Правдико

   

Сите за правично судење: Судовите да обезбедат соодветни простории за одржување на рочиштата за време на пандемијата

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Коалицијата Сите за правично судење соопшти дека во одредени судови, лица во својство на јавност, вклучувајќи и претставници на невладини организации кои се препознаени како стручна јавност согласно процесните закони, врз основ на судскиот протокол се спречени да присуствуваат и да ги набљудуваат судските рочишта, со образложение дека нема доволно простор во судницата како би се обезбедило соодветна физичка дистанца помеѓу лицата кои што се во истата. Поради тоа тие ја истакнуваат својата загриженост поради потенцијалното влијание кое вака изготвениот и на овој начин донесен Протокол може да го има врз правото на правично судење, и тоа од повеќе аспекти.

На 20.10.2020 на веб страната на Основниот кривичен суд Скопје беше објавен Протокол за спроведување на мерки за заштита од Ковид-19 во судовите, со кој се предвидуваат низа мерки кои се однесуваат на сите вработени, но и на сите странки и граѓани кои влегуваат во судот.

„Најнапред, иако овој Протокол според својата содржина се однесува на сите судови во земјата, тој до сега е објавен само од страна на Основниот кривичен суд Скопје и воедно воопшто не е наведено кој орган, тело или институција го има донесено, туку само е наведено дека истиот е изготвен од страна на Здружението на судии, а објавен од страна на Основниот кривичен суд Скопје. Оваа ситуација повлекува низа прашања во однос на транспарентноста и независноста на судската власт. Во овој контекст, иако Здружението на судии е професионална организација сочинета од судии, сепак истото е само граѓанска организација, односно здружение на граѓани, па така истото не е препознаено како тело, институција или орган кој на било каков начин може формално да влијае врз судската власт и да носи обврзувачки акти за сите судови во земјата, директно навлегувајќи во овластувањата на Судскиот совет. Во оваа насока е и Одлуката за постапување на судовите во услови на зголемена опасност од вирусот Ковид-19, која во март 2020 година беше донесена од страна на Судскиот совет.

Со оглед на тоа, се поставува прашањето дали овој Протокол пред да започне со примена претходно треба да биде усвоен од страна на Судскиот совет и да биде јасно наведено од кој орган истиот е донесен, како и да биде јавно објавен и достапен во сите судови со цел граѓаните да можат соодветно да се информираат и прилагодат на мерките ?

Дополнителна загриженост предизвикуваат и самите мерки кои се наведени во Протоколот, а кои даваат широки овластувања на судиите да ја ограничат, па дури и целосно да ја отстранат јавноста од постапките, спротивно на законските, уставните и меѓународните одредби кои се однесуваат на правото на фер судење. Така, согласно Уставот на РСМ, Европската конвенција за човековите права на Советот на Европа, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на Обединетите нации, како и домашните процесни закони, судењата во судовите се јавни, а причините поради кои јавноста може да биде исклучена, како и начинот на кој истото може да биде направено се соодветно предвидени. Јавниот карактер на постапката е важен дел од обезбедувањето на правичноста, а спроведувањето на правдата треба да биде видливо, така што да биде подложно на јавен надзор, што воедно ќе послужи и како механизам со кој ќе може
да се зајакне довербата на граѓаните во судството и правосудните институции“, се вели во соопштението.

Според Коалицијата, „законот за кривичната постапка предвидува дека доколку нема соодветни услови за одржување на главната расправа во одделни простории, судот може да определи главната расправа да се одржи во друга просторија“.

„Оттаму сметаме дека судовите треба да вложат напори за разгледување на сите останати алтернативни мерки во насока на обезбедување на соодветни простории за одржување на судските рочишта за време на пандемијата, а со цел заради обезбедување на стандардите за фер и правично судење на граѓаните. Согласно Законот за кривичната постапка, точно е определено во кои ситуации судот може да ја исклучи јавноста на главната расправа, а тоа да не се смета за суштествена повреда на постапката.Воедно ЗКП го обврзува судечкиот судија, или судечкиот совет, доколку постојат причини за исклучување на јавноста, да донесе решение за истото, кое мора веднаш да биде јавно образложено. Имајќи го предвид горе наведеното, Коалицијата, ги поздравува напорите за заштита од Ковид-19 од страна на правосудните институции и судовите, преземени како не би се изложиле граѓаните на ризик за зараза од вирусот, но воедно апелира судовите и правосудните институции да вложат дополнителни напори за почитување на човековите права во време на пандемија, како би се обезбедило фер и правично судење за сите граѓани согласно највисоките меѓународни стандарди за фер и правично судење.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико