Правдико

   

Соработката помеѓу балканските полиции ја намалува организираната кражба на автомобили

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Властите велат дека зголемената соработка на полициите на Балканот стави значителен притисок на организираниот криминал и предизвика намалување на кражбите на автомобили во целиот регион. „Подобрувањето на полициската соработка значи поефективна борба против организираната кражба на автомобили, како и против поврзани дела на организиран криминал“, рече Зоран Драгишиќ, професор на Факултетот за безбедност во Белград.

MIKI2photo

„Тоа веќе не е профитабилен бизнис, бидејќи царинските давачки за увезените автомобили се укинати. Сега може законски да се увезуваат возила од земјите од ЕУ без царини и по пониски цени во споредба со оние од пред неколку години. Автомобили сè уште се крадат, но ова е далеку од она што беше“, рече Драгишиќ за SETimes.

Според Интерпол, неодамнешните апсења на членовите на неколку криминални групи, како и зачестената полициска проверка на автентичноста на возилата, имале директно влијание на намалувањето на кражбата на автомобили.

„Во текот на 2013 година имаше 36.317 проверки на увезени автомобили. Од вкупниот број барања за верифицирање возила поднесени од локалната полиција, а проверени во базата на податоци за украдени возила, Интерпол утврди дека 25 биле пријавени за украдени“, рекоа од Интерпол за дневниот весник „Дневник“.

Според Интерпол, најмногу автомобили во регионот се украдени во Грција – 27.000 во 2013 година.

„Во последно време, кражбата на автомобили претставуваше голем проблем и во Бугарија и во Србија. Имавме [бројни] пријави од нашите граѓани дека им се украдени автомобилите. Имаме информации дека по конфискувањето на возилата тие добивале барања за откуп за возилата“, рече Иво Котевски, портпарол на македонското Министерство за внатрешни работи, за SETimes.

Македонската полиција неодамна го уапси Арслан Пода, кој живееше во село на косовската граница, и кој наводно предводел балканска организирана криминална група што се занимавала со кражба на автомобили и со шверц на дрога.

Експертите велат дека организираните криминални групи во Косово и во Албанија ги прошириле своите незаконски активности поврзани со возилата и во Македонија и во регионот.

Кражбата на автомобили е сериозен проблем во Косово, каде што властите ги удвоија напорите за борба против истата и создадоа стратешки план што го опфаќа периодот до 2016 година. Косовската полиција вели дека ги има изградено потребните вештини за борба против организираниот криминал, при што се подготвува да ангажира и дополнителни лица.

„Соработката со полициите во другите земји од регионот и пошироко за истрага и за превенција на организираниот криминал и на шверцот на дрога се зголеми“, рече Баки Келани, портпарол на косовската полиција, за SETimes.

Котевски рече дека регионалната полициска соработка за спречување на кражбата на автомобили е резултат на одлуката на земјите за заземање цврст став против организираниот криминал.

„Имаме соработувано со бугарската и со српската полиција во борбата против овој вид криминал. Придонесуваме кон намалување на стапката на криминал преку нашиот став за нулта-толеранција“, рече Котевски.

„Со цел постигнување најголемо влијание врз организираниот криминал, полициската соработка мора да се прелее и на пониските нивоа“, рече Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи на Република Македонија“. Договорите за соработка [помеѓу полициите од регионот] треба да бидат пофлексибилни со цел да овозможат оперативците подобро да соработуваат и да функционираат. Дополнително, граничната полиција треба да комуницира на дневна основа, додека граничните стражи мора да бидат помобилни и спремни за спречување на слободното преминување на границата“, рече Трајанов за SETimes.

Трајанов, исто така, рече дека има значителен напредок во однос на 1990-тите години, кога кражбата на автомобили во Албанија и во Бугарија беше ендемична, а полицијата во тие земји ги направи првичните продори во спречувањето на незаконската трговија со возила.

„Ние соработувавме со полициите од регионот, но особено со албанската и со бугарската. Склучивме договори за борба против организиран криминал, но таквата соработка мора да се одвива и на оперативно ниво за да даде подобри резултати“, рече Трајанов.

Полициите во Албанија и во Босна и Херцеговина изведоа серија операции годинава, при што албанската полиција конфискуваше десетици луксузни автомобили украдени од земјите од ЕУ. Албанските власти добија засилување од соработката со Еуропол, Фронтекс и со Еурогест.

„Балканот треба да формира заеднички групи за интервенција за да ги деморализира потенцијалните крадци и за тоа треба да искористи помош од ЕУ“, рече Владимир Пивоваров, професор на универзитетот „ФОН“ во Скопје.

„Организираните криминални групи бараат профит каде што има најслаба алка и секогаш се поврзани [регионално]. ЕУ пред две години овозможи воспоставување на балканска единица, слична на Европските безбедносни сили, заради олеснување на справувањето со организиран криминал. За жал, предлогот не наиде на позитивно мислење помеѓу политичарите“, рече Пивоваров за SETimes.

Извор: SETimes

Партнери на Правдико