Собранието ќе се самораспушти на 3-ти март | Правдико

Правдико

   

Собранието ќе се самораспушти на 3-ти март ?

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sobraniemkДали предвремените парламентарни избори ќе бидат распишани на 3 март или некој ден подоцна е единствената дилема што остана отворена по сe погласните најави за двојно гласање на вториот круг од претседателските избори напролет. Додека од владејачката партија од македонскиот блок брифираат дека сите информации за двојни избори се обид за сплетки од политичкиот противник, потврда за претседателските во пакет со предвремени парламентарни избори вчера стаса директно од Мала Речица.

Од ставот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, произлегува дека веќе не е дилема дали ќе има двојни избори, туку дали тие ќе бидат распишани на 3 март, датум што најмногу се спомнува во политичките кругови.

Потребни се избори во пакет, велат од ДУИ

Ахмети вчера и официјално ги посочи аргументите што одат во прилог на предвремени избори, а за кои пред еден месец висок функционер на ДУИ брифира за „Дневник“.

– Во однос на евентуалните предвремени парламентарни избори, сите структури на ДУИ се ангажирани максимално за да ги анализираат сите можни околности што може да влијаат врз процесот на решавањето на спорот за името, вклучувајќи ги домашните како и околностите во регионот, – велат од кабинетот на Ахмети.

Во соопштението се додава дека апсолутен приоритет на ДУИ останува интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ и оти секое нивно решение ќе биде во целосна согласност со оваа стратегиска определба на сите граѓани, како и од интензивната комуникација со меѓународните пријатели. Ахмети во соопштението точно ги прецизира сите аргументи што ДУИ во брифинг ги обелодени, а кои одат во прилог на предвремени парламентарни избори. Висок функционер на ДУИ вчера за „Дневник“ потврди дека поради двојните избори, тие за европратеници и локалните во Грција невозможно е во овој период да се очекува какво било придвижување за решавање на спорот за името.

– Бидејќи Грција е наш партнер во решавањето на спорот, а во мај кај нив има избори, јасно е дека ќе нема никакво поместување. Ова и изборите за Европскиот парламент се аргументи што одат во полза зошто во Македонија со претседателските треба да има и предвремени парламентарни избори – вели функционерот.

Од ДУИ не откриваат дали по нивна иницијатива Собранието ќе гласа за самораспуштање.

ВМРО-ДПМНЕ без одлука, СДСМ на готовс

За тоа дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ отворено зборувала со своите опозициски колеги дека двојни избори ќе има, а распуштањето на парламентот ќе биде на 3 март, и какво е нивното расположение т.е. дали би биле дел од предлогот за предвремени избори, од партијата велат:

– Последниов период СДСМ интензивно применува стратегија на правење сплетки, пуштање шпекулации, лажни информации во однос на предвремените избори. ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ја смени политичката дебата во правецот на сплекти и интриги, туку да зборуваме за реални остварувања и планирани проекти и мерки – велат од владејачката партија.

Оттаму нагласуваат дека предвремените избори за нив не се табу-тема кој и да е ја отвори, вклучувајќи го и нивниот коалициски партнер ДУИ. Партијата на Никола Груевски тврди дека с` уште нема донесено одлука за тоа.

– Одлуката ќе биде донесена согласно државните и националните интереси – додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако конечна одлуката нема, општинските изборни комитети на ВМРО-ДПМНЕ на терен, освен за претседателски избори се подготвуваат и за евентуални двојни избори. За да се стигне со датумот 27 април, согласно скратените рокови од Изборниот законик, Собранието треба да донесе одлука за самораспуштање од 27 февруари до крајот на првите десет дена од март. Kога би се случила вонредната седница на која до полноќ би се расправало за нови избори, во владејачката партија не сакаат да шпекулираат. Дел од пратениците на СДСМ речиси со сигурност потврдуваат дека на 3 март ќе се гласа за самораспуштање. Информацијата дека Трајко Вељаноски ќе ја закаже таа седница со намера за самораспуштaње, според брифинзи од СДСМ, нема да биде изненадување за опозиционерите во парламентот. Вељаноски веќе најави дека планира да го стави парламентот во мораториум по повод претседателските избори до 1 март. До тогаш е планирана само тековната седница на која има над 150 закони, но кои се носат во скратена постапка. Неодамна рече и дека покрај оваа седница с` уште не знае дали би закажал и пратенички прашања.

Виси конгресот на СДСМ, кој првично беше закажан за 3 март

Според наши информации, централата на СДСМ првично го закажа конгресот за избор на кандидат за шеф на државата на 3 март. Но, поради промените што стигнаа од Собранието дека на оваа дата веројатно ќе се одржи седница за распуштање на парламентот заради предвремени парламентарни избори, овој датум с` уште не е потврден од „Бихаќска“. Во меѓувреме, во законодавниот дом се поместуваат за порано и други активности што првично биле закажaни по 3 март, поради можноста пратениците да не бидат на работните места.

Автор: Лепа Ѓоргиевска Мариела ТраЈковска

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико