Судењето за „Траекторија“ одложено за 1 март
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Судењето за предметот на СЈО „Траекторија“ е одложено за 1 март, во кој меѓу другите обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски.
Тој на денешното рочиште повторно побара да бидат отфрлени како докази СМС пораките, бидејќи според него начинот на кој ги има прибавено СЈО не може да ја гарантира нивната автентичност.
Тој обвини дека СМС пораките пред да му бидат дадени на СЈО биле во рацете на СДСМ, како што рече, партија која е негов силен политички противник.
Груевски истакна дека во интерес на постапката и судот смета дека овие докази треба да се отстранат и да не се земаат во предвид понатаму и побара писмено изјаснување на неговото барање. Тој предложи судот да донесе формално решение со право на жалба како во случајот на Зоран Заев.
Обвинителката на СЈО Лиле Стефановска рече дека добива впечаток оти сите приговори на одбраната може да се повторуваат уште шест месеци.
Одбраната побара да и бидат доставени записниците од рочиштата, како и прекин на главната расправа за доволно разумен период во кој ќе им се овозможи увид во аудиоснимките, а судијата Бошевски рече дека претходно веќе тоа им е одобрено и доколку сакаат, можат со претходна најава во судот, да ги слушнат аудио доказите.
Во случајот „Траекторија, освен Груевски, обвинети се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски.
Тие се теретат дека во 2012 и 2013 година презеле дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања и му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.
Извор: Радио Слободна Европа