СЈО засега не бара притвор за Мијалков по другите обвиненија | Правдико

Правдико

   

СЈО засега не бара притвор за Мијалков по другите обвиненија

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Специјалното јавно обвинителство, освен за случајот „Таргет-Тврдина“, засега нема побарано притвор за Сашо Мијалков по другите предмети што се водат против поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Во однос на тоа дали ќе има притвор за Мијалков по другите предмети, извори упатени во истрагата за „Макфакс“ велат дека сè зависи од одлуката на судот по жалбите на адвокатите за притворот на Мијалков.

Покрај обвиненијата за случаите „Таргет-Тврдина“ и „Империја“, Сашо Мијалков е обвинет и во предметите „Титаник 2“ за изборни нерегуларности, „Тортура“ за начинот на кој бил уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, и случајот „Трезор“, кој се однесува на злоупотреба на средства од буџетот на РМ во висина од 862 илјади евра.

Во јавноста се шпекулира дека за поранешниот директор на УБК подоцна ќе се бара притвор за најновиот предмет на СЈО, „Империја“, за кој досега е притворен бизнисменот Орце Камчев, како и сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески, заедно со уште тројца соработници што се поврзуваат со фирмите на Камчев.

Сашо Мијалков од вчеравечер е во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари по одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје, а по барањето на специјалното јавно обвинителство. Како што дознава „Макфакс“, во решението на кривичниот суд за притворот на ексдиректорот на тајната полиција за случајот „Таргет-Тврдина“ стои дека мерката му е определена поради опасност од бегство. Специјалното јавно обвинителство во барањето за притвор навело дека за обвинетиот имаат оперативни информации дека презема дејства и активности со кои планира да се даде во бегство. Во решението на советот, сепак, не е наведено на кои околности СЈО ја темели ваквата претпоставка.

Засега, СЈО не побарало да му биде замрзнат имотот на ексдиректорот на тајната полиција со оглед на тоа што во решението за притвор за предметот „Таргет-Тврдина“ пишува дека правни и физички лица поврзани со Сашо Мијалков поседуваат над 8 милиони евра имот.

Адвокатот на Сашо Мијалков, Антонио Апостолски, денеска изјави дека ќе биде упатена жалба по одлуката на судот за одредување мерка притвор на обвинетиот. Тој исто така уште вчера потенцира дека е недозволиво да се одреди мерка притвор, без претходно да биде сослушан обвинетиот.

Виктор Јованов

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико