СЈО ќе бара “доброволен“ и без судски налог увид во броевите на Македонски телеком
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.По четири неуспешни обиди на Специјалното јавно обвинителство да обезбеди судски налог за влез во податоците на најголемиот оператор во државата,тимот на Јанева ја менува стратегијата.СЈО,повикувајќи се на одредба од Законот за кривична постапка,кој предвидува “доброволно“ пребарување во системот без судски налог, ќе се обиде во директен контакт со одговорните на компанијата да дојде до бараните податоци.
Како што дознава Макфакс,веќе е договорена работна средба со врвот на Македонски телеком, која треба да се оддржи после Велигденските празници, а најдоцна до крајот на овој месец.
Специјалното јавно обвинителство со месеци се соочува со опструкции и не може да ги добие податоците од најголемиот оператор во државата –Македонски телеком, каде се наоѓа најголемата база на броеви на мобилните телефони.
Со тоа се оневозможени да направат целосно споредба колку вкупно телефонски броеви во државата нелегално се прислушувани без судски налог.
Кривичниот суд дури четири пати ги одби нивните барања за обезбедување влез до бараните податоци со судски налог. Одговорните од Македонски телеком, јавно тврдеа дека се подготвени за соработка.
Досега,тимот на Катица Јанева успеа да обезбеди податоци од само еден оператор, кои беа вкрстени со базата на податоци во УБК.
На 19 октомври 2016 година, Специјалното јавно обвинителство успеа да влезе во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање ,каде по многу убедувања и проблеми, сепак, им беше обезбеден увид во компјутерските податоци во УБК..
На 18 ноември минатата година (на само два дена пред почетокот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори), СЈО ја објави деветтата по ред истрага под кодното име “Таргет“.
На истата прес-конфереција, беше соопштено дека еден оператор ги нема доставено податоците што се побарани.
„Писмено побаравме податоци, но добивме одговор дека не поседуваат такви податоци. Затоа побаравме судска наредба за да провериме дали навистина немаат податоци какви што баравме“, изјави тогаш обвинителката Ленче Ристоска.
Но, како што рече таа, во интерес на истрагата, не може да го открие името на операторот.
Бараните податоци се дел од истрагата под кодно име “Таргет“, во која се осомничени вкупно десет лица, од кои дел се поранешни високи функционери во УБК, а дел од пониските ешалони, кои се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Тие се осомничени дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Преку системите за следење на комуникациите незаконски биле следени најмалку 4.286 телефонски броеви без издадени судски наредби.
Таргетирани биле политичари, новинари, бизнисмени, познати личности.. .Се следело и пред да се издаде наредба и по нејзиното завршување, а такви случаи, според СЈО, има најмалку 1.541.
Извор: Макфакс