Советот за утврдување на факти со реакција во врска со најавите за негово укинување | Правдико

Правдико

   

Советот за утврдување на факти со реакција во врска со најавите за негово укинување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Во врска со бројните изјави за укинување на Советот за утврдување на факти изнесени во медиумите, во својство на Претседател на ова ново основано правосудно тело во правосудниот систем на Република Македонија, мошне значајно, но за жал недоволно познато на широката јавност, должен сум во името на угледот и дигнитетот на неговите членови да дадам објаснување за причините на неговото формирање, функционирање и постоење.

Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија е формиран со Закон во 2015 година. Советот е конституиран на 17.12.2015 година, а реално започна со работа, после бројни опструкции, дури во месец март 2016 година.

На Советот за утврдување на факти, како високо професионално и стручно тело, согласно законот му беше пренесена надлежност да спроведува истражни дејствија за утврдување на факти за покренување дисциплинска одговорност на судии и претседатели на судови по конкретен предмет, која надлежност, до неговото конституирање, беше на Судскиот Совет на Република Македонија. Идејата на законодавецот била, – да се избегне дотогашната ситуација Судскиот Совет на Република Македонија да биде  : “ и кадија и судија“  односно, и да ги избира, и да води постапка за утврдување нивна дисциплинска одговорност и да ги разрешува судиите и на крајот и да ги наградува, финансира, преку Судско буџетскиот совет со кој располага и управува. Ваквата состојба претставува неверојатна сконцентрирана моќ во еден орган.

Уште при самото формирање на ова тело, тоа стана трн во окото на сите чинители во правосудниот систем. Најнапред на самите судии кои иако плебисцитарно гласаа и непосредно ги избираа членовите на Советот, уште повеќе на “условно речено Постариот брат Судскиот Совет на Република Македонија“ – на кој му беше ускратено задоволството и покрај другите веќе три порано споменати и задржани надлежности – што ја изгуби надлежноста да ја води постапката утврдена за одговорност на судии и на претседателите на судови.

Избраните члненови на ова тело од редот на истакнати пензионирани правосудни кадри (судии, адвокати, обвинители и професори по судското право) за само шеснаесет месеци стручно, високо професионално и одговорно работење – обработија околу 1200 иницијативи (претставки) поднесени од граѓани и правни лица за несовесно и нестручно работење на судиите и на претседателите на судовите во Република Македонија.

Во веќе поодминати истражни процедури се повеќе од 30 предмети, а за 6 се поднесени и барања за утврдување на одговорност и за разрешување на поедини судии и претседатели на судовите до Судскиот Совет на Република Македонија.

Треба да се има во предвид дека оваа процедура согласно законот е мошне сложена, дискретна, нетранспарентна и тајна заради заштита на дигнитетот на судиите. Од тие причини јавноста не се известува за имињата на судиите за кои се води постапка се додека таа не заврши пред Судскиот Совет.

За овие шеснаесет месеци работата на судиите и на претседателите на судовите во Република Македонија беше ставена под силен надзор и мониторинг на ова тело (превентивен но и репресивен) при што, и “најнедопирливите во судската фела“ беа повикувани, сослушувани, стручно, професионално и достоинствено за наводите во иницијативите против нив и проверувани дали нивните дејствија и постапки при вршење на судската функција се вршени согласно законите, судскиот деловник, кодексот за етика, со увид во судските досиеја за предметите за кои беа покренати постапки.

Поради сето тоа и отпочна силна акција и хајка против ова тело,  најнапред во судската елитна фела, која изрично бараше, а и ден денес бара оваа надлежност на ова тело да се врати во закрилата на Судскиот Совет, каде судиите најверојатно се чувствуваат покомотно и посигурно.

Главниот аргумент дека Советот бил подложен на силно влијание од поранешната гарнитура на власт официјално даден од владините претставници за укинување на Советот за утврдување на факти е апсолутно неточен. Напротив, спротивно на ваквото тврдење е неспорниот факт неможноста или многу малата можост да се врши притисок и да се влијае на работата на овие веќе пензионирани стари правосудни кадри (пензијата никој не може да им ја земе). Најверојатно тоа е и една од основните причини да се бара брзо и итно укинување на ова тело, и тоа од сите страни.

За жал мора да се констатира дека судската реформа во Република Македонија отпочнува токму со укинување на ова најпрофесионално, најнезависно и најстамено правосудно тело. Заложбата на официјалните институции оваа надлежност повторно да се инкорпорира во идниот Судски Совет на Република Македонија не е ништо друго туку прифаќање на принципот “кадија те тужи кадија те суди“ кој е ретрограден и напуштен во многу области. Доколку официјалните институции сакаат оваа надлежност да ја инкорпорираат во Судскиот Совет на Република Македонија, во тој случај треба да се изврши новелирање на Законот за Судскиот Совет во следната смисла : Советот да биде составен од две независни тела, едното условно наречено Комисија за покренување на дисциплинска одговорност за судија која ќе ги има истите надлежности кои ги има сега Советот за утврдување на факти и Комисија за изрекување дисциплинска мерка на судија која ќе ги има истите надлежности кои сега ги има Судскиот Совет. На овој начин во едно тело би се сублимирале две постапки кои претставуваат една целина во својот краен исход, би се искористил потенцијалот на независните и стручни кадри (пензионирани судии, обвинители и адвокати) и би се ослободиле судиите и другите членови од Судскиот Совет од делот за утврдување на дисциплинската одговорност, односно нивната работа би се свела само на донесување на одлука. Ова го кажувам со цел за да допринесам во реализација на отпочнатите реформи во правосудниот систем на Република Македонија.

Со почит

Претседател на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија

Сашо Поцевски

Препорачуваме

Партнери на Правдико