СЈО бара притвор за 18 лица, а за 47 мерки за претпазливост | Правдико

Правдико

   

СЈО бара притвор за 18 лица, а за 47 мерки за претпазливост

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

На ден пред истекот на рокот за поднесување обвиненија, Специјалното јавно обвинителство денеска објави дека за 18 предмети ќе бидат поднесени обвиненија за вкупно 94 физички лица и 7 правни лица.Тие се обвинети за 22 кривични дела. Ова се нови обвиненија и во оваа бројка не влегуваат претходните три обвиненија: „Тврдина 2“,„Насилството во Центар“ и „Транспортер“, кои веќе се во судска постапка.

Според информациите добиени од СЈО, мерка притвор е предложена за 18 лица.Најмногу во случајот „Титаник“ и во „Тврдина“ и „Таргет“, кои се споени во еден предмет, каде од судот се бара да определи притвор за по 5 лица.

Во првоотворениот случај на СЈО за изборните измами наречен „Титаник“ од иницијалите (Н.Г,М.П,К.Б,М.Ј и Г.Ј) може да се препознае дека се бара притвор за целиот врв на донеодамна владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а сега тазе опозиција. Поточно, за експремиерот Никола Груевски, за неговиот шеф на кабинет,Мартин Протоѓер, за поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски, како и за поранешните министри за транспорт и врски и полиција, Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска. Притвор се бара и во „Титаник 3“, за лица со иницијали И.Г и Е.А.

Што се однесува до  предметот  „Тврдина“ и „Таргет“ ,таму мерка притвор е предложена за лицата С.М,Г.Г,Т.Ј.Н.Б и Н.Н.Од иницијалите може да се препознае дека прв од листата е поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој е првообвинет во овој предмет за „злосторничко здружување“, за злоупотрееба на службената положба и овластување, како и за примање награда за противзаконито влијание. Притвор се бара и за поранешниот прв човек на Петата управа, Горан Грујевски,за когој веќе се води судска постапка за предметот „Тврдина 2“, како и за Тони Јакимовски, некогашниот шеф на кабинет на ексминистерката за полиција, Гордана Јанкуловска.

Во предметот „Траекторија“ се бара притвор за лицето В.П (ексминистерот Владимир Пешевски), во „Тотал“ за Д.П.Л- за даночно затајување на фирмите зад кои стои главниот и одговорен уредник на „Сител“, Драган Павловиќ Латас,   за началникот на полиција Ѓ.П во предметот „Триста“, како и за лицето Т.Т. во случајот „Т.Н.Т“,за кое лесно може да се утврди дека станува збор за градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Тимот на Јанева предложил и мерки за претпазливост за 47 лица, кои имаат обврска да се јавуваат пред определено службено лице или кај државен орган, или за привремено одземање на патна или друга исправа за преминување граница, односно забрана за нејзино издавање.Тоа се однесува и на уредничката на „Сител“,Ивона Талевска, за која е поднесено обвинение во предметот „Тифани“ за даночно затајување.

Интересно е што во предметот “Тортура“, кој се однесуваше на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, е предложена мерка „забрана за приближување, односно одржување контакти“.

Специјалното јавно обвинителство донело решенија за непреземање на кривично гонење за шест лица, наредби за запирање на истражната постапка за девет лица, како и наредба за прекин на истражната постапка за три лица.

Г.Дувњак

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико