Правдико

   

Случај „Рекет“: Јовановски, Милески и Јанева денеска на клупа во Кривичен

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

За денеска во Кривичниот суд во Скопје е закажано првото рочиште за предметот „Рекет“ што беше отворен во јули оваа година. Првоосомничени во случајот се Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, како третоосомничена е обвинителката Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.

Со проширената истрага што следуваше, а која се однесуваше за перење пари, измама и помагање во измама, се опфатија уште четири лица. Тоа се потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, како почесен претседател на невладината организација „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ ,заменик претседател на Меѓународниот сојуз, Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски, и неговата асистентка во Сојузот, Христина Блажевска. Истрагата ја води обвинителката Вилма Русковска, а согласно АКМИС електронскиот систем, предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Николовска – Масевска.

Според обвинението, Бојан Јовановски и Зоран Милевски од бизнисменот Орце Камчев кој го пријави случајот, зеле 1.5 милиони евра, а Катица Јанева мебел и 50.000 евра за да обезбедат олеснителни околности за Камчев во случајот „Империја“. Во случајот на тогашното СЈО (сега е во ЈО), познатиот скопски бизнисмен е осомничен за перење на милионски суми пари. Под лупа на обвинителството во „Империја“ се најде и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков и петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД.

„Јовановски во периодот од ноември минатата година до април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз Јанева – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи, влијаел врз Јанева, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Милевски, според Обвинението, битно придонел за извршување на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител“, гласи образложението од Обвинителството.

Бојан Јовановски и Зоран Милевски, според обвинението, го уценувале Камчев да плати мито во замена за мерката притвор со куќен притвор. Откако ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот, Орце Камчев, и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, Јанева до Апелацискиот суд во Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор што била прифатена од судот. Согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева доставила писмена согласност до судот за привремено враќање на одземената патна исправа на Камчев.

„Според обвинението, за ова Јанева прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети Јовановски и Милевски примиле награда од 1.500.000 евра. Јовановски иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што за Обвинителството упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“

Средствата беа исплатени во домот на Орце Камчев и однесени во чанта „Луј витон“ за што јавноста имаше прилика да се запознае преку снимките на што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“.

Катица Јанева непосредно пред да биде осомничена во „Рекет“, беше повикана да даде исказ во обининителството како сведок и притоа се изјасни дека не е виновна.

„Според обвинението, Јанева пак го прифатила влијанието на Јовановски и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување. Откако Јовановски заедно со Милевски ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот Орце Камчев и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, Јанева до Апелацискиот суд во Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој  бил прифатен од судот. Согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева доставила писмена согласност до судот, одземената патна исправа привремено да му биде вратена на Камчев.

Во ист ден Бојан Јовановски беше приведен на граничниот премин „Богородица“ при влез во Грција, а Јанева најави повлекување од СЈО. На денешното судење, Јанева и Милески ќе бидат спроведени во судот од домашен притвор, а Јовановски од истражниот затвори во Шутка.

Партнери на Правдико