Стразбур пресуди во корист на новинарите отстранети од Собранието на 24 декември 2012 | Правдико

Правдико

   

Стразбур пресуди во корист на новинарите отстранети од Собранието на 24 декември 2012

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда во врска со случајот на новинарите кои беа физички отстранети од собраниското обезбедување на седницата за носењето на Буџетот на 24 декември 2012 година.

Во овој предмет постои повреда на членот 10 и членот 6 од Европската конвенција за човековите права, пресуди Судот во Стразбур.

Како што образложува Судот во Стразбур, новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски се жалеле пред ЕСЧП за нивното насилно отстранување од собраниската галерија, од која како акредитирани новинари ја следеле дебатата за носењето на Буџетот на 24 декември 2012 година.

Со ваквиот чин, според новинарите во жалбата до ЕСЧП, повредени се членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права кој се однесува на слободата на изразување, како и членот 6 кој се однесува на правото на фер сослушување, во конкретниот случај правото на сослушување пред Уставниот суд.

Носењето на Буџетот, образложува судот, беше проследено со тензија помеѓу власта и опозицијата. Атмосферата на оваа седница кулминираше откако опозициски пратеници го опкружија претседателот на Собранието, кој му нареди на обезбедувањето да го осигури редот во законодавниот дом. Следејќи ја наредбата, обезбедувањето од собраниската сала ги отстрани опозициските пратеници, но и новинарите од собраниската галерија, вклучувајќи ги и новинарите жалители во Стразбур.

Овие новинари одбија да си одат од собраниската галерија, нагласувајќи дека јавноста има право да знае што се случува во Собранието. Тие негирале дека биле информирани дека нивното отстранување од собраниската галерија е поради безбедносни причини и нивна заштита.

Сметајќи дека со ваквиот чин на насилното исфрлање на новинарите од галеријата на собраниската сала била сторена повреда на слободата на изразување, гарантирана со членот 16 од Уставот и со членот 10 од Европската конвенција за човекови права, Здружението на новинарите, застапувано од Насер Селмани во својство на претседател на Здружението и новинарите Наташа Стојановска од Скопје, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, до Уставниот суд поднеле барање за заштита на слободите и правата на новинарите.

„Ограничувањата на слободата на изразување мора да бидат пропишани со закон, да се неопходни во едно демократско општество, да имаат за цел заштита на точно определени вредности“, се наведува во барањето до Уставниот суд.

Ценејќи дека физичкото отстранување на новинарите од галеријата на собраниската сала, кое го налагала конкретната ситуација на, како што посочува Уставниот суд, ескалација на хаосот и безредието во салата, имало за цел да ги заштити новинарите и да обезбеди ред во салата, а не да ги оневозможи во вршењето на нивната дејност – информирање на јавноста и да им ја ограничи слободата на изразувањето, Уставниот суд го одби барањето на новинарите.

Со одлуката на мнозинството судии не се согласи судијката Наташа Габер-Дамјановска, која во своето издвоено мислење посочи дека: „Апсурдно е тврдењето дека тоа е сторено за ‘безбедност на новинарите’, кога очевиден факт е дека тие седеле на своите места и биле крајно пасивни, со никакво дејствие не учествувале во настаните, туку само набљудувале, за што имаат и легитимно право, бидејќи тоа е дел од нивната професионална известувачка активност.“

„Правната битка тука не завршува, а новинарите ќе поднесат претставка и до Судот за човекови права во Стразбур“, најави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, веднаш по одлуката на Уставниот суд.

Во членот 10 од Конвенцијата се вели дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Според Конвенцијата, ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија, да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

Во членот 6 од Конвенцијата, на кој се повикуваат новинарите жалители до Стразбур, се вели дека секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико