Случаи кога полицијата може да исклучи возило од сообраќајот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Возилото во сообраќајот на патиштата треба да биде технички исправно, што значи дека треба да има исправни пропишани системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема и да ги исполнува пропишаните барања во поглед на заштита на животната средина. При вршење надзор и контрола во сообраќајот униформираните полициски службеници имаат овластување при вршење на контроли доколку утврдат или се посомневаат дека има одредени неправилности , да исклучат одредено возило од сообраќајот, да го упатиа возилото на вонреден технички преглед како и да ги одземе регистарските таблици.
Униформираниот полициски службеник треба при вршење на своите задачи да го исклучи од сообраќај, односно да забрани користење на возилото кое:
1. не е технички исправно;
2. толку е оштетено во сообраќајна несреќа, што не е способно за безбедно учество во патниот сообракај;
3. не било одобрено во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон;
4. не исполнува посебни технички барања за намената за што се користи;
5. е преправено, односно поправено во спротивност со закон;
6. има вградени системи, составни делови или самостојни технички единици и опрема кои не се одобрени за тоа возило, иако требало да бидат одобрени;
7. не е регистрирано и нема важечка сообраќајна дозвола;
8. не е, или не е означено на пропишан начин со регистарски или пробни таблици за тоа возило и
9. е означено со регистарски или пробни таблици, кои не се издадени за тоа возило.
Исклучување на возилото, односно забраната за користење трае додека се отстранат причините заради кои е отстрането, односно издадена забраната. Униформираниот полициски службеник, што го отстранува возилото од сообраќај, може да ја одземе сообраќајната дозвола и регистарските, односно пробните таблици и да му нареди на возачот да ги отсстрани регистарските или пробните таблици од возилото.
Доколку возачот не ги отстрани регистарските или пробните таблици од возилото, тие се отстрануваат на товар на возачот. Униформираниот полициски службеник, издава потврда за одземената сообраќајна дозвола, односно за регистарски или пробни таблици.
Упатување на вонреден технички преглед
Униформираниот полициски службеник го упатува возилото на вонреден технички преглед и ги одзема регистарските таблици, доколку се сомнева дека:
– возилото не е технички исправно заради грешки на подвозјето или на уредите за управување или сопирање, како и на приклучните врски меѓу влечното и приклучното возило,
– не ги исполнува пропишаните барања во поглед на емисијата на издувни гасови и бучавата и
– возилото е толку оштетено, што не е способно за безбедно учество во сообраќајот на патиштата.
Униформираниот полициски службеник ги одзема регистарските таблици и го упатува возилото во техничка служба за единечно одобрување, ако се сомнева дека:
– возилото има оштетено подвозје или систем за управување или кочење, или
– возилото е преправено или поправено спротивно на закон или
– вградените системи, составни делови или самостојни технички единици и опрема не се одобрени за тоа возило, а требало да бидат одобрени.
Трошоците за вонреден технички преглед ги плаќа возачот. На возачот трошоците за извршениот техничи преглед, му се враќаат доколку на техничкиот преглед се утврди дека возилото е технички исправно.
Одземената сообраќајна дозвола, односно регистарските или пробните таблици, се враќаат на сопственикот или на корисникот на возилото од кој биле одзмени во рок од три дена од денот на одземањето, доколку е отстранета причината заради којашто биле одземени.
Сопственикот, односно корисникот на возилото докажува дека е отстранета причината за одземањето со доказ за техничката исправност на возилото, односно со запишување на промената во потврдата за сообразност на возилото. По изминување на рокот од три дена, регистарските таблици се враќаат на органот за регистрација што ги издал, а одземените пробни таблици се уништуваат.
Должност за соработка
Возачот е должен на барање на униформираниот полициски службеник да овозможи преглед на возилото и притоа да соработува при вршењето на инспекцискиот надзор. Возачот е должен на барање на униформираниот полициски службеник да овозможи технички преглед на возилото. Доколку на местото на инспекцискиот надзор возилото не може технички да се прегледа, возачот е должен на барање на униформираниот полициски службеник да го однесе возилото на технички преглед.
Ако возачот, на барањето не го однесе возилото на технички преглед, истото се транспортира на негов трошок.
Предвидена е глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност за возачоткој постапува спротивно на барањата на униформираниот полициски службеник. За правни лица глобата е 2000 евра во денарска противвредност и 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице кај правно лице за сторениот прекршок.