Сметаат ли луѓето во источна Украина дека е можна граѓанска војна? | Правдико

Правдико

   

Сметаат ли луѓето во источна Украина дека е можна граѓанска војна?

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Рускиот претседател Путин смета дека Украина е непосредно пред граѓанска војна. Дали е тоа само калкулација за Западот да биде ставен под притисок пред денешната средба во Женева или навистина се заканува ескалација?

0,,17572549_303,00

Рускиот претседател Владими Путин во телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека ескалацијата во Украина ја носи земјата на прагот на граѓанска војна. САД побрзаа да ја земат владата во Киев во заштита и отфрлија дека Украина е во опасност од граѓанска војна.

Штефан Мајстер од Европскиот совет за надворешна политика се сомнева дека Путин навистина е загрижен за доброто на Украина. Токму спротивното, вели Мајстер, образлагајќи дека Москва со тоа што им дава поддршка на проруските сили и самата предизвикува голем дел од нередите. „Значи, ако некој предизвикува граѓанска војна, тогаш тоа не е само украинската влада, туку и Москва.“

Мајстер смета дека е можно Путин да сака да фрли дополнително масло во огнот со своите оценки за граѓанска војна.

Русија со недели се обидува да ја претстави владата во Киев како неспособна да се грижи за редот и мирот, нагласува Мајстер во интервју за Дојче Веле. Со тоа треба да се стави под дополнителен притисок и ЕУ. Русија нема интерес од смирување на состојбата во источна Украина, тоа е фатална погрешна интерпретација на Западот, вели Мајстер: „Во Москва тоа се нарекува ‘контролирана дестабилизација‘ со цел САД и ЕУ да бидат принудени на компромиси, за Русија да го задржи големото влијание во Украина.“

Со палки и униформи во сопствена креација

Колку е навистина голема опасноста од излегување на ситуацијата во источните делови на земјата од контрола? Дописникот на Дојче Веле Маркус Реер има поинаква слика за ситуацијата на лице место од онаа што ја претстави Путин во својот драматичен апел. Тој со денови беше во североисточниот регион на Украина и виде многу заземени административни згради и барикади од автомобилски гуми, како и млади луѓе со палки и униформи во сопствена креација, но… „Не видовме големи народни востанија, затоа не верувам во крвава граѓанска војна“, оценува Реер.

Акциите на проруските сили, според Маркус Реер, се мали „острови“ во секојдневието на луѓето во регионот. „Штом ќе се оддалечите само неколку метри од заземените објекти, се соочувате со сосема нормално секојдневие. Тука воопшто не можете да дојдете до заклучок дека има нешто како бунт против централната влада во Киев.“ Дописникот на ДВ, кој мина 500 километри во регионот, наведува дека во вечерните часови во Доњецк се собираат максимум две илјади демонстранти, во некои градови по неколку стотини, некаде пак само неколку десетици. „Може да се забележи дека луѓето заземаат цврст став – или се за овие проруски активисти или се против. Постојано доаѓа и до изливи на бес и до тепачки.“

0,,17566103_401,00

Напрегнат мир во Харков

И Марио Радермахер, кој живее во Харков, стравува од посилна поларизација на населението на „пријателски настроени кон Русија“ и „луѓе со непријателски став кон Москва“. Сепак, како што вели овој научник на Педагошкиот универзитет во Харков, во овој град е значително помирно отколку во Доњецк. Атмосферата е тензична, владее голема несигурност, затоа што не може точно да се процени дали Путин сака да добие сфера на влијание и во околината на Харков. И во Харков од пред една недела има заземање административни згради и тепачки, станиците на подземната железница се затворени. „Забележувам дека секојдневниот живот ми е ограничен“, вели Радермахер за ДВ. „Некои места во моментов едноставно треба да се избегнуваат, особено оние во околината на демонстрациите.“

Радермахер вели дека луѓето со кои тој приватно и службено е во контакт се загрижени за економската ситуација. Невработеноста се зголемува, фабриките се затворени, зашто не е јасно што ќе се случува натаму и затоа што Русија веќе не купува одредени производи.

„Се‘ поголем дел од луѓето веќе немаат што да загубат и тоа, се разбира, ја засилува политизацијата на општеството.“ Многумина од оние кои им се приклучуваат на проруските демонстрации, нагласува Радермахер, од Русија очекуваат повисоки пензии или плати.

На спакувани куфери?

Марио Радермахер смета дека можно и во Харков ситацијата да се заостри како во Доњецк. Можеби ретко кој во Харков може да си претстави граѓанска војна, но кај многу луѓе се забележува страв од ескалација. „Има и луѓе кои размислуваат да го напуштат градот доколку руските трупи, со или без ознаки, вмаршираат во градот.“

Токму затоа е можна поделба на луѓето, оценува експертот за Источна Европа, Штефан Мајстер: „Тука, многу повеќе отколку на Крим е можен општествен конфликт меѓу деловите од населението кои се наклонети кон Русија и оние кои тоа во никој случај не го сакаат, меѓу кои главно има млади луѓе.“

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико