Словенија се закани со тужба против Хрватска пред Европскиот суд | Правдико

Правдико

   

Словенија се закани со тужба против Хрватска пред Европскиот суд

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Словенија ќе ја тужи Хрватска пред Европскиот суд во Луксембург доколку таа не соработува во имплементацијата на спорната арбитражна пресуда за границата меѓу двете земји, се закани словенечкиот министер за надворешни работи, Карл Ерјавец.

Лидерите на трите партии од владејачката коалиција се договорија на состонок во Љубљана дека Словенија треба да го забрза усвојувањето на законот за примена на пресудата за арбитража со Хрватска, да почне да го спроведува својот суверенитет во Пиранскиот Залив, а размислуваат и за тужба против Загреб.

„Во текот на следните недели ќе подготвам информација за Владата околу правните можности како да се реагира, имајќи предвид дека Хрватска не ја почитува пресудата на арбитрите“, истакна Ерјавец по средбата зад затворени врати.

Додека Загреб одлуката на арбитрите не ја смета за обврзувачка и бара билатерално решение за отвореното прашање, Љубљана наведува дека пресудата претставува дел од европското право и затоа Хрватска како членка на ЕУ мора да ја почитува.

„Дијалог со Хрватска ќе биде остварен дури кога таа ќе биде подготвена да разговара за имплементација, а дотогаш тоа нема никаква смисла“, изјави Ерјавец.

Премиерот на Словенија, Миро Церар, по состанокот не дал изјава, но според Ерјавец, нагласил дека словенечката полиција треба да ги зајакне активностите во Пиранскиот Залив, кој арбитрите  ѝ го доделија на Словенија, и на тој начин ќе го штити суверенитетот на земјата.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико