Совет на Европа – водечка организација за човекови права | Правдико

Правдико

   

Совет на Европа – водечка организација за човекови права

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

coe-building.1328281434Советот на Европа е водечка организација за човековите права на континентот.Таа има 47 држави членки, од кои 28 се истовремено и членки на Европската унија. Сите држави  членки на Советот на Европа ја потпишаа Европската конвенција за човекови права, која претставува  меѓународен договор за заштита на човековите  права, демократијата и владеењето на правото.

Европскиот суд за човекови права ја следи примената на оваа конвенцијата од страна на државите членки. Врз основа на конвенцијата, поединци можат да поднесат жалба пред Судот во Стразбур за повреди на човековите права откако ќе бидат исцрпени сите средства кои постојат во засегната држава членка.

Прашање од особен интерес за организацијата е развојот и зачувувањето на начелата на правната држава во Европа. Претставници на Советот на Европа, меѓу другото, ги советуваат земјите-членки при изработка на устави или закони кои се однесуваат на правната држава, демократијата или човековите права. Тие ја следат регуларноста на парламентарните и другите важни избори во земјите-членки на Советот на Европа и во земјите што сакаат да пристапат кон организацијата. Комитетите на Советот на Европа го следат, на пример, почитувањето на одредени права на граѓаните во земјите-членки, како што е правото да не се биде мачен од страна на државните органи.Европската унија се подготвува да ја потпише Европската конвенција за човекови права, со што ќе се создаде заедничко правно опкружување за над 820 милиони граѓани.

Држави членки: Австрија, Албанија, Андора, Азербејџан, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Велика Британија, Германија, Грузија, Грција, Данска, Ерменија, Естонија, Ирска, Исланд, Италија, Кипар, Латвија, Лихтенштајн, Луксембург, Малта, Молдавија, Монако, Норвешка, Полска, Република Македонија, Португалија, Романија, Руската Федерација, Сан Марино, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Украина, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Црна Гора, Чешка, Швајцарија, Шведска, Шпанија.Земји посматрачи: Јапонија, Канада, Мексико, Светата столица, Соединетите Американски Држави.Советот на Европа се залага за почитување на слободата на изразување и медиумите, слободата на здружување, еднаквоста и заштитата на малцинствата. Има покренато кампањи за прашања поврзани со заштитата на децата, говорот на омраза преку Интернет и за правата на Ромите како најголемо малцинство во Европа.

Статутот на Советот на Европа предвидува два органа: Комитетот на министри е орган што донесува одлуки во организацијата. Тој се состои од министрите за надворешни работи на поединечните земји-членки или нивните постојани претставници во Стразбур, коишто по правило се дипломати од висок ранг. Претседателство се менува на секои шест месеци во рамките на полугодишните заседанија по (англиски) азбучен ред на земјите-членки. Во текот на полугодишните средби наминистрите воСтразбур, во мај и во ноември, се дискутира за политички прашања во земјите-членки што се од заеднички европски интерес. Седмичните средби на Постојаните претставници, исто така, се одржуваат во стразбуршката сала за седници на Комитетот на министри.

Парламентарното собрание (до 1994 година: Советодавно собрание) ги одржува своите годишни заседанија во Стразбур. Тоа основа стручни комитети (меѓу другото Правен комитет, Комитет за еднаквост на мажите и жените, Комитет за исполнување на обврските преземени од земјите-членки на Советот на Европа – Комитет за следење), кои во рамките на своите надлежности можат да ги испитуваат сите прашања, да заземаат став и да изготвуваат извештаи
за Собранието).

Двата органа се поддржани од Генералниот секретаријат.

Конгресот на општините и регионите во Европа, кој беше основан во 1994 година, дополнително на Комитетот на министри и Парламентарното собрание, треба да ги зајакне демократските  структури на локално и регионално ниво и има особена задача да ги поддржува земјите-членки од Централна и Источна Европа во градењето на локални и регионални демократски структури.

Советот на Европа им помага на државите членки да се справат со корупцијата и со тероризмот и да спроведат неопходни реформи во правосудниот систем. Групата на експерти по уставно право, позната како Венецијанска комисија, дава правни совети на многу земји ширум светот. Советот на Европа ги промовира човековите права преку меѓународни конвенции, како што се Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство и Конвенцијата за компјутерски криминал. Го следи напредокот на државите членки во овие области и дава препораки преку независни експертски тела кои вршат мониторинг во дадените области. Сите држави членки на Советот на Европа ја укинаа смртната казна.

Исто така Советот на Европа има воспоставено блиско партнерство со Европската унија, а соработува и со Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и со многу други земји во светот. На пример, Европскиот директорат за квалитет на фармацевтските производи и здравствената заштита во рамки на Советот на Европа, кој има клучна улога во справувањето со лажни фармацевтските производи (лекови) и допингот, има склучено договори со Бразил, Кина, Јужна Африка и Соединетите Американски Држави.

Република Македонија стана членка на 9 ноември 1995 година. Република Македонија активно соработува со сите тела на СЕ (Комитетот за превенција на тортура, Венецијанската комисија, ЕКРИ, Комесарот за човекови права, итн.) и интензивно ги исполнува своите обврски кои произлегуваат од членството во СЕ и Конвенциите на СЕ кон кои има пристапено. Во рамките на 18 годишната активна соработка на Република Македонија со Советот на Европа, претставници на владините институции редовно и активно учествуваат во работата на Управните, Ад хок комитетите и Комитетите на експерти на Советот на Европа, чии состаноци се во функција на спроведување на меѓувладината програма на активности и хармонизирање на европските политики во сите сфери, освен одбраната.

Од мај до ноември 2010 година Република Македонија за првпат претседаваше со Комитетот на министри на СЕ. Во рамките на своето шестмесечно претседавање, Република Македонија даде максимален придонес во насока на промоција на вредностите и стандардите на Организацијата, како и за подобрување на нејзината политичка релевантност на меѓународната сцена. Приоритетите на македонското претседавање со Организацијата беа насочени кон: засилувањето на заштитата на човековите права, јакнењето на интеграцијата со почитувањето на различноста и промоцијата на младинската соработка.

Извор:
– www.coe.int ( Совет на европа, чувар на човековите права)
– Министерство за надворешни работи
– Европа од А до Ш

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико