозник, подвозник, тунел или на други места на патот каде нема доволна прегледност, како и обврска за возачот кој со возило од земјен пат се вклучува на пат со современ коловоз, да застане и да ги отстрани земјата и нејзините остатоци од пневматиците на возилото.

Обврска за возачот кој со возило се вклучува во сообраќај на пат со коловоз од земјен пат, градилиште или други сообраќајни површини, е дека истиот е должен да го запре возилото и да ги отстрани земјата и нејзините остатоци од пневматиците на возилото од причини што при излез на возилата најчесто од градилиште врши нанесување на кал на коловозот при што ја намалува стабилноста на возилото и ја загрозува безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Предвидено е на коловоз на кој постојат најмалку две сообраќајни ленти наменети за движење на возила во иста насока и на кои има колони на возила, забрана за преминување на возачот со возилото од една сообраќајна лента во друга сообраќајна лента (цик-цак движење). Имено, наведеното ограничување се предлага со цел санкционирање на ова дејствие како исклучително опасно во сообраќајот на крстосница со две сообраќајни ленти, согласно досегашните практични искуства, а кое соодветно е нормирано во повеќе европски земји.

Во истата точка, предложениот закон предвидува забрана за возачот да го менува начинот на управување со возилото со нагло намалување или зголемување на брзината на движењето и стартување на возилото постигнувајќи притоа горна граница над дозволениот број на вртежи на моторот односно пролизгување на погонските тркала, освен во случај на непосредна опасност, со цел соодветна заштита на учесниците во сообраќајот на патиштата.

Во истата Глава, содржани се и повеќе одредби кои ја регулираат брзината на движење, при што предложениот закон предвидува конкретни забрани односно ограничувања на брзината на движење на возилата на јавен пат во населено место, односно негов дел, на јавен пат во нормални услови на сообраќајот, освен во случај кога условите налагаат поинаку, како и конкретни ограничувања на брзината на движење за посебни категории на возила (автобуси, автобуси со лесна приколка, автобуси со кои се врши организиран превоз на деца, трактори,  трактори што влечат приклучно возило и сл.). Со ова решение се сака да се направи градација или разлика во висината на предвидената глоба соодветно на пречекорувањето на ограничувањето на брзината на движење на возилото во и надвор од населено место, а воедно и почитување на карактеристите на соодветните типови на автобуси (комби возила за превоз на патници).

Се уредуваат прашањата за свртување, односно правото на првенство на минување, како конкретни видови дејствија со возилото на патот, со уредување на конкретните обврски што важат за возачите при свртување надесно и налево, како и должностите на возачот во смисла на овозможување на правото на првенство на минување, под точно определени услови и начин на постапување.

Посебна точка во оваа Глава, е посветена на сообраќајот на крстосница, особено од аспект на обврските за возачот кој се приближува до крстосница да вози со зголемена претпазливост која им одговара на условите на сообраќајот на крстосницата, односно да вози со брзина што овозможува да запре и да ги пропушти возилата што на крстосницата имаат право на првенство на минување. Во овие рамки се прецизираат светлосните сообраќајни знаци, односно обврските што ги имаат учесниците во сообраќајот во однос на нивното значење.

Во таа насока, дополнителниот знак во форма на зелена светлечка стрелка, што му овозможува на возачот поминување со возилото на наведениот знак и тргнување во правецот означен со зелената светлечка стрелка, не попречувајќи го сообраќајот на возилата што се движат по патот на кој влегува, како и задолжително пропуштање на пешаците кои преминуваат преку коловозот. Воедно, доколку зеленото светло на уредот за давање на светлосни сообраќајни знаци има форма на стрелка, возачот смее со возилото да се движи само во правецот што го покажува таа стрелка.

Уредени се прашањата што се однесуваат на разминување, наизменично пропуштање на возила, престигнување и обиколување, во чии чии рамки нема значајни интервенции во однос на постојните решенија.

fog-lightsТочката ,,11. Звучни и светлосни сигнали за предупредување“ се однесува на обврската на возачот да употреби звучен знак за предупредување кога тоа го бараат причините на безбедноста на сообраќајот (на пат надвор од населено место, заради предупредување друг учесник во сообраќајот дека сака да го престигне или обиколи, ако би постоела опасност кога тој знак не би бил даден, да дојде до сообраќајна незгода, ако покрај коловозот се наоѓаат лица, деца, лица со посебни потреби, возрасни лица и слично, кои не обрнуваат внимание на движењето на возилото, како и на пат надвор од населено место, пред влегување во непрегледна и тесна кривина или пред доаѓање на преслап на кои е тешко разминувањето), при што звучниот знак за предупредување не смее да се состои од низа тонови од различен интензитет, односно истиот треба да биде сведен на неопходна мера. Во овие рамки, предвидено е од првиот самрак до целосно разденување (ноќе), возачот по правило наместо звучен знак за предупредување да употребува светлосен знак за предупредување, кој може да го употреби и во населено место при престигнување на друго возило. Воедно, светлосниот знак за предупредување, возачот може да го употреби и дење, ако таквиот начин на предупредување на другите учесници во сообраќајот им одговара повеќе на условите на патот.

Точката ,,12. Запирање и паркирање“, ги разработува обврските на возачоте во однос на запирање, односно паркирање на возилата на места на кои тие би ја загрозиле безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувале пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. Во таа насока, предвидена е забрана за оставање на возила кои заради оштетеност односно дотраеност, не се употребуваат во сообраќајот (хаварисани, напуштени возила и слично), како и други предмети со кои се попречува одвивањето на сообраќајот и се загрозува животната средина, на јавен пат, на места односно на простор наменет за запирање и паркирање на возила, како и на посебно уредена сообраќајна површина наменета за движење на пешаци и велосипедисти.

Во овој контекст предвидена е обврска за возачот на јавен пат надвор од населено место, секогаш кога за тоа постои можност, истиот возилото да го запре или паркира надвор од коловозот, односно во случаи на кога заради неисправност на возилото, сообраќајна незгода или друга оправдана причина е принуден возилото да го запре на коловозот, да ги преземе сите мерки за спречување на опасноста за другите учесници во сообраќајот и отстранување на возилото од коловозот. Исто така, предвидена е дополнителна обврска на возачите во однос на запирање, односно паркирање на возилата на плоштад, пешачка зона и противпожарен пат, како и на обележано место за паркирање на возила за лица со посебни потреби, бидејќи движењето и паркирањето на овие места би ја загрозила безбедноста на пешаците, пристапот на возилата на противпожарните единици, како и поголема заштита на лицата со посебни потреби како учесници во сообраќајот.

Едно од новите решенија во делот на обврските за запирање односно паркирање на возила, се однесува на забрана за отворање на вратите на запрено или паркирано возило, ако со тоа се попречува движењето на другите учесници во сообраќајот или се загрозува безбедноста на сообраќајот, што од практичен аспект, претставува честа појава, особено на фреквентни јавни места, каде постапувањето спротивно на наведеното решение, мошне често го оневозможува непреченото движење на учесниците во сообраќајот, односно загрозување на нивната безбедност во сообраќајот на патиштата.

Покрај обврските предвидени за возачот во случаите кога возилото се остава без непосреден надзор, односно во однос на запирањето односно паркирањето на возилата или напуштање на просторот за запирање и паркирање со возилото на начин кој не ги загрозува другите учесници во сообраќајот, предвидена е обврска за возачот, при запирање и паркирање на возилото, меѓу своето возило и возилото што е претходно запрено или паркирано да остави доволен простор, за да може возачот на претходно паркираното возило непречено да влезе во возилото и возилото непречено повторно да се вклучи во сообраќај. Предвиденото решение својата основа ја црпи од воспоставената практика на патишата, чие надминување би можело да се овозможи со предвидување на конкретна обврска и соодветна санкција за возачот во однос на запирањето односно паркирањето на возилото.

Страници: 1 2 3 4

Препорачуваме

Партнери на Правдико