СЈО: Задоволни сме од предлог-измените на Законот за заштита на сведоци | Правдико

Правдико

   

СЈО: Задоволни сме од предлог-измените на Законот за заштита на сведоци

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Специјалното јавно обвинителство е задоволно од предлог-измените на Законот за заштита на сведоци, кој наскоро треба да се најде на усвојувње во Собранието. Од обвинителството за „Мета“ велат дека во предложеното законско решение се вградени барањата и сугестиите што СЈО ги дало во текот на подготовката на предлог-законот.

– СЈО беше вклучено во работната група за подготовка на предлог-измените на Законот за заштита на сведоци. Нашите барања и сугестии беа прифатени и вградени се во текстот. Овој предлог-текст одговара со барањата и на потребите на Специјалното јавно обвинителство – ни одговорија од СЈО.

Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на сведоци, кој Владата на вчерашната седница одлучи да го достави до Собранието на усвојување, му овозможува на Специјалното јавно обвинителство да носи одлуки за вклучување на лица во програмата за заштита на сведоци, за случаите што се во надлежност на СЈО.

Според измените, на СЈО му се дава целосна автономија за прашањето за заштитата на сведоци, односно специјалната јавна обвинителка ќе ги има истите овластувања што ги има и Советот за заштита на сведоци.

Ова значи дека СЈО ќе одлучува кое лице ќе биде заштитен сведок, односно ќе биде вклучено во програмата и за кое ќе знаат одреден број луѓе, бидејќи како што предвидуваат измените, специјалната обвинителка одлуките ќе ги носи независно од Советот. Во него, инаку членуваат судија од Врховниот суд, претставник од Јавното обвинителство од редот на замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкциите, претставник од МВР и раководителот на одделението во МВР.

Специјалниот јавен обвинител, како што е наведено во законот, ќе одлучува и за определување на мерката за заштита – промена на идентитет.

Инаку, мерки за заштита на сведоци се: чување на тајност на идентитетот, обезбедување на лична заштита, промена на живеалиште и промена на идентитет.

Досега, според актуелниот Закон, за заштита на сведок одлучуваше Советот исклучиво на предлог на државниот јавен обвинител.

Инаку, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, уште во јануари минатата година побара измени во Законот за заштита на сведоци, кои по 10 месеци, односно во октомври, на предлог на тогашната опозиција, се најдоа во Собранието, но не беа поддржани од тогашното парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: Мета

Препорачуваме

Партнери на Правдико