Правдико

   

Со построги закони до зголемување на енергетската ефикасност

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со инвестиции од 300 милиони евра за енергетска ефикасност во зградите за колективно домување во Македонија за пет до осум години ќе се обезбеди заштеда на 30 до 50 отсто од потрошувачката на енергија за греење и за ладење, што е 60 до 70 отсто од вкупната потрошувачка на енергија во домаќинствата.

Тоа го покажуваат прелиминарните процени на „Хабитат-Македонија“, невладина организација за обезбедување едноставни, пристојни и пристапни решенија за живеалишта на оние што живеат во услови на сиромаштија, а кои беа изнесени на вчерашната експертска консултација за развојот на пазарот во секторот домување со фокус на енергетската ефикасност.
Според Зоран Костов, директор на „Хабитат-Македонија“, со процесот за зголемување на енергетска ефикасност треба да се опфатат 10.000 до 12.000 згради изградени во изминатите 60 до 70 години. Станува збор за објекти изградени во период на планска економија кога е посветувано малку внимание на енергетската ефикасност.

– Тоа за нас претставува голем потенцијал за инвестирање во енергетска ефикасност, која истовремено носи заштеда за сопствениците на станови, го активира градежниот сектор што има потреба од нов фронт за работа, нови работни места и ја намалува емисијата на штетни гасови во атмосферата, нешто што е особено актуелно во Македонија – изјави Костов.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески најавува посериозна контрола на објектите што ќе се градат во наредниот период за, како што вели, да бидат со сериозна енергетска заштеда. Со оглед дека сегашната регулатива делумно ја контролира енергетската ефикасност кај објектите, се јавува потреба од создавање нова легислатива што ќе биде чекор понапред во следење на современите текови во градежништвото.

– Практиката покажува дека иако постојниот закон пропишува новите објекти да поседуваат потврда за енергетски ефикасен објект, многу од нив во процесот на изградба не соодветствуваат со пропишаните стандарди за енергетска ефикасност. Затоа сметам дека новите законски решенија ќе бидат во насока на подобра контрола од процесот на проектирање, па до изградба на објектот – рече Сугарески, истакнувајќи дека крајната цел е граѓаните на добијат квалитетни енергетско-ефикасни објекти што ќе заштедат енергија.

Во таа насока е и планираното формирање фонд за енергетска ефикасност, каде што парите ќе се обезбедуваат од енергетските компании, како и од фондови и грантови од ЕУ. Парите ќе се користат исклучиво за финансирање енергетски ефикасни проекти. Планирани се и локални центри за енергетска ефикасност каде што по барање од граѓаните или од малите и од средните претпријатија ќе се изработуваат или ќе се ревидираат веќе изработените проекти за енергетска ефикасност. Тие проекти би биле основа за аплицирање пред банките за одобрување кредити за нивна реализација.

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико