Правдико

   

Стразбур: Македонија не згрешила во судењето на Чочоровска

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

0084B219C69DFE499CC8CAF05FAEB7C7Двајцата апликанти сметаа дека македонските судови го повредиле правото за правична постапка

Македонија не го повредила правото на правично судење и не направила други повреди на Европската конвенција во случајот со судењето на „кокаинската кралица“ Станислава Полетан, како и возачот на камионот. Пресудата денеска ја објави Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Како што соопштија од канцеларијата на владиниот агент, Костадин Богданов, предметот се однесува на кривичната истрага против апликантите поради сомнение дека биле вмешани во неовластена трговија со 400 килограми кокаин, кои биле скриени во пакувања ставени во запечатени канти боја во камион кој бил управуван од Азировиќ и кои биле пронајдени од македонската царина на граничниот премин Блаце.

Двајцата апликанти во ноември 2007 година беа прогласени за виновни за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и беа осудени на казна затвор од 14 години и шест месеци, пресуда која беше потврдена и од Врховниот суд во октомври 2009 година. Тие се жалеле на различни аспекти поврзани за правичноста на постапката од член 6 од Европската конвенција за човекови права.

ЕСЧП не утврдила повреда на член 6 став 1, ниту на член 6 став 2 од Конвенцијата во врска со тврдењето на Азировиќ дека домашните судови пропуштиле да дадат какво било образложение со кое би се покажало дека тој знаел за дрогата, а истовремено била нарушена и неговата пресумпција на невиност. Судот во оваа своја пресуда се повикува на принципот на супсидијарност и примарната улога на државата во оцената на веродостојноста на доказите и не најде причина да отстапи од заклучокот до кој дошле домашните судови во однос на тоа дека возачот на камионот бил свесен дека пренесува дрога.

Покрај тоа, ЕСЧП не утврдила повреда ниту во однос на правото на одбрана на Полетан, со оглед дека нејзиниот адвокат имал можност да ги консултира списите на предметот, а самиот факт што нејзиниот адвокат извршил увид во списите неколку дена откако било поведено обвинение против неа не имплицирал дека нејзе ~ било оневозможено правото ефективно да ги негира кривичните обвиненија против неа.

Исто така, Судот во Стразбур утврдил дека иако двајцата сведоци, кои се наоѓале во Црна Гора, не биле во можност да присуствуваат на рочиштето во Скопје, нивните усни искази дадени пред истражниот судија во оваа земја биле прочитани на рочиштето. Апликантите и нивните застапници не се спротивставиле на одлуката да се изведат овие докази и не побарале да им поставуваат прашања на сведоците, со што се откажале од нивното право да ги испрашуваат сведоците. Дополнително, нивните искази не претставувале ниту единствен, ниту одлучувачки доказ врз кој домашните судови ја засновале својата одлука“, велат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.

Што се однесува до жалбениот навод дека вештите лица кои го извршиле вештачењето на дрогата биле пристрасни, Судот истакнал дека апликантите не ги оспориле наодот и мислењето кои произлегле од спроведеното вештачење и дека правичноста на постапката не била доведена во прашање ниту од аспект на вештачењето.

Судот во Стразбур утврдил дека и државата не го повредила член 6 од ЕКЧП, односно дека на апликантите им било обезбедено правично судење во постапката за утврдување на нивната кривична одговорност, на начин кој е во согласност со стандардите на Конвенцијата и со праксата на Судот во Стразбур“, појаснуваат од канцеларијата на владиниот агент.

Извор: Утрински весник

Партнери на Правдико