Случајот „Транспортер“ влегува во судска фаза | Правдико

Правдико

   

Случајот „Транспортер“ влегува во судска фаза

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Најдоцна до вторник или в среда нареднава недела треба да биде распределен и ќе се знае  точниот датум за првото судско рочиште за предметот „Транспортер“. За овој предмет Специјалното јавно обвинителство уште во април покрена обвинение против градоначалникот на Битола и единаесет други лица.

Како што информираат за Макфакс од Кривичниот суд, до судијата Горан Бошевски сè уште пристигнуваат приговорите на обвинетите на  содржината на обвинението и откако ќе заврши оваа фаза, предметот ќе може да биде испратен на натамошно постапување.

Случајот „Транспортер“ беше еден од предметите што СЈО ги презеде од редовните обвинителства, поточно од битолското обвинителество.

Во конкретниот случај, се товарат градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, како и претседателот на Комисијата за јавни набавки, кои во договор со директорите на училиштата и раководните лица на неколку превозни компании, организирале превоз за учениците во општината, за кој во СЈО  рекоа дека бил „поскап  и од оној во Токио“.

СЈО за 11 лица достави предлог за притвор, а беше побарана и забрана за располагање со имот, како и конфискација за 3 стана, 6 патнички возила и 33 автобуси. Градоначалникот Талевски доби куќен притвор, кој двапати му беше продолжуван.

Пред Врховниот суд в понеделник е закажана седница на Кривичниот совет, на која треба да се расправа околу барањето за заштита на законитоста поднесено од СЈО околу укинатиот куќен притвор на Талевски.

Случајот „Транспортер“ е трет предмет за кој СЈО покрена обвинение. Случаите „Тврдина 2“ и „Насилството во Центар“ веќе се во судска постапка.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико