СЈО од понеделник со првите обвиненија и нови истраги
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Специјалното обвинителство се подготвува од понеделник да ги стартува првите обвиненија и се најавуваат нови истраги, дознава 24 вести од извори во обвинителството.
Во пресрет на годишнината од формирањето на СЈО, стигна уште една негативна одлука од Советот на јавни обвинители. Случајот на Зоран Божиновски сепак ќе го водат обвинителите на Марко Зврлевски, а не Катица Јанева.
– Нашата одлука е основана на фактот што самиот предмет за Зоран Божиновски беше дел од процесот Шпион, за кој уште пред неколку месеци веќе се изјаснивме дека СЈО е ненадлежно, по што воопшто немаше дилема како ќе се одлучува по тоа барање, вели за 24 вести претседателот Петар Аневски.
Во меѓувреме, СЈО го стокми извештајот за сработеното во изминатите шест месеци. Но, нема никакви најави што ќе се најде во него. Правниците очекуваат дека Катица Јанева ќе обелодени бројка од над 100 осомничени.
Извештајот во суштина ќе биде сублимат на некои технички, финансиски и некои податоци за предметното работење. Ќе дознаеме дали парите се доволни од оние што им се дадени. Ќе дознаеме дека конечно е екипиран, конечно е во новиот објект дека се исполнети поголемиот дел од условите за негово функционирање и ќе дознаеме колку нови лица се осомничени. Моја претпоставка е дека ќе имаме над 100 осомничени лица, анализира Воислав Стојановски, правник од Хелсиншки комитет.
По 12 месеци работа, Стојановски анализира дека СЈО е единствената институција со најголема доверба која успеала да алармира за недостаток на правда во државата.
– СЈО го вклучи будилникот на правната држава во Македонија. Добивме институција со најголема поддршка и доверба меѓу граѓаните, 63% му веруваат на СЈО, а додека само 30% не му веруваат и со ова не може да се пофали ниту една друга државна институција, вели Стојановски.
За да се одржи довербата меѓу граѓаните, правниците проценуваат дека е крајно време СЈО да ги отпочне судските постапки.
Извор: 24Вести