Смената на Зврлевски во правен лавиринт | Правдико

Правдико

   

Смената на Зврлевски во правен лавиринт

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски денеска се појави на седница на Советот на јавни обвинители кадешто е член по функција. Тој пристигна со возило на полицијата кое беше паркирано непосредно пред влезот, избегнувајќи ги камерите и новинарите кои бараа изјава од него, откако Владата завчера покрена иницијатива за негово разрешување. Зврлевски и претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски денеска по трет пат ќе се обидат да извршат избор на четири обинители во Обвинителството за организиран криминал.

Зврлевски веќе неколку дена молчи откако премиерот Зоран Заев го прозва и го повика да поднесе оставка на функцијата, поради негово незаконско и ненавремено извршување на функцијата, а како дел од процесот за реформи во судството кој го најавува новата Влада.

Место него денеска одговори претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски. Според него, Зврлевски е перфектен обвинител.

Аневски тврди дека Советот сe уште ја нема примено иницијативата за разрешување на државниот обвинител, Марко Зврлевски. Тој потенцираше дека ќе ги почитуваат законските рокови, но, не кажа дали ќе ја прифатат иницијативата за негово разрешување. Главен акцент на денешната едница се ставил на распишување на конкурс за 15 јавни обвинители.

Ваквата изјава на Аневски е само наговестување на долгата процедура и можноста постапката за разрешување на јавниот обвинител да се одолговлекува со месеци, со оглед на тоа што клучна улога во целата постапка има Советот на јавни обвинители. Ако Зврлевски самиот не ја скрати постапката со своја оставка, можно е неговата смена да биде блокирана или пролонгирана од страна на Советот на јавни обвинители. Ако се имаат предвид роковите што ова тело ги има за да даде мислење – 15 дена за разрешувањето на Јавниот обвинител и дополнителни 15 дена за кандидатите кои се јавиле на огласот за нов државен обвинител, целата постапката може да се оддолжи за повеќе од два месеца. Со оглед на годишните одмори голема е веројатноста и овие рокови да се пролонгираат.

Сепак, во случај на блокада на смената на обвинителот, подотворена останува вратата со која Владата може да иницира законски измени до Собранието со кои ќе се прекине мандатот на членовите на Советот на јавни обвинители, со гласање со просто мнозинство од пратениците.

Според Законот за јавни обвинители, Владата по претходно мислење од Советот на јавни обвинители може да поднесе предлог до Собранието за разрешување на јавниот обвинител. Законот предвидува дека јавниот обвинител пред истекот на неговиот мандат може да биде разрешен од функцијата поради незаконско, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата; доколку покажува дека не е способен за извршување на функцијата; ако не поднесува барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон или поради нарушување на угледот на функцијата.

Владата предлогот за разрешување на јавниот обвинител го доставува до Советот на јавни обвинители, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот до Владата да достави позитивно или негативно образложение во пишана форма. Владата предлогот е должна да го достави до Собранието, а доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави одговор до Владата во определениот рок, тогаш рокот се продолжува уште за 15 дена и доколку во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата, се вели во Законот.

Барањето на Владата за разрешување на јавниот обвинител Зврлевски, ВМРО-ДПМНЕ го смета за штетно за државата. “Штетно и трагично за државата е што СДСМ на своите први седници на Влада носи одлука за разрешување на републичкиот јавен обвинител”, соопшти опозициската партија. Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека неговото разрешување е резултат на страв од кривична одговорност на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев кој, како што велат од партијата, бил исплашен од кривична одговорност и се надева дека преку најавите за смена на јавниот обвинител и реизборот на судии ќе ги исплаши оние кои треба да ја разгледуваат неговата вина.

Владејачката СДСМ реагираше на ваквите тврдења. Од партијата велат дека Зврлевски повеќе нема да ги штити криминалите на ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи оти завршило неговото време во кое ја попречувал правдата, наместо да ја спроведува. Македонија, според СДСМ, ќе биде правна држава со еднакви шанси за успех на сите.

Според Законот за јавни обвинители, Владата по претходно мислење од Советот на јавни обвинители може да поднесе предлог до Собранието за разрешување на јавниот обвинител. Законот предвидува дека јавниот обвинител пред истекот на неговиот мандат може да биде разрешен од функцијата поради незаконско, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата; доколку покажува дека не е способен за извршување на функцијата; ако не поднесува барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон или поради нарушување на угледот на функцијата.

Владата предлогот за разрешување на јавниот обвинител го доставува до Советот на јавни обвинители, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот до Владата да достави позитивно или негативно образложение во пишана форма. Владата предлогот е должна да го достави до Собранието, а доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави одговор до Владата во определениот рок, тогаш рокот се продолжува уште за 15 дена и доколку во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата, се вели во Законот.

Премиерот Зоран Заев во синоќешното гостување на МРТВ рече дека наследникот на Зврлевски може да биде од редот на правни експерти, ако во широка јавна дебата се покаже дека одредена личност ја ужива довербата на јавноста.

“Целта е да почнат реформите од секој аспект и особено во делот на правосудството. Првото значајно исчекорување во оваа област е експертското решение коешто треба да биде поставено на местото државен јавен обвинител. Оттука ќе покажеме колку како општество сме подготвени да ги отпочнеме реформите со краен ефект независно правосудство, судство и државно обвинителство. Очекувам решенијата да излезат на површина согласно со процедурите, штом ќе заврши постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски”, рече Заев.

Експертите сметаат дека постојат неколку причини за барањето на Владата за разрешување на Зврлевски. Една од нив е фактот што во државата постоела сериозна правна криза која довела да се формира Специјалното јавно обвинителство.

“Самиот факт што нашата држава се определи за специјално обвинителство укажуваше и упатуваше на заклучок дека функцијата на државниот обвинител не се остварува. Тоа значи дека имало конкретни оформени кривично правни предмети, процесите беа блокирани од страна на државното обвинителство и немаше краен епилог, како што нема ни денеска. Друга причина е што државниот обвинител беше предмет на прислушкуваните разговори и тука јасно се увиде неговата улога во конкретни предмети како да се постапи, односно како да не се постапи”, вели универзитетскиот професор Осман Кадриу за Радио Слободна Европа.

На 21 Јануари 2013 година, Собранието со 58 гласови “за” и ниту еден против или воздржан го избра Марко Зврлевски за Јавен обвинител. На оваа позиција дојде од скопското обвинителство, наследувајќи го дотогашниот обвинител Љупчо Шврговски. Четири години подоцна, покрената е постапка за негово разрешување. Во неговата фиока ќе останат досиејата за повеќе предмети за кои обвинителството не покрена постапка, а кои предизвикаа голем интерес во јавноста како “Македонска банка” и “Актор”. “Бомбите” на СДСМ останаа “невидливи” за обвинителството кое не покрена ниту една постапка за индициите за злоупотреби кои произлегуваа од прислушуваните разговори, но ги отвори случаите “Пуч” и “Поткуп” во кои е осомничен лидерот на СДСМ, Зоран Заев. На крики наидоа и истражните постапки кои Јавното обвинителство ги отвори за изборни нерегуларности за време на парламентарните и на изборите за претседател на државата, одржани во април 2014 година и за предвремените парламентарни избори во декември минатата година, а во кои многумина препознаа обид за политичка хајка.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико