Со сметките за струја, парно, вода ќе добивате и формулар за личните податоци | Правдико

Правдико

   

Со сметките за струја, парно, вода ќе добивате и формулар за личните податоци

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

dokumenti_fiokaДирекцијата за заштита на личните податоци, „ЕВН Македонија“, Снабдување со топлина „Балкан енерџи“ ДООЕЛ- Скопје, „Водовод и канализација“ – Скопје и ЈРП „Македонска радио-телевизија“ започнаа заеднички проект за ажурирање на збирките на лични податоци на граѓаните, корисници на услугите, како и нивните обврски за давање на личните податоци во контекст на исклучоците од примената на Законот за заштита на личните податоци пишува Дневник.

Личните податоци на корисниците треба да бидат обработувани правично и во согласност со закон и да бидат соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите поради кои се собираат и се обработуваат. За целосно почитување на ова начело, ажурирањето на личните податоци ќе се врши со пополнување формулар, кој на граѓаните ќе им биде доставен заедно со следните сметки, а кој граѓаните ќе може да го остават во означените кутии во некои од наплатните пунктови на „ЕВН Македонија“, Снабдување со топлина „Балкан енерџи груп“ ДООЕЛ – Скопје или ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Kомпаниите што ги обезбедуваат јавните услуги се одговорни за обработката на личните податоци на корисниците и за роковите на нивното чување, но корисниците исто така имаат обврска да обезбедат точни и целосни податоци, но и да се информираат за тоа кои се останатите обврски во согласност со законите и договорите што ги склучуваат, информираат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

– Идејата потекна од Дирекцијата, меѓутоа беше добро прифатена од овие јавни претпријатија со оглед на тоа што изминатиот период неколку пати беше забележано дека ваквиот тип претпријатија имаат неажурирани податоци, што не е секогаш по нивна вина. Сите ние како корисници ретко кога сме доволно ажурни да пријавиме во компанијата или во претпријатијата дека некој наш податок е променет, дека има некоја измена итн. Одлучивме заеднички да излеземе со една кампања, со која ќе им се објасни на граѓаните кои се нивните обврски, дека секако имаме и обврска да информираме за сите измени, но исто така и кои се обврските на овие јавни претпријатија да ги штитат и на кој начин да ги чуваат нашите лични податоци – изјави Елена Стојановска, советник за меѓународна соработка и односи со јавноста во Дирекцијата за заштита на лични податоци.

formularСо сметките за струја, парно и за вода граѓаните ќе добијат и формулари за да ги ажурираат своите лични податоци.

– Kон крајот на оваа кампања, што се очекува да биде во март, ќе имаме сумирани податоци и ќе можеме да кажеме колку сме биле успешни и колку реално базните податоци на овие јавни претпријатија биле ажурирани – изјави Стојановска.

Овие формулари ќе може да се остават на наплатните пунктови на секоја компанија, а за кампањата ќе има отворени денови и медиумски ќе биде промовирана. Стојаноска објаснува дека граѓаните овој пат нема да можат да ги ажурираат податоците електронски.

– Електронски нема да има можност овој пат да се ажурираат податоци бидејќи единствениот матичен број на граѓанинот не препорачуваме да се внесува електронски. Kомпаниите може да нудат гаранција дека ги криптираат податоците, меѓутоа никој од нас не може да гарантира дека домашниот компјутер може да му обезбеди доволно заштита за неговиот податок криптирано да отиде во некоја од компаниите. Токму поради ова апелираме до сите граѓани што ќе ги добијат во хартиена форма формуларите да ги пополнат и да ги остават барем на едно од наплатните места – вели Стојановска.

Некои од граѓаните ќе добијат и три формулари, но тоа не значи дека на сите три места ќе треба да се однесе формулар. На самиот формулар има три полиња за граѓаните да ги пополнат корисничките броеви на секое од овие јавни претпријатија – за струја на броилото од ЕВН, на броилото за вода од „Водовод“ и на онаа шифра на корисник на топлинска енергија.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико