Случаи во кои може да се користи полиграфското тестирање | Правдико

Правдико

   

Случаи во кои може да се користи полиграфското тестирање

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

poligrafЕдно од полициските овластувања според Законот за полиција е полиграфското тестирање кое се презема заради откривање на сторител на кривично дело. Полигфското тестирање или познато како детектор на лаги, се користи во строго утврдена постапка од овластени службени лица со писмена согласност од лицето кое е подложено на такво тестирање.

Полицискиот службеник е должен да го запознае лицето кое ќе биде подложено на полиграфско тестирање со начинот на работа на техничкото средство и да добие негова писмена согласност за примена на полиграфското тестирање.  Полицискиот службеник е должен да го прекине применувањето на полиграфското тестирање доколку лицето  по дадената писмена согласност, изјави дека истата ја повлекува.

На полиграфско тестирање не смее да биде подложено:

– лице под дејство на алкохол, под влијание на опојни дроги или други психотропни супстанции,
– лице кое има сериозни срцеви заболувања,
– лице во стресна состојба,
– лице кое зема лекови за смирување,
– лице кое манифестира видливи знаци на душевна болест, заостанат душевен развој или други особено тешки душевни пречки и
– жена за време на бременост и непосредно по раѓање.

Што се мери со полиграфот?

При користењето на полиграфското тестирање се користи кардиограф, пневмограф и галванограф.

Кардиографот служи за следење на  срцевата активност на лицето кое се испитува преку скала на која може да се чита фреквенцијата која се изразува бројчано со што ги регистрира падот и порастот на срцевиот ритам. Со него се следи  работа на срцето.

Пневмографот служи за регистрирање на промените во респираторниот волумен и дишењето на испитаникот.  Параметри кои се анализираат се големината на волуменот, односот вдишување-издишување, посебно блокадата на дишењето и потиснатото дишење.

Галванографот служи за регистрирање на промените во галванско-рефлексната активност на кожата – потењето. Приклучокот на овој дел се става на дланките или прстите на испитаникот, по што се пропушта слаба струја со спротивен поларитет и се мери отпорот на пропуштената струја.

Според светски истражувања точноста на полиграфот достигнува до 75 проценти додека 25 проценти се субјективни проценки на испитувачот.

Полиграфот сам по себе не претставува доказ, туку потврдување на автентичноста на изјавите дадени од страна на осомничените за сторено кривично дело, и давање правец на истрагата.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико