Сите детали за новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата | Правдико - Part 4

Правдико

   

Сите детали за новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во Глава „VII. Оспособување за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочна постапка за деца“ се предвидени одредби со кои се уредува оспособување за управување со моторно возило, стекнувањето право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца.

Во Главата ,,VIII. Посебни мерки на безбедност“ се пропишани одредени специфични мерки на безбедност што ги преземаат униформираните полициски службеници, во случаи кога се исполнети конкретни услови предвидени во овој закон.

Во случај кога постои основано сомнение дека возачот за кого ќе утврди дека во организмот има алкохол или дека покажува знаци на алкохолно растројство, како и кон возачот за кого ќе утврди дека е под дејство на алкохол и возачот-инструктор, кога ќе го затече да оспособува кандидат за возач под дејство на алкохол, или кој покажува знаци на алкохолно растројство, како и кога ќе го затече дека оспособува кандидат за возач, а нема возачка дозвола од определената категорија или во времето кога е во сила прекршочната санкција забрана на управување со моторно возило, ќе продолжи со вршење на прекршокот, полицискиот службеник може возачот да го задржи во полициска станица до отрезнување најдолго до 12 часа.

Полицискиот службеник кога ќе задржи возач во полициска станица или здравствена установа ќе повика надлежно правно лице за давање на информации и техничка помош на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта за отстранување на оштетени возила во дефект или друго правно лице надлежно за отстранување на возила. Притоа, трошоците се на товар на возачот односно сопственикот на возилото. Со предложеното решение се сака да се спречи понатамошно учество во сообраќајот на лица-возачи кои се под дејство на алкохол над утврдените законски ограничувања и кои можат да ја загрозат својата и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Заради развивање и унапредување на безбедноста во сообраќајот, остварување соработка и координација во развивање на сообраќајна превенција и самозаштита со граѓаните, како и иницирање на потребни мерки за поголема безбедност и унапредување на општата безбедност во сообраќајот на патиштата во Република Македонија, правните лица чија основна дејност е непосредно поврзана со превоз на лица и стоки во сообраќајот на патиштата, на своите возила треба да имаат посебна налепница за превенција во сообраќајот пропишана од надлежен орган. Налепницата се истакнува на задниот дел од возилото. Со ова решение се сака да се идентификуваат несовесните однесувања во сообраќајот на патиштата на оваа категорија учесници-возачи професионалци за да бидат лесно препознатливи од другите учесници во сообраќајот-граѓани кои би ги известиле надлежните служби за превземање на соодветни мерки.

Во овој контекст, од особено значење е прашањето на утврдување на брзината на движење на возилото, која се утврдува со уреди за мерење на брзина на движење на возила (радари), записен лист од тахографот или контролниот уред или со непосредно следење со возило, при што фотографијата и видео-записот со податоците за утврдената брзина, записниот лист од тахографот или контролниот уред и записникот за исчитаната брзина на радарот кој нема запис или брзиномер, претставуваат доказ за утврдена брзина на движење на возилото.

Покрај наведените докази, доказ за утврдена брзина на движење на возилото претставува и фотографија или копија од записниот лист од тахографот, освен во случај на сообраќајна незгода. Со предложеното решение се уредува употребата на копија од тахографска лента како доказ за брзо возење и истовремено издавање на потврда за привремено одземени предмети, со што возачите кои патуваат во други земји се санкционираат заради немање на потребниот број на тахографски ленти за докажување на времетраењето на управување со возилото и брзината на движење за изминатиот период од 28 дена согласно посебен закон.

Во Главата ,,IX. Организација и задачи на совети за безбедност на сообраќајот на патиштата“, уредено е функционирањето на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во Републиката односно општински совети за безбедност на сообраќајот на патиштата како посебни општински тела, односно совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во градот Скопје, во општините и градот Скопје. Предвидени се основните аспекти сврзани со работата на овие тела, нивните задачи и начин на финансирање.

Во Главата „X. Евиденции и заштита на податоци“ уредени се евиденциите кои согласно закон ги води Министерството за внатрешни работи, кои лични податоци ги содржат истите како и се предвидени рокови за нивно чување. Воедно се предвидени одредби во однос на заштита на личните податоци од страна на Министерството за внатрешни работи, автошколите и испитните центри.

Имајќи ја предвид потребата од усогласување на предложениот закон со Законот за прекршоците во Главата ,,XI. Прекршочни одредби“, предвидена е прекршочна постапка со издавање на мандатен платен налог во мандатна постапка, односно прекршочен платен налог во прекршочна постапка со определување на надлежноста на прекршочен орган односно суд со нормирање на одредби за кои е предвиден прекршочен платен налог за кој е надлежен прекршочен орган, односно суд.

Предвидени се одредби со кои возачките дозволи издадени согласно прописите кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжат да важат до истекот на рокот на важење наведен во истите. Запишувањето на категориите „АМ“, „А2“ и „Т“ во возачката дозвола ќе се врши започнувајќи од 8 април 2017 година.

Дозволите за возач-инструктор од категориите „А“, „Б“, „Ц“, „Д“ и „Е“ издадени согласно одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/07, 84/07, 86/08, 98/08, 64/09, 161/09, 36/11, 51/11, 114/12 и 27/14), ќе бидат заменети со нови дозволи за возач-инструктор во рок од една година од денот на започнувањето на примената на овој закон.

Одредбите кои се однесуваат на начинот и постапката за издавање на меѓународна возачка дозвола и одобрение за управување на туѓо моторно возило во странство ќе се применуваат од 30 јуни 2016 година, а издадените меѓународни возачки дозволи и одобренија за управување на туѓо моторно возило во странство ќе продолжат да важат до истекот на рокот на важење наведен во истите.

Постојните правни лица овластени за издавање на меѓународна возачка дозвола и одобрение за управување на туѓо моторно возило во странство се должни во рок од една година од денот на започнувањето на примената на овој закон да го усогласат своето работење и да поднесат барање за добивање на овластување согласно одредбите на овој закон.

Постојните испитни центри кои работат согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/07, 84/07, 86/08, 98/08, 64/09, 161/09, 36/11, 51/11, 114/12 и 27/14) се должни да го усогласат своето работење согласно одредбите на овој закон најдоцна до 30 март 2017 година.

Министерството за внатрешни работи го воспоставува единствениот електронски систем за полагање на стручните испити од овој закон во рок од една година од денот на започнувањето на примената на овој закон.

Одредбите од овој закон кои се однесуваат на полагање за лиценца за предавач по наставна програма, возач-инструктор, контролор, испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и испитувач по наставна програма управување со возила (практичен дел) на електронски начин ќе се применуваат од 30 март 2016 година.

–ПРАВДИКО–

Страници: 1 2 3 4

Препорачуваме

Партнери на Правдико