Социјалните станови мора или да се закупат или да се откупат
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Висината на закупнината зависи од категоријата на корисниците. Становите ќе се отплаќаат 30 години со фиксна камата од 4 проценти.
Околу 2.420 стана, од кои дел се диво вселени, дел ги користат социјални случаи, a дел се’ уште се во општествена сопственост, ќе добијат регулиран правен статус најдоцна до септември следната година. Граѓаните што живеат во овие станови имаат рок до крајот на март 2015 година да се изјаснат дали ќе склучат договори за закуп или, пак, ќе ги откупат. Доколку не го сторат тоа, автоматски ќе добијат решенија за закуп. Висината на закупот, како и процентот на учество за откуп на станот се одредени во зависност од вкупните примања на семејствата.
„Доколку до 31 март граѓаните кои живеат во сите овие категории станови не се изјаснат за закуп или за откуп, тогаш по сила на закон со решение ќе им дадеме закуп. Моментално има голем број граѓани кои немаат ни закуп на становите, ниту поднесуваат барање за откуп и ништо не плаќаат кон државата“, рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, на вчерашната прес- конференција.
Според евиденцијата, во 2000 година се поделени 851 стан на лица со ниски приходи, од времето на бивша Југославија има 770 општествени станови и тие се продаваат уште од 1991 година, додека околу 800 стана се бесправно вселени.
Како што појасни Јанакиески, висината на закупнината и на учеството за откуп на становите за лицата со ниски примања се поделени во 4 групи: за лица со социјален ризик, за лица со ниски приходи, со просечни и за лица со високи приходи.
На лицата во социјален ризик евидентирани во базата на Министерството за труд и социјална политика, ќе им биде доделен стан под закуп без плаќање закупнина се’ додека примаат таква помош.
Семејствата со ниски приходи, пак, се поделени во две подгрупи. Ако вкупниот приход на семејството е максимум од 2 минимални нето-плати, или околу 17.600 денари, тогаш цената за закуп ќе изнесува 25 денари по метар квадратен. Доколку вкупните примања се меѓу 17.600 и 30.000 денари, односно до 1,5 просечна нето- плата, закупнината е 35 денари квадрат. Ако граѓаните од овие поткатегории сепак одлучат да ги откупат становите, тоа ќе можат да го сторат со кредит преку АД за станбен и деловен простор. Притоа ќе треба да платат минимално учество во висина од 5 отсто од вредноста на станот, да плаќаат 30 години со фиксна каматна стапка од 4 проценти на годишно ниво.
Домаќинствата кои се во категоријата просечни примања, ако имаат вкупен приход од 1,5 до 2 нето-просечни плати ќе можат да ги закупат становите по цена од 62 денари квадрат, а ако вкупните примања им се меѓу 2 и 2,5 просечни плати, закупот ќе изнесува 95 денари квадрат. Ако сакаат да ги откупат становите, ќе треба да уплатат 20 проценти учество. Рок на отплата и каматната стапка се исти како и кај првата категорија граѓани.
Владата одлучи на лицата со високи примања од над 2,5 просечни нето-плати да им дозволи да го откупат станот со минимално учество од 30 проценти, со отплата 30 години и камата од 4 отсто.
Документите кои ќе им бидат потребни на граѓаните по службена должност да им ги обезбедат Министерството за транспорт и врски и Станбеното претпријатие. Вработени од претпријатието веќе од понеделник на терен поединечно ќе ги информираат домаќинствата за условите и рокот за договор.
Што се однесува до општествените станови, откупот ќе продолжи по барањата кои се пристигнати заклучно до 31 декември 2010 година. Министерот појасни дека продажбата на оваа категорија станови се одвива со големи проблеми, пред се’ поради поднесени некомплетни барања. Токму поради тоа и е утврден дополнителен рок сите што имаат поднесено некомплетни барања за приватизација на општествен стан да ги достават сите документи до 31 март следната година, оние што нема да го сторат тоа ќе добијат решение за закуп и ќе ги користат становите исклучиво со плаќање кирија според својата категорија.
Извор: Утрински Весник