Стекнување имот во брачна заедница
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Бракот според Законот за семејство е уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачната заедница. Односите меѓу брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање.
Според Законот за сопственост и други стварни права стекнатиот имот во текот на бракот се третира како заеднички имот (сопственост) во брачната заедница, и тоа е законски имотен режим законски определен и брачните другари не можат да се договорат во нивниот брак да важи поинаков правен режим од оноја што е регулиран со одредбите на ЗСДСП. Така во член 67 од ЗСДП ,,Имотот кој брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивен заеднички имот”.
Тука не спаѓа само имотот кој брачните другари ќе го стекнат со работа туку и и оној имот што ќе го стекнат на друг начин како: со подароци сторени на двата брачни другари, средства купени со кредит земен во текот на брачната заедница, со приходи од заедничкиот имот и слично. Значи тој имот кој брачните другари ќе го стекнат додека се во брак останува заеднички се до престанокот на бракот и им припаѓа на двата брачни другари неподелено, со неопределени делови на секој од нив. Карактеристичо е тоа што брачниот другар со својот дел од заедничкиот имот пред тој да се определи не може да располага самостојно, нити пак да го товари со правно дело меѓу живите.
Правото на сопственост на брачните другари врз недвижности кои се нивен заеднички се запишува во јавните книги на името на двајцата брачни другари како нивен заеднички имот.Ако во јавните книги како сопственик на заедничкиот имот е запишан само едниот од брачните другари ќе се смета дека уписот е извршен на името на двајцата брачни другари. Па така кога брачните другари настапуваат во правниот промет со ствари или средства од заедничкиот имот тие настапуваат како една целина мажот и жената заедно. Истото важи и за долговите и побарувањата кои се ворамките на заедничкиот имот, овде брачните другари се јавуваат како солидарни должници и одговараат заедно со заедничкиот имот.
Покрај заедничкиот имот кој се стекнува во текот на брачната заедница постои и посебен имот, а тоа е имотот кој едниот брачен другар го имал во времето на склучувањето на бракот (значи пред стапувањето во брак). Како посебен имот ќе се сметаат и имотот и правото врз имотот што брачниот другар ќе го добие по основа на наследство, легат и подарок, како и стварите стекнати во бракот, а кои исклучиво служат за задоволување на личните потреби на еден од брачните другари, доколку не преставуваат несразмерно голема вредност во споредба со вредноста на вкупниот заеднички имот како што се скапоцен накит, крзнена скапа бунда, патничко возило регистрирано само на еден од брачните другари кој исклушиво само тој го користи и слично.
За разлика од заедничкиот имот секој брачен другар самостојно управува и располага со посебниот имот, доколку брачните другари во писмена форма поинаку не се договорат.Како посебен имот се смета и сите награди од уметнички и други достигнувања, доделени стипендии на едниот брачен другар, надоместоците за повреда на правата на личноста, надоместоци за лекување и слично.
Во правниот промет посебниот имот на брачниот другар значи дека тој може самостојно без согласност на другиот брачен другар да располага со посебниот имот во поглед на склучување на договори, да го продава, подарува итн. Брачните другари во писмена форма можат да се договорат управувањето и располагањето со заедничкиот имот или со дел од него да го врши едниот од нив. Договорот може да се однесува на сите работи на управување и располагање или само на редовното управување или на точно определени работи.
Ако за управувањето со заеднички имот или за одделна работа во врска со управувањето, брачните другари не можат да се спогодат, а ниту еден од нив не бара утврдување на деловите на заедничката сопственост, судот во вонпарнична постапка може по предлог на еден од брачните другари да определи потребни мерки кои се однесуваат на управувањето.
За време на траењето и по престанокот на бракот брачните другари можат спогодбено да го поделат заедничкиот имот.
Со делба на заедничкиот имот на брачните другари настанува режим на посебен имот. Брачните другари можат да направа делба и само на одредени ствари од заедничкиот имот без разлика дали се подвижни или недвижни и тие ствари ќе се третираат како посебен имот. Делбата може да се направи спогодбено така што едниот брачен другар ќе му исплати на другиот извесен паричен надоместок и тој ќе ги задржи предметите стекнати во бракот.
Ако не дојде до спогодба, делбата на заедничкиот имот, на барање на еден од брачните другари, судот ја врши во вонпарнична постапка. При утврдувањето на деловите на брачните другари во заедничкиот имот, судот тргнува од фактот дека заедничкиот имот на брачните другари се дели на еднакви делови. По барање на еден од брачните другари, судот може да му определи поголем дел од заедничкиот имот, ако тој докаже дека неговиот придонес во заедничкиот имот очигледно и значително е поголем од придонесот на другиот брачен другар.
При делбата на заедничкиот имот, по барање на брачниот другар, во неговиот дел првенствено ќе се внесат оние ствари од заедничкиот имот кои служат за вршење на неговата дејност. Од задничкиот имот ќе се издвојат и ќе му се предадат на брачниот другар, покрај неговиот дел и оние ствари стекнати со работа во текот на брачната заедница кои служат исклучиво за негова лична употреба. Исто така при делбата на заедничкиот имот на брачниот другар кому се доверени заедничките деца на чување и воспитување му се доделуваат и оние предмети за кои е очигледно дека е во интерес да бидат во имот и во сопственост на брачниот другар кому децата му се доверени.
За обврските што еден брачен другар ги имал пред склучувањето на бракот, како и за личните обврски што ќе ги прими по склучувањето на бракот, не одговара другиот брачен другар.Брачните другари одговараат солидарно за обврските што едниот брачен другар ги примил спрема трети лица за намирување на тековните потреби на брачната заедница, како и за обврските што според општите прописи ги товарат двата брачни другари.Брачниот другар кој од својот посебен имот ја исполнил солидарната обврска има право да бара другиот брачен другар да му го надомести делот на обврската што паѓа на него.
Подароците што брачните другари си ги дале еден на друг пред склучувањето на бракот или во текот на бракот не се враќаат
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Услови за склучување и полноважност на бракот и постапка за давање дозвола за склучување на брак
– Земјите во кои истополовите бракови се легални
– Постапка за склучување на брак надвор од службените простории