Српските затвори се најнатрупани во Европа | Правдико

Правдико

   

Српските затвори се најнатрупани во Европа

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Српските власти ги подобруваат капацитетите на затворите во земјата, но пренатрупаноста и понатаму претставува проблем, велат експертите. Извештајот на Советот на Европа во април покажа дека Србија е на прво место во Европа во однос на пренатрупаноста на затворите.

prisonИзвештајот, кој се потпира на податоци од 2012 година, покажа дека Србија има 11.070 затвореници, а затворски капацитет од 6.950, односно просечно 159 затвореници на 100 легла.

Италија се рангираше на второто место со 145 затвореници на 100 затворски легла, додека Кипар имал 140 затвореници на 100 легла.

Проблемот со пренатрупаноста е најакутен во Србија, Кипар, Унгарија и Белгија, според овој извештај, кој покажа дека просекот во Европа е 98 затвореници на 100 затворски легла.

Капацитетот на затворите е зголемен во изминатите две години, рече Никола Селаковиќ, министер за правда на Србија. Затворскиот капацитет во земјата е зголемен на 9.300 затвореници од времето кога Советот на Европа ги прибираше своите податоци.

„Во споредба со 2012 година ситуацијата е значително променета и подобрена. Инфраструктурните проекти и понатаму се меѓу приоритетите, како и работата на адаптирањето, доградувањето, изградбата на нови затворски објекти“, изјави Селаковиќ за новинарите.

Покрај тоа, Србија усвои и спроведе закони кои предвидуваат алтернативни облици на казнување, за разлика од затворските казни за некои кривични дела, создавајќи ја многу потребната буџетска заштеда, рече тој.

Селаковиќ, исто така, рече дека владата ги фокусираше напорите на подобрување на казнениот систем меѓу 2010 и 2012 година, додавајќи дека ваквите иницијативи ќе продолжат преку јакнење на алтернативниот систем на казнување.

Владата најави дека ќе отвори девет канцеларии до 2015 година за примена на алтернативните санкции, вклучително и општествено корисна работа.

Заменик народниот правобранител Милош Јанковиќ рече дека и покрај неодамнешните подобрувања, условите во српските затвори се сé уште незадоволителни и земјата не ги има исполнето сите стандарди на ЕУ.

„Невозможно е да се има каква било приватност ако има 30 до 40 луѓе во една затворска просторија. Целта на затворите да имаат поправно влијание не е исполнета“, рече Јанковиќ заSETimes.

Јанковиќ вели дека најголема натрупаност има во големите затвори, каде што групи од 15 затвореници го поминуваат цел ден заедно во просторија од 30 метри квадратни.

Српскиот Комитет на правници за човекови права издаде изјава во која ја повикува владата да ги подобри условите во српските затвори што е можно поскоро.

„Ако не се случи тоа, може да се соочиме со сериозни последици во преговорите со Европската унија, со оглед на тоа што нема да можеме да ги отвориме поглавјата 23 и 24 што се однесуваат на владеењето на правото“, рече за SETimes претставникот на комитетот Милан Антонијевиќ.

Извор: Setimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико