Што предвидуваат новите измени на Законот за работни односи
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со новите измени на Законот за работни односи обвјавени во Службен весник на РМ, бр. 113 од 29.07.2014 година се воведуваат одредени новитети како и измени на некои од постоечките одредби на законот.
Најпрво се врши дефинирање на тоа што се подразбира под објавување на јавен оглас при што се воведува нова точка 11 во член 5 и гласи : “Објавување на јавен оглас” – е секое јавно објавување на потребата на работодавачот од работник, за пополнување на слободно работно место, без оглед на тоа дали огласот се објавува во дневен печат или во други средства за јавно информирање печатени или електронски со наплата или во службата за посредување при вработување на веб страната на Агенцијата без наплата.”
Измена постои и во делот за тоа кога работодавачот треба да го пријави работникот во Агенцијата за вработување. Оттука членот 13 став 3 од ЗРО гласи:
,, Работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава (електронски образец М1/М2 испечатен од системот на Агенцијата за вработување на Република Македонија) за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност), во согласност со посебните прописи, во Агенцијата за вработување на Република Македонија, по електронски пат или непосредно во Агенцијата, со приложување на ППР образец, овластување на овластено лице со список за лица кои ги пријавува/одјавува, во кое се наведени името, презимето и ЕМБГ, како и бројот на договорот за вработување и датумот на склучување на договорот за вработување, еден ден пред работникот да стапи на работа, а за итни и неодложни работи, најмалку еден час пред работникот да стапи на работа. Заверена фотокопија од пријавата или извод од компјутерски запис од информацискиот систем на Агенцијата му се врачува на работникот во рок од три дена од денот на стапувањето на работа,,.
Се изменува и се допрецизира членот 23 став 1 од ЗРО во врска со условите што се бараат за вршење на работата при давање јавен оглас од страна на работодавачот :
,,Кога работодавачот вработува работници по пат на јавен оглас, должен е во јавниот оглас да наведе:
– назив на работното место;
– условите што се барат за вршење на работата;
– почетокот и завршетокот на дневното и неделното работно време;
– распоредот на работното време;
– паричниот износ на основната нето плата за работното место за кое се бара работник;
– рокот за пријавување, кој не сме да биде пократок од пет работни дена;
– рокот во кој ќе се изврши избор и
– точни податоци за работодавачот (назив, седиште, телефон, лице за контакт и адреса за доставување на апликаците),,.
Како новитет што се воведува со новите измени е можноста работникот со писмено барање да побара продолжување на работниот однос после исполнувањето на условите за пензија. Со измената на став 2 од член 104 на ЗРО:
,,(02) работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено.”
-Исто така се додаваат и став (3) и став (4) :
„ (3) Писмената изјава од ставот (2) на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот (1) на овојчлен, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот (2) на овој член изјавата ја дава еднаш годишно а најдоцна до 31 август во тековната година за
продолжување на договорот за вработување за наредната година.
,,(4) Работодавачот е должен по дадената изјава од ставот (2) на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена),,.
Се предвидува глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противредност за прекршок на работодавач ако не го продолжи договорот за вработување.
Во делот на посебните договори каде работодавачот може со определено лице да склучи договор поради вршење работи кои се надвор од дејноста на работодавачот, а кои имаат за предмет самостојна изработка или поправка на определени предмети, самостојно извршување на определена физичка или интелектуална работа се додава нов став со кој се нагласува дека за тие договори со кој е определен надоместок за извршената работа кој во нето износ е повисок од износот на минимална плата утврдена со закон, работодавачот плаќа придонеси од задолжително социјално осигурување согласно со закон . Оваа измена ќе започне со примена од 1 јануари 2015 година.
Измените можете да ги превземете ТУКА
–ПРАВДИКО–