Правдико

   

Слаба финансиска транспрарентност и отчетност на енергетскиот сектор во Македонија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

energetika_ilustracija-600x329Скопје, 19.03.2015 – Аналитика тинк тенк ја објави својата последна студија под наслов “Како до финансиска транспарентност и отчетност кај институциите и компаниите во енеретскиот сектор во Република Македонија„ чиј што заклучок е дека државните институции директно инволвирани во енергетскиот сектор како Секторот за енергетика при Министерството за економија и Агенцијата за енергетика, понатаму независното тело Регулаторна комисија за енергетика, државните компании за производство и пренос на електрична енергија АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО, како и Собранието на Република Македонија и тоа конкретно Комисиите за економски прашања и финансирање и буџет се затворени кога се работи за односи со јавноста, споделување на информации и податоци.

Ова е случај особено кога станува збор за финансиското работење, како и тоа дека транспарентноста и отечноста се повеќе исклучок отколку правило во нивното работење.

Како главни недостатоци и проблеми кои беа идентификувани при анализата на работата на  институциите и државните компании  се:

Генерални

– необјавување годишни програми со финансиски планови;

– необјавување на годишни извештаи со детални финансиски анализи на потрошените средства во претходната година;

– необјавување на внатрешни и надворешни ревизорски извештаи;

– таму каде што има извештаи – неконзистентност низ годините при известувањето како во формата така и во содржината на извештаите;

– непрецизни буџети, кои што исто така не се доволно јасни за пошироката јавност;

– проблеми со водењето на сметководствата;

– непрецизни закони кои се однесуваат на овој сектор посебно Законот за енергетика како и Законите за државна помош, јавни набавки, заштита на конкуренцијата;

– проблеми со тендерите и јавните набавки т.е. непочитување на пропишаните законски процедури;

– необјавување на дадените тендери како и остварените јавни набавки на своите веб страници;

– непроследување на откриени недостатоци во работењето – непознатост што се случува со одредени случаи откако ќе се откријат и упатат до надлежните институции како МВР, Јавно обвинителство, итн;

– предолги процедури откако ќе се утврдат недостатоци во работењето;

– мали казни за тие што ги сториле прекршоците;

– немање законска обврска за постапување по наодите на државниот ревизор;

– нетранспарентна државна помош за енергетските државни компании;

– недоволно известување по медиумите особено за случаите каде што се откриени недостатоци при работењето;

За одделни институции

– проблематична (не)зависност на Регулаторната Комисија за енергетика и нејасна позиција во системот на Агенцијата за енергетика;

– недоволна вклученост на Собранието на РМ во одлучувањето по енергетските прашања;

– нетранспарентност на Секторот за енергетика при Министерството за економија, без ниту еден податок или информација објавени на интернет страницата на министерството;

– пронајдени неправилности во начинот и постапките за доделување на договори за одредени јавни набавки и реализација на склучените договори кај ЕЛЕМ;

– финансиска нетранспарентост со таканаречените проекти од општествен интерес на МЕПСО и ЕЛЕМ, нејаснотии околу оправданоста, недоволни расправи за користа од нивното имплементирање итн;

– слаб човечки и финансиски капацитет кај оние институции кои би требало да вршат некаков надзор како Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државната комисијата за спречување на корупција.

За ублажување и надминување на ваквите состојби, дел од препораките на Извештајот се:

  • Пазарот на тргување со електрична енергија, со оглед на тоа што е високо профитабилен, треба да биде построго регулиран, исто како и надзорот над трговците со енергија.
  • Да се регулира работата на ЕЛЕМ и МЕПСО со посебни закони или подзаконски акти.
  • Да се воведат посебни поглавја или членови во Законот за контрола на државната помош и Законот за заштита на конкуренцијата, кои ќе се однесуваат на енергетските прашања, со што подробно би се регулирала државната помош во овој сектор (строго под кои услови може да биде доделена, казни ако се доделува незаконски итн.) и со кои би се заштитила конкуренцијата на пазарот на енергетика, кој станува се’ поразвиен а со тоа и подложен на неправилности доколку законската основа не е доволно добра.
  • Да се воведе опција за надзор врз трошењето на пари кај Секторот енергетика при Министерството за економија, и кај Агенцијата за енергетика, како и над сите проекти каде што државата гарантира при заеми на државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО, кој би го извршувала Комисијата за економски прашања при Собранието на Република Македонија.
  • Воведување толковник во Буџетот на Република Македонија со кој сите финансиски поими ќе бидат објаснети што значат.
  • Поголема прегледност на енергетските проекти во самиот Буџет на Република Македонија за да може компаративно да се споредува колку средства се предвидуваат и трошат низ годините. Посебно да се стави акцент на предвидените заеми во енергетскиот сектор и нивно јавно и јасно прикажување во самиот Буџет.
  • Агенцијата за енергетика да ги објавува ревизорските извештаи на својата интернет страница, како и сите програми и извештаи со тоа што тие треба да бидат лесно достапни, да можат да се преземаат и споделуваат и да имаат конзистентна форма пропишана со Правилник.
  • Агенцијата за енергетика јавно и транспарентно да ги објавува јавните набавки што ги има направено во текот на една фискална година.
  • Агенцијата за енергетика да објавува извештаи за спроведувањето на наодите од ревизорите.
  • Регулаторната комисија за енергетика да ги објавува ревизорските извештаи на својата интернет страница, како и сите програми и извештаи, со тоа што тие треба да бидат лесно достапни, да можат да се преземаат и споделуваат и да имаат конзистентна форма пропишана со Правилник.
  • Регулаторната комисија за енергетика да објавува извештаи за спроведувањето на наодите од ревизорите.
  • Регулаторната комисија за енергетика јавно и транспарентно да ги објавува јавните набавки што ги има направено во текот на една фискална година.
  • Секторот енергетика и целото Министерство за економија на Република Македонија да започнат со објавување на сите ревизорски извештаи на својата интернет страница, како и на сите годишни програми и извештаи како наративни така и финансиски, со тоа што тие треба да бидат лесно достапни, да можат да се преземаат и споделуваат и да имаат конзистентна форма пропишана со Правилник.
  • Секторот енергетика при Министерството за економија да ја подобри својата комуникација со јавноста, јавно приложувајќи кои лица работат во него, со истакнати информации за контакт.
  • Министерството за економија и Секторот енергетика, на својата интернет страница да поставува обновени листи на склучени договори за јавни набавки како и доделени тендери како за енергетскиот сектор така и во другите сектори. За поедноставно пребарување треба листите да се поделат секторски во зависност од тоа во колку сектори се склучени такви договори.
  • ЕЛЕМ И МЕПСО во финансиските планови и извештаи да почнат да ги наведуваат таканаречените проекти од општествен интерес, или пак истите да бидат издвоени во посебни извештаи, но јавно достапни на интернет страницата на компанијата.
  • ЕЛЕМ и МЕПСО да ги објавуваат ревизорските извештаи на својата интернет страница, како и годишните програми и извештаи, како наративни така и финансиски, со тоа што тие треба да бидат лесно достапни, да можат да се преземаат и споделуваат и да имаат конзистентна форма пропишана со Правилник.
  • ЕЛЕМ и МЕПСО да воведат пракса на објавување извештаи за тоа што е подобрено и како се решаваат проблемите предочени во ревизорските извештаи, како надворешни така и внатрешни.
  • МЕПСО да започне со објавување на целосни финансиски извештаи кои ќе содржат детални информации за финансиското работење на компанијата.
  • Да се зајакнат професионалните капацитети и да се зголеми буџетот на Државната комисија за спречување на корупција. Истата да се обврзе да ги следи сите случаи за кои дала мислење и се во процедура, поради водење јасна евиденција и статистика за разрешницата на случаите.
  • Воведување на парични но и казни за забрана за дејствија на пазарот, при прекршување на правилата на пазарот т.е. Законот за заштита на конкуренцијата и доколку се наруши конкуренцијата на пазарот на енергетика, во зависност од тежината на стореното дело.
  • Зајакнување на независноста и капацитетите и на другите институции кои што се занимаваат со надзор над работата на енергетскиот сектор во некој дел, како што се Комисијата за заштита на конкуренцијата, Царинската управа, како финансиски така и со човечки ресурси.
  • Обвинителите и судиите кои се инволвирани во случаи поврзани со енергетиката треба да поминат посебни обуки за тоа како да се справуваат со вакви случаи поради нивната специфична природа.
  • Судовите и Јавните обвинителства редовно да поднесуваат соопштенија до јавноста за процесите во кои што се инволвирани актери од енергетскиот сектор.

Изработката на оваа студија беше финансирана од проектот Акциска мрежа за добро владеење кој што е финансиран од Европската комисија преку програмата IPA CIVIL SOCIETY FACILITY (CSF) 2012-2013 спроведуван од организациите Метаморфозис, МЦЕО и Реактор. Студијата е достапна целосно на следниов линк: http://analyticamk.org/images/Files/Reports/Transparency-FINAL_07d1c.pdf

Партнери на Правдико