Студентите најавуваат нова стратегија против државниот испит | Правдико

Правдико

   

Студентите најавуваат нова стратегија против државниот испит

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Студентите се противат на државен испит. Велат дека, иако биле доволно гласни, не биле слушнати од премиерот Никола Груевски и од министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.

B20303DF-36E2-4695-AD39-B34222205F07_w640_r1_s_cx0_cy10_cw0Студентскиот пленум вчера (01.12) расправаше, односно нафрлаше идеи, како што се изјаснија неговите членови, околу тоа каква ќе им биде натамошната стратегија по одржувањето на масовниот марш на 17 ноември против екстерното тестирање, кое во меѓувреме стана државен испит. Петтиот пленум по ред и прв по протестите, студентите го свикаа бидејќи, како што велат, иако биле доволно гласни, не биле слушнати од премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.

Студентите се сретнаа на платото пред универзитетот Свети Кирил и Методиј, а средбата ја продолжија во аулата на Правниот факултет, каде расправаа за наредните активности. Од Студентскиот пленум пред средбата изјавија дека ќе се разговара за неколку точки на дневниот ред.

„Првата точка на дневниот ред се понатамошните активности на Студентскиот пленум затоа што борбата продолжува. Втора точка на дневниот ред е во однос на координацијата и мобилизацијата на студентите, како таа би се одвивала, како е најдобро за студентите да се одвива и третата точка на дневниот ред е како понатаму да се координираме со другите градови во однос на тоа, затоа што добивме информации дека и таму постои интерес и постои желба за изразување на студентското незадоволство токму против државниот испит како што е најавен“, изјави една студентка.

Од Студентскиот пленум уште еднаш потенцираа дека се против воведувањето на државен испит на универзитетите.

„Ние цврсто стоиме на ставот дека бараме потполно укинување на државниот испит. Не сме отворени за преговори во однос на форматот за државниот испит, туку бараме потполно укинување на истиот“, вели таа.

Засега студентите не ја исклучуваат, ниту потврдуваат можноста за спроведување на уште еден протест.

„Постои интерес меѓу студентите, не би го најавила сега засега, меѓутоа ќе ги прашаме студентите што сакаат понатаму“, вели претставничка на Студентскиот пленум.

Студентите најавија дека конкретните заклучоци од пленумот ќе ги соопштат утре во текот на денот, бидејќи се очекува средбата да трае до доцна во ноќта. Адеми претходно ја одби поканата од студентите да се сретне со нив, бидејќи, како што изјави, сè уште не бил формулиран концептот каков ќе биде државниот испит. Тој рече дека во првиот момент кога ќе имаат пишан концепт за тоа како ќе изгледа државниот испит ќе го сподели со сите заинтересирани страни. Според него, секако дека ќе биде отворена и дебата во која ќе можат да се вклучат сите, како и студентите кои побараа средба.

На тоа студентите порачаа дека Адеми бил тој кој прв побарал средба и сега немал храброст да се види со нив. Пленумот е против спроведувањето на државниот испит, бидејќи, според нив, тој се коси со автономијата на универзитетите, спротивен е на Уставот и на Болоњскиот процес на студирање и оценување.

Извор: Радио слободна Европа

Препорачуваме

Партнери на Правдико