Случајот „Монструм“ во рацете на Врховниот суд, одбраната спасот го гледа во СЈО
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Денеска се навршуваат пет години од масакрот кај Смилковското езеро, што се случи на големиот христијански празник Велики четврток во 2012 година. Но, и по пет години од овој трагичен настан, јавноста не е докрај убедена дека правдата е задоволена, а вистинските виновници за убиените четири момчиња од населбата Радишани на возраст од 18 до 21 година, кaкo и 45-годишниот рибар од селото Црешево, се зад решетки.
Не се задоволни, ниту семејствата на шестемина осудени кои добија казна доживотен затвор, но ниту семејствата на убиените момчиња, кои се сомневаат дека случајот има политичка заднина.
Пресудата за случајот, кој во јавноста е познат како „Монструм“ се уште не е конечна и се наоѓа по жалба во Врховниот суд. Одбраната на осудените обвинува дека цели 15 месеци не се закажува јавна седница и сите надежи ги насочува кон Специјалното јавно обвинителството, од кое очекуваат да се вклучи директно во предметот и да се открие целата вистина. Очекуваат дека содржината на една од опозиционите „бомби“, која не беше јавно објавена, наводно за да не се создадат непотребни меѓуетнички тензии, конечно ги пополни празните коцки од мозаикот и ќе се открие што навистина се случи кобниот ден.
„Цели 15 месеци, поточно од 4 јануари 2016 кога поднесовме жалба, чекаме Врховниот суд да закаже јавна седница,на која ќе се отвори овој случај“, вели во изјавата за Макфакс, адвокатот Насер Рауфи. Тој е убеден дека неговите клиенти се невини и дека вистината наскоро ќе излезе на виделина.
„Обвинението беше многу конфузно и многу работи останаа неразјаснети. Шансата, но и спасот го гледаме во СЈО, кој очекуваме дека ќе го преземе овој случај и ќе ја открие содржината на опозициската „бомба“, додава Рауфи.
Околу тоа кога ќе биде закажана јавна седница, побаравме одговор од Канцеларијата за односи со јавност на Врховниот суд.
„Во тек е постапката на закажување на јавна седница за случајот „Монструм“,која се планира да се одржи во првата половина на месец мај. Седницата ќе биде отворена за јавност и ќе бидат известени медиумите“, информираше портпаролката на Врховниот суд,Маја Димитриевска.
На 12 април 2012 беа убиени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Цветковски. Обдукцијата врз убиените покажа дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, бидејќи беа најдени чаури од три различни типа муниција, што наведува дека има повеќе од еден извршител на чинот.
Обвинетите се осудени за кривичното дело Тероризам од член 394-б став 1. Мотивот за свирепото убиство кое ја потресе целата македонска јавност, според Обвинителството, е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Во обвинението се наведува дека Смилковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, како што се наведува пред 12 април го разгледувале теренот осносно регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото.
Како што се наведува во обвинението, директни извршители на петкратниот масакр што се случи на Велики четврток се Алил Демири и браќата Исмаиловиќ кои истовремено од пиштол и автоматски пушки на растојание до 1,5 метри во телата на младите момчиња – Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски и Филип Славковски испукале проектили кои биле кобни за нив.
За петкратното убиство се осудени шестмина лица на доживотна казна затвор. Двајца од осудените, кои се осомничени дека се директни извршители на убиствата, сè уште се на Косово и не се екстрадирани.
Основниот суд Скопје 1 на 30 јуни 2014, поточно 1,5 година по стартот на судскиот процес, ги прогласи за виновни и ги осуди на доживотна казна затвор обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено обвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда бидејќи судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Сè уште се чека на екстрадиција од Косово на првообвинетите Африм Демири и Агим Исмаиловиќ, кои беа осудени во отсуство.
Во декември 2015 година, Апелационот суд Скопје, одлучувајќи по жалбите на Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и обвинетите, ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1. Но, и двете страни беа незадоволни од пресудата.Семејствата на убиените момчиња реагираа дека не се докрај откриени сите детаљи за убиството. Изразија сомнеж дека биле вмешани високи функционери, чии имиња се кријат, а кои наводно според нивните тврдења ги имало во опозициските „бомби“, кои сега се наоѓаат во рацете на СЈО.
Извор: Макфакс