Современо законско решение за стечајот | Правдико

Правдико

   

Современо законско решение за стечајот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерот за економија Дритон Кучи учествуваше на советувањето на тема „Реорганизација на должникот во стечајна постапка“, кое се одржува во рамки на Проектот „Зајакнување на административните капацитети за имплементација на законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва“.

„Овој проект ја опфаќа законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва и е од исклучително значење за Министерството за економија и стопанството во целост, а го реализираме со помош на Европската Унија, со средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Во контекст на денешното одбележување на Денот на Европа, денешниот настан претставува наш симболичен придонес кон чествување на роденденот на ЕУ и знак на нашата цврста определба за побрзо приближување на земјата кон полноправно членство во Унијата“, рече Кучи во своето обраќање.

Според Кучи, потврдена е оценката за значителниот напредок во законодавството, но и за потребата од натамошен развој и усогласувања со европските директиви и добрите практики. Тековните податоци говорат за околу 1800 отворени стечајни постапки, од кои дури илјада се последица на проверките поврзани со бришењето на трговските друштва по службена должност, а тоа претставува сериозен предизвик за постојните 60 лиценцирани стечајни управници. Од стручните обуки за нови стечајни управници, предвидени со Проектот, се очекува за ова занимање да се заинтересираат и многу млади, кои своите стручни знаења ќе ги насочат кон стечајните процедури, a постојните стечајни управници ќе ги прошират своите знаења со специјалистичка обука за реструктуирањата на трговските друштва. Паралелно со ова треба да се реализира и предвиденото зајакнување на капацитетите на Министерството за економија за поефикасно извршувањето на законските задолженија, а крајната цел на Проектот е да придонесе за ефикасно остварување на правата и на доверителите и на должниците, но и на обврските што произлегуваат од ликвидацијата и од стечајната постапка.

„Очекуваме да се зголеми и свеста за значењето на раното предупредување, за важноста за навременото започнување на процесите на реструктуирањето – без оглед дали станува збор за претстечаен период или тековна постапка. Во земјите на ЕУ, санацијата станува сѐ позначајна, а моделите за нејзина реализација, иако разновидни, сепак, се со единствена цел – надминување на инсолвентноста и спасување на иднината на компанијата, па земјите членки веќе носат нови законски решенија и врз нивна основа подготвуваат модели на планови за реорганизација. Македонија не смее да заостанува на тој пат!“, посочи Кучи.

Ова советување е наменето за стечајните судии и другите судии кои работат на предметите кои произлегуваат од стечајната постапка, стечајните управници, на добавувачите или сите други друштва кои имаат некакви побарувања во стечајната постапка и на органите на друштвата застапници по законот за трговски друштва, а излагачи на темата беа експертите Красин Димитров, Миодраг Ѓорѓевиќ и Дејан Костовски.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико