Ситуацијата во Македонија главна точка на денешниот совет на ЕУ | Правдико

Правдико

   

Ситуацијата во Македонија главна точка на денешниот совет на ЕУ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Ситуацијата во Република Македонија и се што се случува во земјата ќе биде главна тема на дискусија на денешниот Совет за надворешни работи (ФАК) на Европската унија што ќе се одржи во Луксембург, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Според програмата што ја објави летонското претседателство со Советот на ЕУ, министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, како централна точка на состанок ја имаат политичката ситуација во Република Македонија.

Според агендата, шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите, за нашата земја ќе разговараат со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, а по пладневниот состанок со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун. Заклучоците што ќе ги донесе Советот на ЕУ, овој четврток и петок ќе бидат усвоени од страна на шефовите на државите и Владите на ЕУ-земјите на Самитот на Европскиот совет, јави дописникот на МИА од Брисел.

– Во април годинава, Советот изрази „сериозна загриженост во врска со влошувањето на ситуацијата во земјата, особено во областа на владеењето на правото, основните права и слободата на медиумите”. Тој ги повика сите страни да преземат одговорност и да преземат итни мерки насочени кон обезбедување на одржливо решение и конструктивно да се вклучат да го рестартираат политичкиот дијалог и да ја вратат довербата во институциите – се наведува во најавата за дебатата за Македонија што денеска ќе ја имаат министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија.

Во најавата за дискусијата за македонската држава, се посочува и дека Јоханес Хан, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување го посетил Скопје на 2 јуни и се состанал со водачите на главните политички партии во насока на изнаоѓање решение за тековната политичка криза во земјата.

– Договор беше постигнат за голем број прашања, вклучително и на посветеноста кон реформите. Разговорите продолжија во Брисел на 10-ти јуни, но се уште не е постигнат конечен договор. ЕУ продолжува да ги повикува сите страни, во интерес на својата земја и нејзините граѓани, да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, врз основа на договорот од 2-ри јуни. Комисијата останува подготвена да ги олесни дискусиите – посочуваат од Советот на ЕУ.

Денешните заклучоци на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Унијата, ќе ги носат најмногу врз основа на приоритетите за итни реформи што во петокот ги испорача Европската комисија, а во однос на релевантни прашања од владеењето на правото, потенцирајќи многу приоритети што според ЕК „Република Македонија треба да ги исполни во областа на владеењето на правото и основните права, деполитизација на јавната администрација, слободата на изразување и изборните реформи”.

Зависно од исходот на последните преговори на политичките лидери во Македонија за надминување на политичката криза, како и на заклучоците што ќе ги усвои денеска Советот на Унијата, а кои во четврток и петок ќе ги потврдат шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите на Самит на Европскиот совет во Брисел, има голема веројатност за Македонија, по шест последователни години, во октомври, во најновиот извештај на Европската комисија, да ја загуби препораката за отворање на преговорите за членство во ЕУ.

Извор: Мета.мк

Препорачуваме

Партнери на Правдико