СЈО ќе може кривично да ги гони претседателот на државата, амбасадори и функционери во правосудството | Правдико

Правдико

   

СЈО ќе може кривично да ги гони претседателот на државата, амбасадори и функционери во правосудството

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Специјалниот јавен обвинител ќе може кривично да ги гони претседателот на државата, амбасадори и други претставници на државата во странство, предвидува предлог-законот за специјалното јавно обвинителство, објавен на ЕНЕР. Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ќе се трансформира во специјално јавно обвинителство.

Шефот на СЈО го избира Советот на јавните обвинители за време од пет години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор. Во предлогот пишува дека јавните обвинители во СЈО по објавен оглас по предлог на специјалниот јавен обвинител ги избира Советот на јавните обвинители од редот на избраните јавни обвинители на неопределено време. Бројот на јавните обвинители, според предлог-законот, го определува Советот на јавните обвинители по предлог на специјалниот јавен обвинител во зависност од потребите, сложеноста и обемот на работа.

Освен прислушувањето, СЈО ќе може да гони кривични дела што ги извршиле претседателот на државата, поставените амбасадори и други претставници на државата во странство и именувани лица од претседателот на државата, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје и одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето; животната средина и природата; културното наследство и природните реткости; јавни финансии, платен промет и стопанство.

СЈО ќе може да гони дела што ги сториле вооружените сили; дела против службената должност и јавниот ред, како и кривичните дела неовластено одавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите што се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица од Законот за заштита на сведоците и кривично дело давање лажен исказ, спречување докажување, незаконито влијание врз сведоци, присилба према правосуден работник, спречување службено лице во вршење службено дејствие, ако овие дела се сторени во врска со постапки што ги води специјалното јавно обвинителство.

Во предлог-законот пишува дека по писмено барање од специјалниот јавен обвинител, јавните обвинителства се обврзани во рок од осум дена да го предадат предметот по кој постапуваат за да се одлучи дали тој спаѓа во надлежноста на специјалниот јавен обвинител во согласност со неговата наделжност.

Ако специјалното јавно обвинителство биде укинато, Советот на јавните обвинители ќе го распореди шефот на СЈО како јавен обвинител во Јавно обвинителство на Република Македонија, а јавните обвинители во специјалното јавно обвинителство како јавни обвинители во Вишите јавни обвинителства.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико