ССНМ со поддршка за Мирослава Бурнс и совет да тужи за навредите изречени кон неа | Правдико

Правдико

   

ССНМ со поддршка за Мирослава Бурнс и совет да тужи за навредите изречени кон неа

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) преку соопштение изрази згрозеност од нападите, навредите и клеветите изнесени на порталот „ДоказМ.мк“ кон новинарката Мирослава Бурнс.

„Згрозени сме од речникот употребен во текстовите на овој портал, кој ниту во најблага варијанта не може да се смета за соодветен во јавниот дискурс, а особено сме згрозени од сексистичките навреди и клевети, дури и навреди што задираат во приватниот живот на целта на нападот“, се наведува во соопштението.

Од ССНМ потенцираат дека какви било клевети и навреди од овој тип се неприфатливи, особено во јавната дебата, кога се појавуваат како реакција на професионално изработен и реализиран текст.

„Сметаме дека треба да се стави крај на времето кога на факти и аргументи се одговора со лични дисквалификации, а во случајов тоа е кренато на ниво, не на уличарски јазик, туку на монструозни конструкции, кои ни оддалеку не се во допир со текстот на кој се реагира“, стои во соопштението.

Од ССНМ напоменуваат и дека порталот „ДоказМ“ треба да одржува професионално ниво бидејќи е поддржан со рекламни и пропагандни објави на реномирани домашни компании.

„На овој начин излегува и дека дел од важните македонски стопански субјекти поддржува ваков дискурс на јавна расправа“, сметаат од ССНМ, од каде што изразуваат поддршка за Мирослава Бурнс и ја охрабруваат да ја побара својата сатисфакција по судски пат.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико