Студенти измамени за работа во Германија | Правдико

Правдико

   

Студенти измамени за работа во Германија

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Група студенти преку медиумите обелоденија измама за посредување за работа во Германија. Според нивното писмо испратено до редакции агенцијата за посредување од седум студенти земала вкупно околу 38 илјади денари, покрај трошоците за документација за работна дозвола. Писмото е испратено од еден студент кој ја објаснува измамата околу посредување за работа во Германија, во Бургер Кинг, преку агенцијата Венера Кемаловски со седиште во Битола, и канцеларии во Скопје, Струмица и Штип.

– Аплициравме заедно група од 7 студенти, при крајот на јануари годинава, во канцеларијата во Штип. Не викнаа на интервју на 8 февруари во Штип, во просториите на агенцијата. По интервујто, ни кажаа дека сите 7 од нас го имаме поминато интервјуто и потпишавме договор со агенцијата, неколку минути по завршувањето на интервјуто. Притоа, ни кажаа дека за апликативни трошоци, треба да платиме по 1.500 денари. Парите ги плативме на рака и за истите не ни беше издадена фискална сметка. Ни рекоа дека бидејќи интервјуто ни е успешно поминато, само треба да ги однесеме потребните документи и нашето заминување на работа во Германија е веќе сигурно и обезбедено. Датумот на кој ни рекоа дека најверојатно ќе започнеме со работа во Германија беше 15 јуни – пишува студентот.

Потоа, откако ги донеле сите потребни документи, за кратко биле известени дека треба да одат на уште едно интервју во штипската канцеларија на агенцијата.

– Иако првично не беше предвидено, отидовме и на тоа дополнително интервју, после кое ни беше кажано дека ниеден од нас нема доволно познавања од германски јазик, па сите ќе мораме да уплатиме по 3.900 денари на сметка на агенцијата Венера Кемаловски, а тие преку онлајн-курс ќе не научат германски јазик. Направивме како што ни кажаа, уплативме по 3.900 денари, а за доказ ни побараа да им пратиме слика од уплатницата на мејл или на некој од фб-профилите на агенцијата (ги имаат неколку).

Како што одминуваше времето, од агенцијата ни бараа и дополнителни документи, кои претходно не беа предвидени. Покрај тоа што бараа студентски легитимации преведени на германски и заверени на нотар, ни бараа и некои помалку чудни работи, како на пример Уверение за неосудуваност?! Колку и да беа чудни некои од барањата, не се противевме и сите ние седуммина редовно и уредно ги извадивме сите документи кои ни ги бараа од агенцијата (а кои на нив им ги бараат од Германија, заради одредени причини). Вадевме документи, преведувавме, заверувавме на нотар, се разбира се тоа на наш трошок (иако првично непредвидено) – пишува студентот.

Агенцијата потоа на групата студенти, пишува во писмото, им кажала дека затоа што биле голема група, нема да работат во ист ресторан, туку ќе ги поделат во две групи од четворица и тројца. Студентите се согласиле со ова.

– За кратко време, на четворицата кои беа во едната група им се јавија од агенцијата и им кажаа дека одредени документи им се згрешени и дека треба повторно да ги извадат и повторно да ги однесат. Ова беше доста сомнително и дискутабилно, затоа што сите документи ги вадевме заедно, како група и се беше исто за сите седуммина. Но и покрај тоа, без противење, се што требаше беше повторно извадено и секако на наш трошок беше повторно однесено во агенцијата.

Кога веќе наближуваше 15 јуни, датумот кој од агенцијата беше посочен како датум на кој ќе почнеме со работа во Германија, од агенцијата почнаа да не се јавуваат на нашите повици. Неколку дена пред 15-ти, бевме известени дека работните дозволи доцнат и најверојатно нема да стигнат до 15-ти, а без нив не можеме да почнеме со работа. На нашите прашања зошто е тоа така, тие одговараа дека има промени во законите во Германија, за кои тие биле известени со задоцнување. Иако прашувавме, не добивме одговор кој е законот кој е изменет – пишува студентот.

Додава дека агенцијата ги одбегнувала нивните телефонски повици и фејсбук пораки, не известувале за новости, а почнал лично сопственикот на агенцијата Емран Кемаловски да ги уверува дека вината е во Германија.

– Кога видовме дека од агенцијата повеќе не одговараат на повиците, започнавме што почесто да одиме лично во канцелариите и да бараме одговори на прашањата кои некој мораше да ни ги одговори: зошто сеуште немаме добиено работни дозволи, каде е проблемот и ќе добиеме ли воопшто работни дозволи?

Така, еден ден (8ми јуни) во фејсбук-групата во која членувавме сите студенти, како и сопственикот и вработените во агенцијата, и која служеше како место на кое ги добивавме сите новости и информации, сопственикот на агенцијата, Емран Кемаловски постираше објава која само по неколку секунди ја избриша. Најверојатно затоа што местото не и беше за групата во која членуваме и студентите, туку пораката беше наменета само за вработените. Имено, во таа порака тој им дава насоки на вработените, како да постапуваат и како да не лажат, затоа што „сезоната била започната и дневно ќе се соочувале со многу револтирани странки”. Понатаму, тој им вели на вработените: на оние странки кои им се сомнителни, да им наплаќаат со фискален апарат, а сите други да плаќаат на рака – пишува студентот, кој дополнува дека кога објавувале прашања околу таа објава, тој ги бришел за неколку секунди.

После тоа, на групата било забрането да коментира на секоја негова објава, а студентите не можеле да објавуваме, туку само да читаме што тој објавува. Во приватни пораки на фејсбук пак, велат во писмото, сопственикот дури и се заканувал дека ако се објавува за таа негова порака, ќе настанат конфликти.

– На 21 јуни, сопственикот Емран Кемаловски објави дека се стигнати сите работни дозволи и дека секој од нас поединечно ќе бидеме повикани во канцелариите на агенцијата и ќе си ги подигнеме дозволите, по што можеме да работиме. Но, по само 2 дена, одреден број од нас (по 1-2 од речиси секоја група) бевме телефонирани од вработени во агенцијата и ни беше кажано дека и покрај објавата на сопственикот, нашите дозволи не се стигнати. Стигнати се само неколку, а за останатите треба да се почека “одреден период”. Кога го прашавме сопственикот колкав е тој период, тој рече дека за 3-4 дена се ќе се реши и сите дозволи ќе пристигнат. На 26 јуни, во телефонски разговор, сопственикот не извести двајца од нашата група дека сме одбиени, нема да добиеме дозволи и нема да работиме. На прашањата како и зошто тоа се случило, која е причината за тоа, тој само кратко и дрско одговори дека нема причина и дека ние едноставно нема да работиме во Германија. Нашата судбина ја делат уште многу студенти, а иако сопственикот Емран Кемаловски лично вети на 27 јуни дека парите кои ги имаме дадено во целата постапка (трошоците за сите документи, курсеви, обуки) а кои изнесуваат над 10.000 денари ќе ни бидат вратени за два дена, сепак парите до денес сеуште не се вратени – пишува студентот.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико