Слободата на изразување и говорот на омраза гледани преку ЕСЧП | Правдико

Правдико

   

Слободата на изразување и говорот на омраза гледани преку ЕСЧП

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

mmmmmmmmmccccccccccccЕвропскиот Суд за човекови права , во изминатите повеќе од пет децении, изгради судска пракса која е втемелена на демократските вредности и на концептот за Европското право. Судот поаѓа од обврската на државите членки на секој поединец во рамките на нивната надлежност да му ги обезбедат минималните стандарди во однос на заштитата на слободите и правата на човекот утврдени со Европската конвенцијата за правата на човекот.

По повеќе од пет децении, праксата на Судот се темели на над 10 000 пресуди и стотици илјади одлуки. Од ова европско правно богатство, одлуките и пресудите поврзани со говорот на омразата (иако можеби не се меѓу најбројните), имаат голема важност ако се има предвид дека тие се поврзани со правото на слобода на изразување, со слободата на вероисповест, со недискриминацијата и со бројни други права и слободи утврдени со Конвенцијата. Пристапот кон прашањето на говорот на омраза во праксата на Судот во Стразбур ја отсликува оддаденоста на овој Суд кон градење стандарди и принципи кои почиваат на заштитата на еднаквоста и достоинството на сите граѓани преку примена на тестот на балансирање меѓу приватниот и јавниот интерес. Бидејќи говорот подразбира форма на изразување која може да биде изречена, исцртана, насликана, фотографирана, отпечатена, уметнички изразена низ поезија, проза, научен труд, насликана на платно, карикатура, стрип итн., за да се разбере судската пракса во врска со говорот на омразата, неопходно е најпрво да се објасни пристапот на Судот во врска со правото на слободата на изразувањето.

Во анализата што следи, посветуваме посебно внимание на стандардите и принципите поврзани со правото на слободата на изразување. Ова е сосема разбирливо ако се има предвид дека во рамките на овој концепт, Судот во голем број на пресуди и одлуки јасно утврди дека незамисливо е добро функционирање на демократските процеси без слободата на изразување, бидејки „слободата на изразувањето претставува една од суштинските придобивки во едно демократско општество, еден од базичните услови за неговиот прогрес и за самоосмислувањето на секоја индивидуа”.

Слободата на изразување подразбира „заштита на било кој исказ, во било која форма и без оглед на неговата содржина, пренесен од лице, група или некој вид на медиум”. Затоа, целта на заштитата на слободата на изразувањe според Членот 10 од Конвенцијата, „мора да се интерпретира широко за да ги опфати не само содржината на информациите и идеите, туку и различните форми и средства преку кои тие се изразуваат и примат„.

Заштитата на слободата на изразување ги опфаќа ставовите и идеите изразени од лица или мали групи дури и тогаш кога тие изразиле идеи кои можат да бидат шокантни и вознемирувачки за мнозинството луѓе. Толеранцијата на искажаното и на индивидуалните мислења е важен елемент на демократијата. Во тој однос есенцијално важна е улогата на новинарите во едно демократско општество. Судот во Стразбур е свесен дека „новинарската слобода покрива и можно прибегнување кон одреден степен на претерување, па дури и провокација”при што, границите на дозволените критики се потесни во однос на приватен граѓанин споредeно со критиките упатени кон политичарите и владите. Иако новинарот не може да премине преку одредени граници, особено кога станува збор за правата на другите, „неговата должност е да пренесува информации – на начин и во согласност со своите обврски и одговорности – информации и идеи за сите прашања од јавен интерес.”

Медиумите имаат улога на пренесувачи на информации и идеи, а јавноста има право да ги добива истите. Во спротивно, медиумите нема да можат да ја остваруват својата улога на „јавен надзорник”. Судот во Стразбур препознава дека државата покрај негативната обврска која подразбира непопречување, толеранција и почит има и позитивна обрвска да обезбеди лицата ефективно да ја уживаат слободата на изразување. Дали
позитивната обврска на државата е применлива во конкретна ситуација, Судот ќе оцени имајки „… предвид дека мора да има фер рамнотежа помеѓу општиот интерес на заедницата и интересите на поединецот”

Колку и да е либерална судската пракса на Судот во Стразбур, во однос на слободата на изразување, одредени рестрикции во практикувањето на правото на слобода на изразување во одредени ситуации се наметнуват како нужни. Оваа е резултат на реалноста дека за разлика од слободата на мислата, правото на слобода на изразување не е апсолутно право. Практикувањето на ова право со себе носи одредени должности и одговорности и е предмет на ограничувања јасно утврдени во членот 10 став 2 од Конвенцијата. Во бројни пресуди Судот нагласи дека „толеранцијата и почитта на рамноправно достоинство на сите човечки суштества ја конституира основата на демократско, плуралистичко општество.”

Ова е причината зошто во демократско општество може да дојде до одредени ситуации кога треба да се санкционират или дури и да се спречат форми на изразување кои шират, поттикнуват, промовират и оправдуваат омраза. Низ судската пракса Судот во Стразбур налага државите да покажат конзистентност кога применуват ограничување во согласност со членот 10 став 2 од Конвенцијата.

Тоа значи дека националните власти не можат да казнуват за изјави или активности кои предходно во друг случај или во друга ситуација ги дозволиле или ги толерирале. Еднаквоста и конзистентноста во пристапот се исклучително важни. Судот во Стразбур идентификуваше бројни форми на изразување кои се сметаат за спротивни на Конвенцијата (ксенофобија, расизам, анти-Семитизам, агресивен национализам, дискриминација на малцинства и емигранти, хомофобија…).

Судската пракса утврди јасни стандарди и принципи кои помагаат на властите во државите членки во примената на тестот на балансирањето меѓу јавниот и приватниот интерес.

И покрај честата употреба на терминот говор на омраза, не постои негова општо прифатена дефиниција. Препораката на Комитетот на Министри во Советот на Европа за говорот на омраза утврдува дека под говор на омраза би требало да се подразберат сите форми на изразување кои шират, поттикнуват, промовират или оправдуват расна омраза, ксенофобија, анти-семитизам или останати форми на омраза, базирани на нетрпеливост,вклучувајки ја и нетрпеливоста изразена преку агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинствата, мигрантите и луѓето со емигрантско потекло.”

Судот во своите пресуди поврзани со говорот на омраза, поаѓа од „сите форми на изразување кои шират, поттикнуват, промовират или оправдуваат омраза која се базира на нетолеранција (вклучувајки ја и верската нетолеранција)”. На пример во случајот на Gündüz против Турција, Судот упатуваше на Препораката на Комитетот на Министри од 1997 година при што потенцира дека: “толеранцијата и почитта за еднакво достоинство на сите човечки сусштества претставуваат основи на демократското, плуралистичко општество.

Бидејки тоа е така, како прашање на принцип може да се подразбере во одредени демократски општества да се санкционираат или дури и да се спречат сите форми на изразување кои шират, поттикнуват, промовират или оправдуват расна омраза, ксенофобија, анти-семитизам или останати форми на омраза, базирани на нетрпеливост, (вклучувајки ја и верската нетрпеливост), да овозможат дека сите „формалности”, „услови”, „рестрикции” или „казни” изречени се пропорционални на легитимната цел…“

Пристапот на Судот во однос на концептот на говорот на омраза почива на определбата на Судот да не се врзува со класификациите кои ги утврдиле националните судови туку да поаѓа од конкретните околности на случајот, контекстот на конкретната изјава и секако од последиците. Така на пример, во случајот на Sürek против Турција, Судот утврди дека постоел говор на омраза додека пак на национално ниво, жалителот бил осуден за сепаратистичка пропаганда а не за поттикнување омраза.

Судот нагласува повеќе пати дека ако контекстот на изјавата е во врска со конфликт, ако е од тензична природа или пак се однесува на особено ранлива група на лица, медиумите би требало да бидат особено чувствителни и претпазливи. Во такви ситуации, новинарите понесуват посебни одговорности и должности, бидејки тие може да станат „средство за ширење на говор на омраза и насилство.

Судот разви два пристапи во врска со „говорот на омразата„ низ судската пракса:

– со примена на членот 17 (забрана од злоупотреба на слободите и правата утврдени со Конвенцијата) или

– со примена на ограничувањата утврдени во членот 10 став 2 од Конвенцијата

Секое ограничување па дури кога е засновано на говорот на омраза мора да биде изведено со филигрантска прецизност и јасна поткрепеност со образложение кое ќе ја потврди неопходноста од конкретна интервенција во  демократско општество

Извор: www.zlostorstvaodomraza.com, Правна анализа на концептот на казненото дело омраза и говорот на омраза

Поврзани статии:

– Слобода на изразување и говор на омраза

– Дефинирање на говорот на омраза

– Пресуди и одлуки во врска со говорот на омраза

– Правна анализа на концептот на казненото дело на омраза и говорот на омраза

– Разбирање на криминалот од омраза

Препорачуваме

Партнери на Правдико