Правдико

   

СЈО: Не водиме предистражна постапка против обвинителот Владимир Милошевски

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Специјалното јавно обвинителство демантира дека води предистражна постапка против јавниот обвинител на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Владимир Милошевски. Од СЈО потврдуваат дека политичката партија СДСМ до нив поднела кривична пријава против обвинителот Милошевски и други лица и дека сè уште се испитуваат наводите во кривичната пријава.

sjo6

„До ова јавно обвинителство доставена е кривична пријава од политичката партија СДСМ против јавниот обвинител Владимир Милошевски и други непознати лица, за која е оформен предмет во ова јавно обвинителство. Предистражната постапка по овој предмет не се води против конкретно лице, туку се води како настан во рамки на кој се испитуваат евентуални кривично-правни аспекти поврзани со наводите во кривичната пријава. Според тоа, не се точни информациите дека против обвинителот Владимир Милошевски се води предистражна постапка во ова јавно обвинителство“, стои во демантот на СЈО.

Адвокатскиот тим на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешното рочиште за случајот „Поткуп“, соопшти дека побарал изземање на јавниот обвинител Владимир Милошевски бидејќи против него е поднесена кривична пријава до Специјалното јавно обвинителство за повеќе кривични дела, која била процесирана од страна на СЈО.

Тие од судот побараа запирање на судската постапка за случајот „Поткуп“ додека СЈО не донесе одлука во однос на обвинувањата против обвинителот Милошевски и други лица, на кои се однесува кривичната пријава.

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го одби барањето на адвокатскиот тим на Заев за изземање на обвинителот Милошевски од случајот „Поткуп“. Решението на Обвинителството е потпишано од обвинителот Златко Биковски, на што реагираше одбраната на Заев, која рече дека решението е незаконско.

Иако судот планираше денеска да почне судењето, тоа сепак беше повторно одложено и презакажано за 23 јануари, бидејќи лидерот на СДСМ во 13 часот имал закажано средба со италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео.

Извор: Мета

Партнери на Правдико