Спорот со името – можна тема во Атина?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Владиниот портпарол Штефен Зајберт за ДВ ниту демантираше, ниту пак потврди дали спорот со името ќе се најде на агендата на петочните разговори во Атина меѓу канцеларката Меркел и нејзиниот грчки колега Самарас.
В петок попладне (11. април) германската канцеларка Ангела Меркел на неколку часа ќе престојува во Атина. Кусо време во кое Меркел со нејзиниот домаќин, премиерот Андонис Самарас ќе разговара за економската и финансиската состојба во Грција и во еврозоната. На агендата за средбата на двајцата премиери се и размена на мислења на билатерални и интернационални теми. Дали спорот со името кој го има Македонија со Грција ќе се најде во фокусот на разговорите во делот на „интернационалните теми“ владиниот портпарол Штефен Зајберт за Дојче веле ниту потврди, ниту пак демантираше.
„Интернационалните теми имаат широк спектар. Тука секако се вклопуваат актуелностите околу Украина и Русија. Потоа состојбата со Сирија, статусот на бегалците и уште многу друго. Дали канцеларката Меркел со премиерот Самарас ќе разговара и за спорот со името не знам и не можам да кажам“, изјави за Дојче веле државниот секретар владин портпарол Штефен Зајберт.
Инаку Меркел во Атина ќе престојува само неколку часа. Покрај разговорите со Самарас и настап пред грчките медиуми предвидена е и посета на едно грчко претпријатие. Полудневната посета на Меркел на Атина аналитичарите ја толкуваат како уште еден сигнал за поддршка на реформскиот курс на штедење на конзервативната влада на Самарас.
Последната посета на германската канцеларка на Атина датира од октомври 2012 година. Тогаш истата беше проследена со масовни протести против курсот на штедење кој го наметна Меркел и Европската унија.
Извор: Deutsche Welle