СЈО ги гони ВМРО-ДПМНЕ и Груевски за рекет и незаконско градење на Белата Палата | Правдико

Правдико

   

СЈО ги гони ВМРО-ДПМНЕ и Груевски за рекет и незаконско градење на Белата Палата

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

За првпат, ВМРО-ДПМНЕ како партија станува дел од обвиненијата на СЈО. Случајот „Талир“ кој ја отвори Пандорината кутија за тоа како црни пари влегувале во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа со истите бил купуван имот, влегува во судска процедура.

Никола Груевски како поранешен лидер на партијата, а сега азилант во Унгарија, е обвинет за незаконско финансирањето на партијата, но и за изградбата на Белата Палата и за него се бара притвор. И ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е дел од обвинението, нешто што досега не беше случај во постапките на обвинителството, кога се гонеа само претставници на партијата.

За случајот „Талир“ поднесени се две обвиненија – првото е за начинот на кој е изградено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а второто за начинот на финансирањето на партијата, каде што се слевале пари од рекет од фирми кои добивале државни тендери.

За изградбата на Белата Палата обвинети се Никола Груевски и Кирил Божиновски, а за финансирањето на партијата освен Груевски и Божиновски, обвинети се и Миле Јанакиески, Илија Димовски, Елизабета Чингароска и Леко Ристоски.

За овој случај, СЈО презело стар предмет од Основното јавно обвинителство, па затоа има и законско право да поднесе обвинение за случајот, со оглед на тоа што рокот од 18 месеци течел од моментот кога е преземен предметот од ОЈО.

За случајот „Талир“, „Макфакс“ веќе објави истражување со сите детали околу имотот на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е замрзнат како привремена мерка за обезбедување.

Рекетирани биле фирми кои добивале државни тендери

Во првото обвинение, на Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал пари од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ.

Според обвинението, тој бил помогнат од Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои вршеле притисок на фирми со кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат пари во кеш за потребите на финансирање на политичката партија како противуслуга за добиените јавни набавки.

Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 4,6 милиони евра.

„Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај“, стои во соопштението на СЈО.

Отакако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштале во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Кон обвинението поднесен е предлог за определување мерки за претпазливост спрема обвинетата Елизабета Чингаровска – обврска да се јавува еднаш неделно во Основен суд Скопје 1 Скопје и привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова.

„Бетон“ додека добивал тендери, го градел седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за 7 милиони евра

Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

За реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75% од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај тоа што за правното лице ДГ Бетон АД Скопје важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, сепак обвинетите договориле несразмерна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало правното лице ДГ Бетон АД Скопје, овозможувајќи му да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од речиси 7 милиони евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата над 2 милиони евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 815.323 евра.

„На ваков начин, а спротивно на законските прописи, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 8.246.576 евра“, се вели во соопштението.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико