СЈО го истражува „Скопје 2014“ : Под лупа Воинот на коњ, Воин, Цар Самоил и Ченто | Правдико

Правдико

   

СЈО го истражува „Скопје 2014“ : Под лупа Воинот на коњ, Воин, Цар Самоил и Ченто

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Четирите предмети кои Специјалното јавно обвинителство ги побарало од општина Центар се поврзани со изградбата на спомениците: Воин на коњ (Александар Македонски), Воин ( Филип Втори), Цар Самоил и споменикот на Методија Андонов Ченто, дознава НОВА. Овие споменици се дел од мегаломанскиот проект Скопје 2014 кој досега се потрошени над 600 милиони евра.

spomenici-katica

Според информациите на НОВА, истражителите на СЈО ги подигнале сите материјали и докази кои се приложени во Ревизорскиот извештај на општина Центар за Скопје 2014, кој беше изготвен по стапувањето на функцијата на градоначалникот Андреј Жерновски во мај 2013 година.

Проектот „Скопје 2014“, кој навидум започна скромно, со првично најавена инвестиција од 80 милиони евра, до денес достигна над 600  милиони евра, сума која не е конечна, а од првично најавените четириесетина споменици и објекти – градот доби над 130.

Овој контроверзен и мегаломански проект го одбележува децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а негов идеен творец е поранешниот премиер Никола Груевски. Уште од почетокот „Барокно Скопје“ беше мета на критики и обвинувања дека е пералница на пари, дувло на криминал и расипништво. Во време на најголемата економска криза, Скопје 2014 не престана да се гради, а постојано беше надополнувано по принципот „Миле ми текна“.

Овие 600 милиони евра се народни пари и затоа граѓаните секој објект го идентификуваат со 40 Тамари, 20 болници, училишта и се она што беше поприоритетно да се изгради. Токму објектите од Скопје 2014 сега се мета и на „Шарената револуција“, како револт кон власта за недомаќинското работење.

Споменик – Воин на коњ

spomenik-na-aleksandar-300x182

Споменикот на Александар Македонски или Воин на коњ е еден од најскапите споменици во рамките на проектот Скопје 2014. Сместен е во центарот на метрополата и според официјалните документи чини  8.280.282 евра. Автор на „Воинот на коњ“ е скулпторката Валентина Стевановска на која и беа исплатени 649,000 евра за авторски хонорар, материјали, техничка поддршка, транспорт.

Споменикот беше лиен во италијанската леарница „Маринели“, единствен понудувач на конкурсот, со цена од 4.549,000 евра која била прифатена од општина Центар, за време на раководството на чело со Владимир Тодоровиќ.

Во ревизорскиот извештај на општина Центар за овој споменик пишува дека има многу неправилности во понудата од фирмата Фондериа Артистика Фердинандо Маринели сас Фиренца – Италија и таа требала да се отфрли, а постапката за јавна набавка е повторена. Исто така, според извештајот симптоматичен е хонорарот на авторката Стевановска, за чија сума нема адекватно образложение.

Споменик – Цар Самоил

Споменикот на Цар Самоил беше поставен на плоштадот во Скопје во 2011 година. Неговата цена според официјалната документација е 1.478.000 евра. Автор на споменикот е Димитар Филиповски, а го изработи италијанската уметничка галерија „Базанти“. Првичната локација му беше во непосредна близина на „Воинот на коњ“, но потоа беше дислоциран.

spomenik-na-samoil-300x182

Цената за преместувањето на Цар Самоил, е вклучена во договорот за реконструкција на плоштадот што Град Скопје го склучи со фирмата „Трансмет“во висина од 2,5 милиони евра.

За преместување на Цар Самоил државата платила неверојатни 2,5 милиони евра на фирмата “Трансмет” на бизнисменот Сеад Кочан.

Во ревизорскиот извештај кој сега е во рацете на обвинителите од СЈО за овој споменик е констатирано дека леарницата од Фиренца “PietroBazzanti” која го добила тендерот воопшто не била регистрирана за оваа дејност. Понудата морала да биде отфрлена.

„Наместо тоа, општината Центар со понудувачот “PietroBazzanti” склучила договор за јавна набавка за изработка на споменикот на Цар Самоил за износ од 1.380.000,00 евра.“

Споменик Методија Андонов – Ченто

Овој споменик е поставен во 2012 година, а чини 868,720 евра. И овој споменик е дело на вајарот Димитар Филиповски.

За изработка на скулптурата авторскиот хонорар е 15.000 евра, но исплатена му е сума и за други трошоци како што се:изнајмување хангар од 300 квадратни метри, за девет месеци се потрошени над 16.000 евра, за сметки за струја 2.250 евра, за соработници, по 700 евра месечно за девет месеци, за храна, кафе, пијалаци за девет месеци – 9.000 евра или вкупно 4,7 милиони денари.

spomenik-na-cento-300x182

Но, според извештајот на Општина Центар, на Филиповски му биле исплатени вкупно 161,000 евра.

И овој споменик е доделен на изработка на италијанската фирма “PietroBazzanti”. Според ревизијата, и оваа понуда морала да биде отфрлена и постапката повторена. Наместо тоа, општината Центар со понудувачот “PietroBazzanti” склучила договор за јавна набавка за изработка на споменикот на Методија Андонов Ченто за износ од 785.000,00 евра.

Во случајот на оваа јавна набавка дополнителна забуна создава фактот што во Извештајот од Комисијата за јавни набавки стои податок дека “PietroBazzanti” понудил цена од 1.380.000,00 евра, додека пак во договорот, кој е склучен со оваа фирма, фигурира цена од 785.000,00 евра.

Воин или Филип Втори

spomenik-na-filip-300x182

Статуата на Филип Втори чини помалку од онаа на неговиот син, односно 4,444,000 евра. Автор на двата споменика е скулпторката Валентина Стевановска,  а нејзините модели од гипс биле излеани во бронза во леарницата „Гуастини“ во Италија. Хронолошки, по приемот на пристигнатите трудови од авторите, најдобро бил рангиран тој на Стевановска, чија идеја била една скулптура на воин со една фонтана.

„Меѓутоа, во фазата на преговарање помеѓу општината и авторот, доаѓа до драматично менување на проектот, па така од првобитната замисла, поткрепена со соодветни одлуки и друга документација, се склучува договор за изработка на монументална целина составена од четири фонтани, со голема скулптура на воин и пропратна фигуративна содржина составена од повеќе скулптури и релјефи на луѓе, коњи и лавови”, пишува во Извештајот.

Но, ако статуата требала да чини 500.000 евра, истата статуа надградена и проширена повлекла уште неколку милиони евра од нашите џебови. Па така имало договор според кој само трудот на авторката е награден со 1.500.000 евра.

Цената за лиење во Италија е 2,950,000 евра, со што крајната сума е 4,450,000 евра само за спомениците во бронза, без цената за изведба на четирите фонтани.

Според Ревизорскиот извештај и за овој споменик постапката била спротивна на Законот за јавни набавки.

„Сето тоа резултирало со незаконски дадена можност, да врз основа на непосредно договарање со авторот се исплатат огромни средства од буџетот на општината Центар.“

Сите овие документи сега се во Специјалното јавно обвинителство, кое треба да испита дали сумите кои се исплатени од буџетот на државата се веродостојни и оправдани.

Извор: НОВА ТВ

Препорачуваме

Партнери на Правдико