Средства за присилба во Европска рамка | Правдико

Правдико

   

Средства за присилба во Европска рамка

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Бројот на евидентирани случаи кога полицајците примениле средства на присилба пораснал од 573 во 2011 година на 796 случаи лани, при што најчесто било врзување со лисици, а најмалку употребата на гумена палка.

policija-alfi-priveduvanje

Но, МВР тврди дека не се зголемува примената на сила, туку полицајците почесто ги пријавуваат случаите затоа што имаат посилна правна основа. Нападите на полицајци, пак, лани биле почести отколку во претходните две години – од 110 случаи, се зголемиле на 146.

– Употребата на полициските овластувања порано не била толку прецизно дефинирана. Во такви услови, кога полицаец врзал лице со лисици или кога употребил зафат, внатрешната контрола тоа можела да го цени како оправдано или неоправдано, па мерките за присилба во многу случаи не биле пријавувани во извештаи или службени белешки – објаснуваат во МВР.

Без употреба на оружје

Последните три години евидентираната примена на средства за присилба се зголемила за четириесетина отсто. Најчесто, во повеќе од половина од случаите – 446, полицајците примениле средства за врзување – лисици, во една третина од случаите со физичка сила – 286, односно со зафат ги совладувале противниците, а во помалку од 10 отсто случаи употребиле гумена палка – пендрек – 64. Оружје не било употребено. Во овие случаи биле полесно повредени 26 лица. Во 691 случај на примена на средства за присилба во 2012 година еднаш било употребено и огнено оружје, а едно лице загинало, а 19 биле лесно повредени. И за овие случаи МВР утврдило дека средствата за присилба биле легитимно употребени.

Според МВР, зголемено е евидентирањето, а не примената.

– За разлика од претходните години, целосното работење во МВР и постапувањето на полициските службеници денес е покриено со многубројни подзаконски акти, со кои точно се дефинираат стандардните оперативни процедури на постапување. Во нив се пресликани европските стандарди. Точно е дефинирано во која ситуација како треба да постапи полицискиот службеник. Од тој аспект полициските службеници многу посигурно се чувствуваат и поради тоа статистички се зголемува бројката на применети полициски овластувања – изјави Иво Kотевски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста.

Од МВР наведуваат дека по преземените мерки за утврдување на оправданоста на употребата на средствата за присилба, утврдено е дека во сите случаи употребата на средства за присилба е оправдана. Најчесто се вршела заради воспоставување нарушен јавен ред и мир.

Сè почести напади

Додека во 2011 и во 2012 година имало речиси идентичен број напади врз полицајци, лани МВР регистрирало скок за околу една третина.

– Неповолна состојба бележиме во однос на регистрираните напади над полициските службеници, кои се зголемени за 30 отсто. Нападите најчесто се извршувани на отворен простор, при воспоставување јавен ред и мир, во најголем број со употреба на физичка сила, при што 133 полициски службеници добиле телесни повреди, од кои девет се со потешки повреди – велат во МВР.

Полицијата поднела кривични пријави против 188 лица за 146 кривични дела напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.

– Регистрирани се и два потешки инцидента, во кои беа нападнати полициски службеници при вршење на службените задачи, при што во првиот случај беше пукано кон полициски службеници што постапуваа по наредба за лишување од слобода затвореник кој избегал од KПУ „Штип“. Во вториот случај, од страна на лица што се затекнати при вршење шумска кражба со возило, е удрен еден полицаец – потсетуваат во МВР.

Напади врз полицајците
2013 – 146
2012 – 111
2011 – 109

Примена на средства на присилба
2013 – 796
2012 – 691
2011 – 573

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико